Лидерот на ЦХП повикува на мирни протести поради апсењето на Имамоглу
- Лидерот на најголемата турска опозициска Републиканската народна партија (ЦХП), Озгур Озел денеска повика на мирни демонстрации поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу

Анкара, 21 март 2025 (МИА) – Лидерот на најголемата турска опозициска Републиканската народна партија (ЦХП), Озгур Озел денеска повика на мирни демонстрации поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.
- На оние кои велат дека повикувањето на луѓе на улица е неодговорно, им кажувам: не сме ние тие што ги полниме овие улици и плоштади. Вашите беззаконија и неправди ги изведоа луѓето на улица, наведе Озел.
Имамоглу, уште двајца градоначалници и 105 членови на ЦХП се приведени пред два дена под сомнение за поврзаност со корупција и тероризам. Нивното апсење беше протолкувано како обид да се елиминира Имамоглу како политички опонент на претседателот Реџеп Тајип Ердоган на претседателските избори во 2028 година. Владини претставници тврдат дека приведувањата не се политички мотивирани.
По приведувањето на Имамоглу, илјадници граѓани демонстрираа во Истанбул, Анкара и Измир. Во главниот град на Турција полицијата синоќа употреби водени топови, а студентите тврдат дека биле употребени и гумени куршуми. Повеќе од 50 луѓе се приведени, а повредени се 16 полицајци.
Во Истанбул има забрана четиридневна забрана за јавни собири и протести до 23 март, а петдневна забрана денеска е воведена во Анкара и во Измир.
Имамоглу беше уапсен неколку дена пред да биде номиниран за претседателски кандидат на ЦХП, а Универзитетот во Истанбул претходно му ја поништени дипломата поради наводни неправилности. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател на Турција. ми/
фото: Википедија