ЕУ презема мерки за заштита на децата од штетните практики на играта „Стар Стејбл“
- Европската Мрежа за соработка за заштита на потрошувачите (ЦПЦ) во координација со Еврокомисијата започна акција против шведската компанија „Стар Стејбл Ентертејмент АБ“ со цел да обезбеди „посигурно и потранспарентно искуство“ за играчите на видео играта „Стар Стејбл Онлајн“ (ССО).

Брисел, 21 март 2025 (МИА) - Европската Мрежа за соработка за заштита на потрошувачите (ЦПЦ) во координација со Еврокомисијата започна акција против шведската компанија „Стар Стејбл Ентертејмент АБ“ со цел да обезбеди „посигурно и потранспарентно искуство“ за играчите на видео играта „Стар Стејбл Онлајн“ (ССО).
Акцијата е покрената на предлог Шведското здружение на потрошувачи, со барање „Стар Стејбл Ентертејмент АБ“ да обезбеди информации за комерцијалните практики со кои децата може да се сретнат во играта ССО.
Според Мрежата ЦПЦ, во играта се идентификувани голем број практики со кои се прекршува законодавството на ЕУ за заштита на потрошувачите и кои можат да бидат особено штетни за децата.
Меѓу овие нотирани „практики“ се директни апели до децата преку реклами да купуваат предмети во играта, употреба на техники за притисок за купување во временски ограничени рок, како и недоволно јасни и транспарентни информации приспособени на децата за купување и користење на виртуелната валута во играта.
На компанијата и се забележува и дека не се погрижила доволно јасно да ги посочи комерцијалните содржини за промоција на производи и да го ограничи прекумерното влијание на маркетиншките техники врз децата.
Шведската компанија сега има рок од еден месец писмено да одговор на забелешките на ЦПЦ и да предложи мерки за нивно отстранување.
- Со оваа акција ЦПЦ ја нагласува потребата видео игрите и нивните комерцијални практики да се приспособат на децата и да не ја искористуваат нивната ранливост, посочи Европската комисија.
Дополнително, ЦПЦ презентираше и упатство „Клучни принципи за доверлив амбиент за онлајн игри“, кое треба да и помогне на индустријата за видео игри да се усогласи со правилата за заштита на потрошувачите на ЕУ, поврзани со користењето виртуелни валути во игрите.
Упатството опфаќа збир на правила за промовирање на транспарентност и правичност во употребата на виртуелни валути во игрите, кои, меѓу другото, опфаќаат изнесување јасни и транспарентни информации за цените, избегнување практики за криење на трошоците за дигитални содржини и услуги, почитување на правото на потрошувачите да се предомислат и водење сметка за ранливоста на потрошувачите, особено кога станува збор за деца.
Европската комисија, од своја страна, најави дека на претстојните консултации за Законот за дигитална правичност, ќе ги покрене и прашањата поврзани со овие иницијативи на ЦПЦ. сп/
Фото: Стар Стејбл