• понеделник, 23 декември 2024

Дончиќ: Уморен сум, имам проблеми со повреди, но мојата желба да играм за Словенија е голема

Дончиќ: Уморен сум, имам проблеми со повреди, но мојата желба да играм за Словенија е голема

Атина, 27 јуни 2024 (МИА) - Лука Дончиќ ќе игра на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Грција. Еден од најдобрите играчи на планетата ќе се обиде да и помогне на репрезентацијата во конкуренција со Грција, Хрватска, Нов Зеланд, Египет и Доминиканската Република да дојде до првото место и пласман во Париз.

Навивачите на Словенија не беа мирни изминативе денови иако Лука пристигна во Љубљана веднаш по финалната серија во НБА лигата и поразот од Бостон. Лекарите имаа полни раце работа, беа направени детални прегледи, Лука доби или подобро речено инсистираше на зелено светло, се појави на тренинг, на 28 јуни ќе игра против Бразил на генералната проба, а потоа со соиграчите заминува во Грција. Целта е јасна.

-Уморен сум, имам проблеми со повреди, но мојата желба да играм за репрезентацијата е голема како и секогаш. Лекарите извршија детални лекарски прегледи, добив зелено светло, а сега сите мисли се свртени кон турнирот што не очекува во Грција. Ги цениме сите ривали, но ќе дадеме се од себе да стигнеме до Париз. Верувам дека имаме тим кој е способен да стигне до целта“, истакна Лука Дончиќ на прес-конференцијата.

Вели дека кошарката за него е повеќе од живот, навистина ужива кога е на теренот и со нетрпение го очекува секој тренинг и натпревар.

-И покрај екстремните напори што ги имав во текот на сезоната во НБА и проблемите со повредите, јас сум многу мотивиран и со многу енергија ги очекувам претстојните дуели, бидејќи сакам повторно да стигнам на Олимписките игри со Словенија. Сакам повеќе од тоа, сакам да се бориме за медал во Париз, порача бекот на Далас Маверикс. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан