• петок, 30 август 2024

Делчевскиот Совет ја усвои завршната сметка за 2021 година

Делчевскиот Совет ја усвои завршната сметка за 2021 година
Делчево, 16 март 2022 (МИА) -  Советот на Општина Делчево на својата 7-ма седница ја усвои завршната сметка на општинскиот Буџет за 2021 година. Согласно со податоците од Одделението за финансии, од вкупно планираните приходи и приливи на Општината во износ од 315,2 милиони денари, наплатени се 290 милиони денари, односно 92 отсто во вкупниот буџет. -Во останатиот дел од Основниот буџет од вкупно планираните 109,5 милиони денари, наплатени се 98,2 милиони денари или 89,7 проценти. Најголема е наплатата на даночните приходи, кои се реализирани во висина од 38,3 милиони денари или 93,3 проценти од планираните, додека  неданочните приходи се со реализација од 78,3 отсто или во износ од 1,4 милиони денари денари, истакна Анка Христова од Одделението за финансии во своето образложување пред советниците. Во 2021 година, како што додаде, реализирани се капитални расходи во износ од 45,8 милиони денари, од кои за изготвување проекти се финансирани 1,2 милиони денари. -Најголем дел од овие средства се за изградба и реконструкција на улици и патишта 23,8 милиони денари, за изградба на канализација во населба Пролет 6,2 милиони денари, за изградба на други објекти во износ од 10 милиони денари (градски пазар), за надомест за одземен имот платени се 1,8 милиони денари, за реконструкција на други објекти 248 илјади денари, додека за отплата на главен долг за реконструкција на детската градинка исплатен е износ од 1,8 милиони денари, додаде Христова. На 7. седница на делчевскиот Совет, беа усвоени и завршните сметки за изминатата година на Јавната локална библиотека „Илинден“, ОЈУДГ „Весели цветови“, ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св. Климент Охридски“ и на СОУ „М.М. Брицо“. вс/вј/

Остани поврзан