• сабота, 23 ноември 2024

Советниците ја изгласаа Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје

Советниците ја изгласаа Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - Триесет членови на Советот на Град Скопје попладнево, во рамки на продолжението на 51. седница, гласаа „за“ Предлог-одлуката за давање согласност на Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во делот на јавна чистота на подрачјето на Град Скопје за периодот од 1 септември до 31 декември годинава. Никој од советниците не гласаше против и немаше воздржани.

Пред гласањето на советниците им се обрати градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, како реакцијата на дел од советниците кои покажуваа фотографии со локации низ Скопје, кои не се исчистени. 

Таа информира дека инспекторите на Град Скопје дежураат во три смени на поединечни локации со цел да укажат на свесност и дека ќе бидат казнети загадувачите. - За жал, ние немаме онолку инспектори колку што има локации на контејнери, каде се прават со намера, очигледно, диви депонии низ Град Скопје, нагласи Арсовска. Посочи дека во над 80 отсто од локациите каде имате, како што рече, „хаварија“ е надвор од контејнерите, а контејнерите се празни. Според неа, јавноста за ова треба да суди, освен ако не е, како што рече, некоја инструкција од некои центри.

Таа изрази загриженост што во земјавата и во Град Скопје институциите, кои имале надлежности, не постапувале во однос на справување и  санкционирање за фрлањето отпад. Појасни дека се работи за 10 градски општини во Скопје со 10 инспекторати, кои имаат комунални инспектори и комунални редари итн. Потенцира дека се надлежни да постапуваат Државниот инспекторат за животна средина, МВР и други. 

- Ова е многу сериозно. Ние цела Армија да ангажираме нема да може да исчисти. Треба сериозен пристап. Одговорноста не може да се бара единствено кај институцијата која исклучиво постапува во овој случај. Ние сме единствената институција во Град Скопје која постапува по овие случаи, изјави Арсовска, додавајќи дека имаат изречено голем број глоби, санкции и едукации. Според неа, кога се бара одговорност,  барањето треба да се прошири и на сите останати кои имаат надлежности.

Во однос на сезонските работници, кои биле 120 или 150, смета дека треба да се изнајде некое поодржливо решение за тоа како овие луѓе трајно да го најдат своето место во Градот каде се потребни.

- Ако не сакате, не барајте оправданија, само не гласајте. Осум месеци не сте ја гласале, нагласи Арсовска. За оваа состојба во Градот, како што рече, единствените виновници сте само вие и никој друг.

Советниците го донесоа Предлог-развојниот план за одржување, реконструкција и изградба на магистрални и собирни улици на подрачјето на Град Скопје за периодот од 2024-2026 година, Одлуката за давање согласност на годишната сметка на ЈСП „Скопје“ за 2023 година.

Советниците со 28 гласа „за“, еден воздржан и без ниту еден глас против го донесоа Предлог-развојниот план за јавен превоз на патници на подрајчето на Град Скопје за периодот 2024-2026 година, но поддршка не добија Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација  на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје, како и Одлуката за набавка на еко-автобуси.

Поддршка од советниците попладнево добија повеќе предлог-програми, како и Предлог-планот за енергетска ефикасност на Град Скопје за 2024 година.мд/лв/

Фото: Принтскрин 

 

 

Остани поврзан