• среда, 25 декември 2024

Грчките медиуми за потпишаниот договор меѓу Скопје и Атина за интерконекторот за природен гас

Грчките медиуми за потпишаниот договор меѓу Скопје и Атина за интерконекторот за природен гас
Атина, 10 јули 2021 (МИА) –  „Грција и Северна Македонија го потпишаа договорот за интерконекторот за природен гас“; „Енергетиката ги приближува Грција и Северна Македонија“; „Потпишан договорот меѓу Грција и Северна Македонија за гасоводот за природен гас“; „До 2024 година ќе биде готов гасоводот меѓу Грција и С.Македонија“; „Потпишан договорот за интерконекторот за природен гас“, се дел од насловите во грчките медиуми за договорот за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас меѓу двете земји, што вчера го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас, јави дописничката на МИА од Атина. Државната телевизија „ЕРТ“ коментира дека е постигната уште една енергетска интерконекција „што ја зајакнува клучната улога на Грција на Балканот“ и додава дека изградбата се очекува да заврши до 2024 година. Онлајн изданието на весникот „То Вима“ пишува дека договорот ги приближува Северна Македонија и Грција, „бидејќи ја зајакнува економската соработка меѓу двете земји и им дава поттик напред на билатералните односи кои во последно време беа засенети од прашањата поврзани со имплементација на Преспа Договор од двете страни“. Грчките медиуми ги пренесуваат и изјавите на двајцата министри веднаш по потпишувањето и задоволството што го изразија за постигнатиот договор. Потпишувањето на договорот беше во присуство на амбасадорот на САД во Атина Џефри Пајат, кој на Твитер објави фотографии, напиша дека е горд поради неговото присуство и упати честитки „за овој значаен чекор напред за диверзификација на регионалното снабдување со енергија, заменувањето на лигнитот во поддршка на нашите заеднички климатски цели“. „То вима“ коментира дека присуството на Пајат покажува дека „договорот меѓу Атина и Скопје има американска согласност, бидејќи ја намалува енергетската зависност од трети земји на Западниот Балкан“. Медиумите во Грција, паралелно, пренесуваат и дел од учеството на премиерот Зоран Заев на конференцијата на „Економист“, особено неговата изјава во која изрази задоволство за потпишувањето на договорот. Од Министерството за животна средина и енергија на Грција соопштија дека гасоводот ќе има вкупна должина од 123 километри, од кои 55 на грчка територија, почетниот капацитет ќе достигне до 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до три милијарди кубни метри годишно, а ќе се спроведат и научни студии со цел гасоводот да ги има спецификациите за транспорт на зелен водород. Проектот се очекува да чини 110 милиони евра, од кои 51,4 милиони ќе ги инвестира ДЕСФА на грчка страна од проектот, по тест на пазарот во блиска иднина. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 100 милиони евра, а од овие средства инвестицијата на Северна Македонија изнесува 54 милиони евра. Според Министерството за економија на Северна Македонија, во следниот период ќе следи потпишување на Договор за соработка помеѓу „Национални енергетски ресурси„ АД Скопје и Грчкиот национален оператор на гас ДЕСФА со кој што двете страни ќе гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави. Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, како што вчера информираше МИА од Атина, го потпишаа Договорот меѓу двете Влади, а на церемонијата присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, извршниот директор на “Национални енергетски ресурси“ АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Грција, Џефри Пајат. ср/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан