• среда, 29 јануари 2025

Маринакис: Преку вчерашните протести граѓаните испратија силна порака дека бараат правда за несреќата кај Темпи

Маринакис: Преку вчерашните протести граѓаните испратија силна порака дека бараат правда за несреќата кај Темпи

Атина, 27 јануари 2025 (МИА) – Несреќата кај Темпи е колективна траума и сите граѓани бараат правда, а пред сè роднините на жртвите. Правдата ќе биде задоволена преку одлуките на судот, а правдата ќе ја дадат само судските службеници. И ова барање граѓаните вчера го искажаа преку протестите, на кои навистина беа многубројни, а испратија силна порака за правдата и никој не може да го игнорира ова барање, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис увери дека „не постои човек, без разлика дали има владина функција или е во опозициска партија што не сака правда“ и додаде дека целиот случај со несреќата „во моментов е во многу критична фаза, во фаза на главната истрага која се води во тајност“, нагласувајќи дека „она што Владата мора да го направи е да ја остави правдата да си ја врши работата“.

По вчерашните масовни протести низ цела Грција, но и во странство за железничката несреќа пред речиси две години кај Темпи во која загинаа 57 лица, од опозициската СИРИЗА најавија дека ќе покренат иницијатива за прашањето одново да биде отворено на собраниска дискусија.

Според грчките медиуми, претседателот на СИРИЗА Сократис Фамелос, вчера стапил во контакт со лидерите на ПАСОК, Никос Андрулакис, на Нова левица Алексис Харицис и лидерката на Курс на слободата Зои Константопулу за да разговараат за заеднички координирани напори во насока на иницијативи во Парламентот.

Сите четворица партиски лидери вчера присуствува на протестот на плоштадот Синтагма во центарот на Атина.

Портпаролот на грчката Влада, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Фамелос за дискусија во Парламентот, рече дека Владата ќе одговори позитивно, дека чекаат официјално да биде доставен за да се објави датумот кога ќе се одржи расправата, потенцирајќи дека ќе биде присутен и грчкиот премиер за да одговори бидејќи „никогаш не се криел, ниту ќе се крие и секогаш дава одговори“. ср/паг/

Остани поврзан