• сабота, 27 јули 2024

Гир - Адеми: Во Извештајот на ЕК активностите на Врховниот суд првпат се нотирани како позитивни

Гир - Адеми: Во Извештајот на ЕК активностите на Врховниот суд првпат се нотирани како позитивни
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир денеска на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, официјално и го предаде Извештајот за напредокот на земјава за 2022 година. Како што информираат од Врховниот суд, претседателката на судот, Адеми искажа благодарност до амбасадорот Гир за официјалното предавање на Извештајот на ЕК во највисокиот суд во државата и претставник на судската власт, чии активности и заложби се нотирани во новиот извештај. - Посебно ни значи што во Извештајот на Европската комисија првпат се нотирани како позитивни активностите на Врховниот суд на Република Северна Македонија во поглед на напорите за подобрување на конзистентноста во пресудите и усогласување на судската практика, донесувањето на новиот Деловник за работа на Врховниот суд, усвојувањето на начелните правни мислења, ставови и заклучоци кои редовно се објавуваат на веб страницата на Судот, како и за потпишувањето на Декларацијата за отворено судство, која треба да помогне да се подобри транспарентноста и довербата на јавноста во судството. Ваквите констатации на Европската Унија за нас како суд претставуваат големо охрабрување, истакна Адеми. Амбасадорот Гир нагласи дека нотирањето на активностите и напорите на Врховниот суд во Извештајот на ЕК е силен знак за посветеноста и придонесот на Врховниот суд во реформскиот процес и дека реформите треба да продолжат со истата посветеност во интерес на граѓаните. Амбасадорот истакна дека професионалноста е најсилната гаранција за ефикасноста и за независноста на секое судство и дека капацитетот на институциите е од суштинско значење за остварувањето на правдата. На денешниот настан на кој присуствуваа сите судии од Врховниот суд, се обратија и судиите Џемали Саити и Мирјана Лазарова Трајковска, кои истакнаа дека меѓународната соработка и соработката на највисокиот суд во државата со Европската унија е од голема важност во спроведувањето на реформскиот процес и дека Врховниот суд ќе биде многу посветен на новата Стратегија за реформа на правосудниот сектор која во Извештајот на ЕК е посочена како клучен документ за правосудството. дма/сп/

Остани поврзан