Герасимовски: Го решаваме проблемот со спорната парцела на улица „Киро Крстевски-Платник“, ќе се урива нелегалниот објект
- СООПШТЕНИЕ:

Скопје, 14 февруари 2025
Општина Центар презема конкретни чекори за конечно решавање на спорниот простор зад зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11. Благодарение на успешната соработка со една од банките, која ја имаше под хипотека оваа парцела, обезбедена е донација на земјиштето во корист на Општината.
,,Пред зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11, жителите со години се спротивставуваа на обидите за узурпација на просторот зад нивната зграда, кој првично бил предвиден за паркинг, но подоцна незаконски добил маркица за градба. Во минатото, тие се соочија со насилни приведувања, притисоци и судири со инспекторите и полицијата, бранејќи го својот имот од градежна механизација” изјави Герасимовски на средбата која ја имаше со граѓаните кои живеат на таа локација.
Дополнително, со поддршка од истата банка, ќе биде покриен трошокот за рушење на нелегално изградената градба, додека Општината ќе го преземе расчистувањето на теренот. Со оглед на ограничениот пристап и специфичноста на просторот, целиот процес ќе се одвива во неколку фази, со ангажман на соодветна механизација.
Градоначалникот и службите веќе направија теренски увид, а следен чекор е заедно со жителите да се дефинира најдоброто решение за уредување на просторот. Наместо нова градба, целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, во согласност со барањата на граѓаните.
,,Денес, по 20 години борба, оваа неправда е конечно исправена. Со моја лична заложба како градоначалник и со поддршка од службите, Општина Центар успеа да го врати земјиштето во сопственост на општината. Нема да дозволиме никаква градба на оваа локација! Наместо тоа, во координација со вас граѓаните, ќе обезбедиме похумано и уредено опкружување што ќе одговара на вашите потреби. Ова е победа на вас жителите и доказ дека упорноста носи резултати”! се обрати Герасимовски на средбата со граѓаните.
Општина Центар
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Општина Центар