• среда, 27 ноември 2024

Герапетритис: Прашањата за суверенитет не се вклучени во грчко-турскиот дијалог

Герапетритис: Прашањата за суверенитет не се вклучени во грчко-турскиот дијалог

Атина, 25 октомври 2024 (МИА) – Сакам да ве уверам дека прашањата за суверенитет не се вклучени ниту некогаш ќе бидат вклучени во кој било дијалог што се води за грчко-турските односи, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија посочи дека дијалогот е „неопходен елемент во дипломатијата“, а за дијалогот со Турција истакна дека е очигледно дека нема да се согласат за сè и имаат „сосема друга почетна точка“.

-Се подразбира дека која било дискусија што ќе се однесува на разграничувањето на Ексклузивната економска зона и на континенталниот гребен, ќе биде под апсолутен предуслов дека има целосно почитување на меѓународното право и е единствената разлика што ќе се стави на маса, рече Герапетритис.

Се осврна и на проширувањето на територијалните води на Грција за што рече дека е „прашање што се однесува на грчкиот суверенитет“, ќе се врши на начинот предвиден од меѓународното право, нешто за што има целосна согласност во Владата.

Герапетритис за две седмици во Атина ќе се сретне со неговиот турски колега Хакан Фидан. ср/сд/

Остани поврзан