• петок, 08 ноември 2024

Во Крива Паланка им беше оддадена почит на тројцата загинати бранители

Во Крива Паланка им беше оддадена почит на тројцата загинати бранители

Крива Паланка, 24 мај 2024 ( МИА) – Со едноминутно молчење и полагање на свежо цвеќе пред споменикот на тројцата загинати бранители Јане Јакимовски, Горан Стојановски и Момир Стојановски, денеска во Крива Паланка во организација на Здружението на бранители „Херои на Македонија“ им беше оддадена почит на македонските херои.

На спомен-обележјето пред полициската станица во Крива Паланка цвеќе положија семејствата на загинатите бранители, делегации од Општина Крива Паланка, од СВР Куманово, од полициските единици за брзо распоредување, за специјални задачи, за обука и поддршка, од ОВР Крива Паланка , ПС граничен премин Деве Баир, ПС за граничен премин и граничен надзор, од Советот на Општина Крива Паланка, делегации од политички партии, здружение на бранителите, здруженија на пензионери, институции и граѓани.

Во таа чест денеска во Крива Паланка се одржува и традиционалниот меморијален локален турнир во мал фудбал.

По положувањето на цвеќе, продолжи официјалното отворање на 22 Меморијален турнир во мал фудбал во спортската сала што го носи името „Бранители 2001" 

Пред присутните се обрати претседателот на Здружението на бранители, Владе Стојановски, кој истакна дека институциите и на локално и на централно ниво секогаш излегуваат во пресрет на нивните барања, а ваквиот начин на изразување пиетет кон бранителите, преку спортски средби, кој веќе 22 години се негува, е нешто што го чува нивното име од заборав.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се обрати пред присутните, истакнувајќи дека влогот на бранителите во нашата денешна слобода, за која ги положија животите, е незаборавен.

– Нивното херојство е свет аманет пред нас, го чуваме од заборавот и најмалку што можеме да направиме е преку ваквите настани да го оживуваме споменот и за Јане, Горан и Момир, но и за сите македонски херои што се вградија во вечниот паметник на македонската историја. Годините што изминуваат не ја намалуваат болката по изгубените македонски синови и се потсетник дека херојството во име на татковината е највисок идеал на секој човек, рече Митовски.

Општина Крива Паланка секогаш го поддржува локалниот меморијален турнир што го одржува споменот за хероите. ид/ра/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан