• петок, 23 август 2024

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Од 12 до 18 август во државава регистриран е 271 нов случај на болни од Ковид-19 што претставува зголемување од 60,4 проценти во однос на претходната недела. Тестирани се вкупно 608 материјали во лабораториите каде се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 33,3 проценти.

- Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 17 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје - 152, Кавадарци - 25, Тетово - 23 и од Охрид - 22, a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје објавен попладнево.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најголем број  случаи пријавени се во возрасната група над 60 години.

- Во текот на минатата недела, пријавено е едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Се работи за лице на возраст над 60 години, со коморбидитети, невакцинирано со вакцина против Ковид-19, појаснуваат од ИЈЗ.

Заклучно со 18 август, пријавени се вкупно 351.364 случаи на Ковид-19 од кои 23.245 реинфекции.

- Регистрирани се 167.343 машки и 184.021 женски заболени лица. Најголем број заболени се на возраст над 60 години - 90.796, додека највисок морбидитет (26.333,6/100.000) се регистрира кај возрасната група од 30-39 години, пишува во извештајот.

Комисијата за заразни болести излезе со препораки за почитување на основните мерки за превенција од Ковид-19, а министерот за здравство Арбен Таравари денска на прес-конференција поврди дека има пораст на бројот на заболени и апелираше да се почитуваат препораките од здравствените власти.  

- Има пораст на бројот на регистрирани со Ковид во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат - треба да се придржуваме на правилата - отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите кои се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Ковид, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, рече министерот на прес-конференција каде беа промовирани девет нови генерички лекови кои се ставаат на Позитивната листа.

Првиот случај на Ковид 19 во земјава беше регистриран на 26 февруари 2020 година. бд/бак/

Фото: МИА архива, ИЈЗ

Остани поврзан