• сабота, 23 ноември 2024

Бешлиоска: Медицинските сестри се многу важни во системот, образованието и инвестицијата во сестринството е инвестиција во здрава нација 

Бешлиоска: Медицинските сестри се многу важни во системот, образованието и инвестицијата во сестринството е инвестиција во здрава нација 

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Медицинските сестри се многу важни во системот, образованието и инвестицијата во сестринството е инвестиција во здрава нација. Покажавме дека сме рамо до рамо со современото сестринство. Ова го истакна денеска на прес-конференција, Гордана Бешлиоска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.

Таа додаде дека Здружението на сестринството, покрај влезот во Балканската асоцијација на сестринствата, влегува и во Европската асоцијација. На денешниот настан беа поделени сертификати, а се зборуваше и за иднината и стратегијата. Беа испорачани стратешките заложби. 

Бешлиоска информираше дека пред два дена имале средба со синдикатите и побарале коефициентот на сестрите со средна стручна спрема мора да се помести. Очекуваат позитивен одговор од преговорите. Повторно ги отвориле прашањата за непризнавањето на високото образование и специјализации, во одредени болници. Се со цел, како што нагласи, да се мотивираат и задржат сестрите. Да нема вработувања на договор на дело. 

- Се надеваме дека многу  брзо ќе ја озакониме професијата, подвлече таа. 

Таа додаде дека не се заминува само поради ниските плати, туку, меѓу другото и поради неутврдени работни задачи, незадоволство од општествениот статус. 

Бешлиоска рече дека очекува личните доходи во нето износ да се поместат за околу две ипол илјади денари за сестрите со средно образование. Линеарно да се поместуваат и платите на тие со високо образование. Дополнително ќе се отвараат и прашањата за бенефиции. Таа рече дека се соочуваат со недостаток од кадар од 50 проценти, според стандардите за застапеност во болниците. 

Доктор Злате Мехмедовиќ, координатор за стратешките програми, рече дека се работи на тоа сестрите да бидат основата на здравствениот систем. Тој се осврна на значајноста на нивната улога, рече дека 80 проценти од времето со пациентите, го поминуваат, сестрите. бд/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан