• вторник, 24 декември 2024

Бектеши: Ќе доделиме 3.555 ваучери за туризам за работници со ниски приходи во вредност од 18.000 денари

Бектеши: Ќе доделиме 3.555 ваучери за туризам за работници со ниски приходи во вредност од 18.000 денари

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Министерството за економија годинава ќе додели 3.555 ваучери во вредност од по 18.000 денари за одмор во домашни туристички капацитети за работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари.

Јавниот повик, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе биде објавен в понеделник на 12 февруари, а право на учество имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари. За оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, односно ќе се издадат вкупно 3.555 ваучери.

-Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страницата на Министерството за економија. Потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година, истакна Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес, додаде, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона. 

-Оваа мерка во минатото даде видливи резултати. Бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а бројот на ноќевања веќе и го надмина бројот на странски туристи. Денеска е краен рок за аплицирање за хотелите кои сакаат да примаат гости со ваучери за одмор. Тие што не аплицирале досега можат тоа да го направат преку пошта или во Архивата на Министерството за економија, прецизира потенцира Бектеши.

За учество на јавниот повик, како што кажа, барателите до Министерството за економија треба да достават барање кое ќе може да го најдат на веб страницата или во Архивата на Министерството; потврда од работодавецот за висината на исплатена плата и извод од банка за последните три месеци за подносителот и на членовите на потесното семејство; потврда од Агенцијата за вработување со која се докажува дека членовите на потесното семејство не се вработени; за членовите од семејството кои се над 18 години и се средношколци или студенти се доставува потврда од образовната установа. Покрај тоа барателот треба да достави и фотокопија од лична карта и извод од матична книга за него и семејството; доказ за членовите на потесното семејство (Извод од матичната книга на венчаните, потврда за развод или посмртница за член од семејството); изјава дека барателот морално, материјално и кривично одговара за внесените податоци заверена на нотар. 

Барањата со комплетна документација се доставуваат до Архивата на Министерството за економија, на ул. „Јуриј Гагарин“15, Скопје најкасно до 29 февруари 2024 година. вј/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан