ТППЕ Куманово апелира граѓаните да бидат внимателни и да омогнат во справувањето со пожарите
- По серијата пожари што последниве денови го зафатија кумановско, од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово денеска апелираaт граѓаните да бидат внимателни, подготвени и онаму каде што е можно, да помогнат во справување со пожарите, без да ја загрозат сопствената безбедност. Заменик-командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски, во изјавата за медиумите рече дека интервенции изминатиот викенд се извршени во атарот на селото Бељаковце, каде што пожарите зафатиле шуми, сува вегетација и стари објекти.

Куманово, 28 јули 2025 (МИА) - По серијата пожари што последниве денови го зафатија кумановско, од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово денеска апелираaт граѓаните да бидат внимателни, подготвени и онаму каде што е можно, да помогнат во справување со пожарите, без да ја загрозат сопствената безбедност. Заменик-командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски, во изјавата за медиумите рече дека интервенции изминатиот викенд се извршени во атарот на селото Бељаковце, каде што пожарите зафатиле шуми, сува вегетација и стари објекти.
– Граѓаните што имаат викендички и куќи во тој предел активно се вклучија и ни помогнаа при гаснењето. Имаше и такви кои се јавуваа и нудеа волонтерска помош, па дури и бараа опрема од нас за да се приклучат на терен, изјави Станковски.
Во последните два дена, освен нискостеблеста шума и сува трева, на подрачјето на Бељаковце биле зафатени и стари куќи.
– Во изминатите два дена опожарени беа и стари објекти, односно стари куќи. Меѓутоа, во тие стари куќи можеме да кажеме преку триесетина години не живее никој, вели Станковски.
Противпожарната единица ги повика сопствениците на имоти во рурални и шумски подрачја да преземат основни мерки на заштита. Како приоритет се посочува расчистување на тревата и вегетацијата околу објектите, но и користење на земјоделска механизација за создавање противпожарни пресеци.
– Таму каде што имаме механизација, многу ни е полесно да го контролираме пожарот. Затоа ги охрабруваме граѓаните да ни помогнат со она што го имаат на располагање, додава Станковски.
Тој кажа дека како екипи носат повеќе грбни прскалки кои се ефикасни при интервенции на непристапен терен. Од ТППЕ Куманово предупредуваат и за опасностите од вдишување чад.
- Нашата препорака е граѓаните каде што има многу чад, да не влегуваат, затоа што може да дојде до задушување, или доколку се во можност, да носат соодветни маски или некои топли крпи или маици за покривање на дишните органи, апелира Станковски.
Противпожарната служба упатува благодарност до сите што помогнаа и повторно апелира на максимална внимателност. ам/ев/
Фото: МИА и ТППЕ