АПРЗ со директни инфо средби со пелагониските земјоделци за програмата ИПАРД
- Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола, денеска почна јавна кампања со која земјоделците пд пелагонискиот регион ги информира за можностите што ги нуди програмата ИПАРД.

Новаци, 20 февруари 2025 (МИА) - Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола, денеска почна јавна кампања со која земјоделците пд пелагонискиот регион ги информира за можностите што ги нуди програмата ИПАРД.
Информативната кампања е со цел да им се овозможи запознавање на земјоделците за тековниот јавен повик од програмата ИПАРД, мерка-1, истакна Пеце Стојковски, директор на АПРЗ.
-Со овој повик сакаме да се зголеми конкурентноста на нaшето земјоделство и да се постигнат стандардите на Европската унија. На овие информативни средби земјоделците ги запознаваме со можноста за финансирање, колкава е можноста за поврат на средства од вкупната инвестиција што ја оствариле, и притоа земјоделците може да добијат поврат на средства до 75 проценти во зависност од тоа дали се млади земјоделци или инвестираат во планински подрачја, каде повратот на средства е 60 насто, посочи Стојковски.
Во изјава за медиумите, Стојковски нагласи дека преку програмата ИПАРД може да аплицираат за набавка на механизација, но и за материјали за обновливи извори на енергија.
-Земјоделците ги информираме за тоа кој може да аплицира, во што може да инвестираат и притоа може да инвестираат во материјали за основни средства, потоа набавка на трактори, механизација, приклучна механизација и друго. Програмата ги опфаќа секторот растително производство во кој се житните култури, секторот сточарство, говедарство, свињарство, живинарство, овчарство, потоа секторот рибарство. Важно е да се истакне, рече Стојковски, дека со оваа програма може да се инвестира и во енергија за обновливи извори што ќе ја користат за сопствено производство. Земјоделците може да набават материјали за енергија што се добива од сонцето, ветерот, биомаса и други материјали за обновлива енергија.
Јавната информативна кампања денеска се одржа со земјоделците од општините Новаци и Могила, и ќе продолжи, посочија од државната Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола. мт/сст/
Фото: МИА