• среда, 25 декември 2024

Антикризни мерки во најава, инфлацијата 18,7 отсто

Антикризни мерки во најава, инфлацијата 18,7 отсто
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) – Најдоцна до вторник 12 октомври треба да бидат објавени антикризните мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, најави вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Во меѓувреме Државниот завод за статистика објави дека трошоците на  животот во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7, а цените на мало за 14,7 проценти. – Во финална верзија се мерките кои ќе значат поддршка на најранливата категорија на граѓани. Овие денови до вторник ги финализираме заедно со министерот за финансии и економскиот тим на Владата. Следната недела многу скоро ќе биде објавено кои групи ќе бидат опфатени и колкава ќе биде поддршката што граѓаните ќе ја добијат во следниот период се со цел да излеземе во пресрет на сите ранливи категории на кризата, изјави Тренчевска при вчерашната посета на Штип. Како што истакна, се разгледува опцијата дали ќе бидат делени ваучери или средствата за поддршка ќе бидат уплатени на сметките на граѓаните или пак ќе има ваучери за купување на домашни производи. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека Владата работи на тоа да продолжи економската активност, да се поддржат најранливите категории граѓани, да се одржи ликвидноста и на Буџетот и на стопанството воопшто. Прави се, како што рече, за да обезбеди дополнителни антикризни мерки за граѓаните и стопанството во услови кога светот се соочува со една од најголемите економски и енергетски кризи после Втората светска војна. -Врз основа на очекувањата, но не само на компаниите туку и очекувањата на работниците, на синдикатите веќе во Министерството за труд и социјална политика се подготвуваат мерките за најранливите категории заедно со Министерството за финансии, а за компаниите како што веќе ви кажав се прават калкулации прво на можност на субвенционирање на цената на електричната енергија и второ ние не се откажуваме за набавка преку директни договори со други држави на пониска цена на електрична енергија. Добро е што активностите кои што ги презема ЕК и воопшто ЕУ, рече Ковачевски, во телевизиско интервју. Тој најави и дека во наредните денови ќе има позитивна вест од преговорите со Меѓународниот монетарен фонд и другите меѓународни институции и кредитори со кои се разговара за обезбедување финансии поради енергетската криза. Компаниите, пак,  во неколку наврати укажаа дека чекаат поддршка од Владата, а доколку продолжи енергетската криза и стопанството не ја добие потребната помош,  најавија дека ќе следи намалување на бројот на вработени од 30 до 50 проценти. – Состојбата е тешка и бараат поддршка и премостување на нивните потешкотии со кои се соочуваат. Од сите контакти со компаниите, се посочува дека не би сакале на почетокот од следната година да прават реструктуирање во нивните капацитети, односно не би сакале, редуцирање на она што значи кадар којшто треба да продуцира додадена вредност. Со анкетирање на над 200 компании, добивме одговор дека голем дел од нив од следната година доколку продолжи кризата и доколку ја немаат поддршката, според нивните очекувања, ќе следи од 30 до 50 проценти намалување на вработените што никој не го сака, рече на прес-конференција потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска. Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи, пак, смета дека Владата нема да си дозволи отпуштање на 350 000 работници. За него опасна е претпоставката дека поради енергетската криза ќе се отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените во компании или 350.000 работници. -Сметам дека Министерството за труд и социјална политика и  Владата нема да си дозволат околу 350.000 вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија, на социјална помош. Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство, бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок, изјави вчера Бошков. Веќе влегуваме во третата деценија на слободна пазарна економија, нагласи, и оние детски болести од отвори – затвори на компании мислам дека ќе станат минато и дека стануваат минато и дека одржливоста на компаниите е главниот фактор за економијата. Од Сојузот на синдикатите на Македонија и вчера повторија дека Владата доцни со мерките и потенцираа дека инфлацијата достигна 18,7 отсо, а синдикалната минимална кошница 50.224 денари. -Инфлацијата излезе надвор од контрола и таа според  последните пресметки достигна високи 18,7 проценти, а Владата не презема ништо во изминатиот период да се спречи ваквиот галопирачки раст. Трендот на осиромашување на работниците и граѓаните никој не го спречува, туку напротив газдите се закануваат со откази, велат од Сојузот на синдикати на Македонија. Не може, укажуваат од ССМ, да се справувате со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците, поради тоа ССМ инсистира  платите во државата да го следат порастот на инфлацијата од 18,7 проценти, но и порастот на синдикалната кошница. Од ССМ ги повторија барања за доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, како и проширување на повеќе прехранбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа. Исто така, ССМ бара да се воведе повторно мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза односно да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224,00 денари). Од Владата и вчера апелираа  до граѓаните да бидат мирни во овие тешки времиња, затоа што, како што рече премиериот, деноноќно се работи за да се обезбеди сѐ. Обезбедно е парно во Скопје од стартот на грејната сезона до крајот на месецот, а за понатаму се подготвуваат две решенија, се преговара за набавка на гас и да има алтернативен енергенс. 

-Оваа година направивме се Скопје да има парно на 15 октомври. Не беше лесно со оглед на екстремно високата цена на гасот, но оглед на краткотрајното намалување на цената на гасот и договорот којшто Макпетрол го има со добавувач со којшто традиционално работи, до крајот на октомври е обезбедена количина за работа на топланите.  За понатаму се подготвуваат нормално две решенија, се преговара и за гас, меѓутоа и да има алтернативен енергенс кој што ќе може да се користи доколку нема гас, рече Ковачевски, кој укажа дека проблем е не само цената на гасот, туку и достапноста, но се прави се за да се обезбедат енергенси топлификација да работи во тек на цела зима.

Покрај преговорите за набавка на енергенси, во собраниска процедура е и законското решение со кое ќе се овозможи нафтените деривати од државните резерви да се користат доколку има потреба. Група пратеници од владејачките партии до Собранието предложи Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка, со кој се врши доуредување на одредбите од Законот за задолжителни нафтени резерви во насока кон олеснување на справувањето со актуелната енергетска криза. Се предлага дополнително решение кое треба да овозможи нафтените деривати од задолжителните резерви да се стават во функција, односно да се издадат краткорочни позајмици и/или да се отстапат без надоместок одделни нафтени деривати од задолжителните резерви на одредени корисници, односно на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон. Тоа, како што велат предлагачите, ќе придонесе кон полесно справување со актуелната енергетска кризна состојба, а ќе се применува до денот на пристапувањето на земјава во Европската Унија. Според податоците што ги објави вчера Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај сирењето и урдата за 9,9 проценти, свежото и разладеното овошје за 6,3 проценти, млекото за 5,7 проценти, рибата и морските плодови за 3,5 проценти, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 3,1 процент, пивото за 2,9 проценти, лебот и житата за 2,6 проценти, месото за 2,2  проценти.вј/лв/  

Остани поврзан