• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Албанскиот претседател Бегај во официјална посета на Австрија

Албанскиот претседател Бегај во официјална посета на Австрија

Тирана, 26 март 2025 (МИА) - Албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера пристигна во официјална посета на Австрија, на покана на неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен.

Двајцата претседатели синоќа во Виена имаа тет-а-тет средба, по што им се придружија и нивните делегации.

На прес-конференција по средбите, Бегај рече дека тој и неговиот австриски колега разговарале за повеќе теми и изразил благодарност на Австрија за континуираната и посветена поддршка на Албанија во многу области како што се економијата, образованието, туризмот, реформите во судството и особено во забрзувањето на процесот на европска интеграција.

Бегај оценил дека односите меѓу двете земји претставуваат партнерство што секојдневно се зајакнува, нагласувајќи дека „Албанија и Австрија имаат одличен дијалог и споделуваат исти стратешки интереси, зачувувајќи ги заедничките евроатлански вредности".

-Мораме да обезбедиме овие стратешки интереси да се рефлектираат во заедничките акции за иднината на развиена Албанија, за Албанија како земја членка на Европската унија, за безбеден, мирен и интегриран во ЕУ Западен Балкан и за регион кој е далеку од влијанието на трети страни, посочил Бегај.

Претседателот на Албанија го оцени состанокот на Европската политичка заедница (ЕПЦ), кој ќе се одржи во Тирана на 16 мај, како „важна и добра вест за Албанија".

На средбата меѓу двајцата претседатели станало збор и за темата за Косово. Албанскиот претседател изразил благодарност до својот австриски колега за улогата и придонесот на Австрија во независноста и зајакнувањето на младата држава, за новите земји кои ја признаваат нејзината државност, како и за членството на Косово во регионалните и меѓународните организации.

Бегај вчера се сретна и со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кому исто така му изрази благодарност за поддршката што Австрија и ја дава на Албанија во клучните историски моменти.

-На средбата беше реафирмирана заложбата за напредок во економската соработка покрај силните политички односи. За време на посетата се очекува албанскиот претседател да се сретне и со албански државјани кои живеат во Виена и Линц, јави Албанската радио-телевизија. вт/рп/

Фото: ФБ на Бегај

Остани поврзан