ЈКП „Стандард“ го чисти Дебар, апелира до граѓаните за поголема совесност
- Вработените во дебарското јавно комунално претпријатие „Стандард“ деновиве максимално се ангажирани во чистење на градот.

Дебар, 4 февруари 2025 (МИА) - Вработените во дебарското јавно комунално претпријатие „Стандард“ деновиве максимално се ангажирани во чистење на градот.
- Благодарение на добрите временски услови, продолжуваме со подигање на заостанатиот отпад од улиците, тротоарите, градскиот парк, расчистување на дивите депонии. Максимално сме ангажирани во реализација на активностите за миење на улиците за градот да биде што почист, изјави за МИА Бурим Каба, директор на ЈКП „Стандард“.
Додава дека акцијата за чистење на улиците во општината ќе биде проширена и во руралните населени места.
-Тоа е наша пракса која ја применуваме неколку години по ред и ја продолжуваме. И во оваа прилика сакам да упатам апел до граѓаните отпад да фрлаат на определеното место за тоа. Имаме преубава природа и жално е што ја загадуваме, порачува Каба.
За жал и покрај редовните апели сè уште редовна е појавата кога несовесни граѓани создаваат диви депонии каде што ќе стигнат, фрлајќи секаков вид отпад.
Во насока на чиста животна средина, минатата година претпријатието постави контејнери за отпад по селските населби, откако првпат доби дозвола за управување со неопасен отпад (собирање и транспорт на неопасен отпад). вт/мд/
Фото: ЈКП „Стандард“