Филипче за предлогот за разрешување на Коцевски: Ние сме против концептот на притисок кон било кого во правосудството
- -Ние сме против концептот на притисок кон било кого во правосудството. Тоа не смее да се дозволи. Ние имаме препораки од Оценската мисија што треба да се направи во правосудството. Но ниту една препорака не е имплементирана. Нема нов закон за Јавно обвинителство, треба да има нов кривичен закон, тоа се суштинските работи што треба да ги видиме во правосудството, а не кој да биде на некоја позиција и се поставува прашањето кои се критериумите. Дајте да ги донесеме европските критериуми, дајте да ја донесеме европската обвинителка за некоуи случаи за кои потенциравме, изјави Филипче.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе го поддржат предлогот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, одговори дека СДСМ е против концептот на притисок против било кого во правосудството.
-Ние сме против концептот на притисок кон било кого во правосудството. Тоа не смее да се дозволи. Ние имаме препораки од Оценската мисија што треба да се направи во правосудството. Но ниту една препорака не е имплементирана. Нема нов закон за Јавно обвинителство, треба да има нов кривичен закон, тоа се суштинските работи што треба да ги видиме во правосудството, а не кој да биде на некоја позиција и се поставува прашањето кои се критериумите. Дајте да ги донесеме европските критериуми, дајте да ја донесеме европската обвинителка за некоуи случаи за кои потенциравме, изјави Филипче.
Според него, се што оваа власт презема во правосудството, а не значи вистинска реформа, не води никаде и тоа, рече, граѓаните не го сакаат.
-Ова да не се фати дека сум нечиј адвокат, најмалку на јавниот обвинител којшто лично не го ни познавам. Но сметам дека се она што значи партиски притисок да се постават партиски луѓе значи се подлабоко заглавување на правосудството, нешто што граѓаните не го сакаат. Граѓаите сакаат реформи и вистинско правосудство на коешто може да му се верува. Ова не е тој механизам и тоа не се случува само сега со овој притисок на обвинителот, се случува цело време изминатите година и пол дена наназад, рече Филипче.
Најави дека и официјално и многу скоро ќе испратат писмо до европската канцеларија со кое ќе ја повикаат европската обвинителка Лаура Ковеши да дојде во земјава за го истражи скандалот со ИПАРД.
Владата вчера на седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и ќе го достави до Собранието. Портпаролката на Владата Марија Митева во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период. Митева информираше дека предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.
-Причините за оваа иницијатива се јавни познати, и Владата досега повеќепати ги има образложено, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена - јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните, рече вчера Митева. нд/са/
Фото: СДСМ