• сабота, 22 февруари 2025

Уапсен тинејџер осомничен дека планирал напад врз амбасадата на Израел во Берлин

Уапсен тинејџер осомничен дека планирал напад врз амбасадата на Израел во Берлин

Берлин, 21 февруари 2025 (МИА) - Германските власти вчера уапсиле 18-годишно момче осомничено дека планирало политички мотивиран напад врз израелската Амбасада во Берлин, изјавија денеска безбедносни извори за ДПА.

Според информациите на ДПА, безбедносните власти претпоставуваат дека зад нападот стои исламистички мотив.

Осомничениот е руски државјанин и тој бил уапсен вчера во областа Даме-Шпревалд во покраината Бранденбург, соопшти полицијата во Потсдам, град непосредно пред Берлин.

Налогот за апсење на човекот е издаден денеска под сомнение дека подготвувал сериозен акт на насилство што ја загрозува државата, по што истражниот судија на Окружниот суд во Бранденбург одлучи да му се одреди притвор.

Портпаролот на израелската Амбасада во Берлин првично одби да коментира на барањето на ДПА за став за планираниот напад.

Властите претходно добија дојава за можен напад што се планира во Берлин, а Јавното обвинителство во Бранденбург започна истрага што доведе до апсење на 18-годишникот, се наведува во соопштението.

Според досегашната истрага, момчето не и било познато на полицијата за претходни кривични дела.сд/

Остани поврзан