Слот по триумфот над Борнмаут: Не ја контролиравме играта, ни требаше малку среќа за да победиме
- Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот беше воодушевен од новата победа на неговиот тим против исклучително тежок противник.

Борнмаут, 1 февруари 2025 (МИА) - Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот беше воодушевен од новата победа на неговиот тим против исклучително тежок противник.
„Црвените“ победија со 2-0 на гостувањето против Борнмаут во дербито од 24. коло во Премиер лигата, тим кој не знаеше пораз во претходните 12 натпревари во сите натпреварувања, а во последните два меча постигна девет гола против Њукасл (4-1) и Нотингем Форест (5-0).
-Ова беше токму таков натпревар што очекувавме. Исклучително интензивен, играчите на Борнмаут не престанаа да трчаат во текот на цели 90 минути. Моравме да играме на врвот на нашите способности и ни требаше малку среќа за да победиме. Мислам дека не ја контролиравме играта. Постојано се обидуваа да направат нешто. Тие се добар тим и имаат добар менаџер. Многу сум среќен што успеавме да постигнеме два гола и да не примиме ниту еден во исто време, призна Арне Слот во интервју за „Скај спорт“
Стрелец на двата гола за Ливерпул беше Мохамед Салах. Во првото полувреме реализираше пенал, а во вториот дел извонредно го погоди спротивниот агол.
-Можеби неговиот втор гол беше разликата меѓу двата тима. Воопшто не беше голема шанса за гол, но покажа каков квалитет поседува, истакна холандскиот тренер.
Тимот на Слот по оваа победа ја зголеми предноста на врвот во поредокот, откако сега има 56 бода, девет повеќе од најблиските ривали Арсенал и Нотингем Форест.
Следен противник на Ливерпул во Премиер лигата е градскиот ривал Евертон (одложен натпревар од 15. коло), но претходно има два куп-натпревари за играње, прво на 6 февруари против Тотенхем во реванш полуфиналето на Лига купот, а три дена подоцна игра на гости против второлигашот Плимут во 4. коло од ФА купот. дс
Фото: Архива