• петок, 21 февруари 2025

СВР Куманово апелира граѓаните да пријават сомнителни повици

СВР Куманово апелира граѓаните да пријават сомнителни повици

Куманово, 5 јануари 2025 (МИА) - Граѓаните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајни незгоди, сомнителните повици веднаш да ги пријават во полицијата на бесплатниот телефонски број 192 или на единствениот број за итни случаи 112, апелираа денеска надлежните од Секторот за внатрешни работи Куманово. Од почетокот на годинава досега на подрачјето на СВР Куманово пријавени се пет измами.

- Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека е потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети. Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите за измамите, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Досегашните случаи покажуваат дека измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број. Од МВР постојано апелираат за претпазливост. Случаите со наводни сообраќајни несреќи се случуваат во одредени периоди. Претходната недела во СВР Куманово беа пријавени четири случаи а измами. Последниот пријавен на 31 јануари во СВР Куманово, 65 годишна жена пријавила дека била измама за сума од 30.000 евра. Во СВР Куманово биле пријавени три случаи на измама, во кои две лица платиле 4.000 евра, едниот од кумановците се посомневал и пријавил во полицијата без да плати. Жртви на измамата била 66 годишна жена која платила 2.500 евра и уште еден повозрасен кумановец 83 годишен кој платил 100.000 денари. Во сите случаи, лицето се претставувало како полициски службеник, ги информирал дека нивни блиски членови на семејство, синови или ќерки направиле сообраќајна несреќа во која наводно било прегазен дете мигрант, по што барале пари за да не ги гонат кривично.

Лани на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани две измами со сообраќајни незгоди.

Полициските службеници од отсекот за превенција реализираат превентивни активности и во непосредна комуниакција со граѓаните укажуваат на начините на кои се спроведува измамата. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан