„Охрид SOS“: Продолжува свесното неисполнување на препораките од УНЕСКО
- Активистите на Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“ повторно со реакција на начинот на кој се толкуваат препопраките на УНЕСКО, како и на некои од одговорите на властите во земјата на барањата на Комитетот за светско наследство на ОН.
Охрид, 26 февруари 2026 (МИА) – Активистите на Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“ повторно со реакција на начинот на кој се толкуваат препопраките на УНЕСКО, како и на некои од одговорите на властите во земјата на барањата на Комитетот за светско наследство на ОН.
Од „Охрид SOS“ потсетуваат дека на крајот од јануари годинава Министерството за култура и туризам до УНЕСКО го достави Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките.
Притоа се нагласува дека УНЕСКО од македонските власти бара итно да ги забранат градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“, се до изготвување на стратегиска оценка и процените за влијанијата за сите проекти врз наследството.
Притоа од „Охрид SOS“ укажуваат на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Имено, според нив, во одговорот поместен на страница 24 од Извештајот доставен до УНЕСКО, како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ е урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба било издадено во 2012 година — односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029).
„Ова штуро образложение воопшто не кореспондира со реалноста и се чини како оној што го пишувал одговорот да не е воопшто запознаен со Планот за управување и она што од него произлегува. Со донесувањето на Планот за управување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се донесени, мора да се применуваат и спроведуваат согласно неговите услови, режими на заштита и ограничувања. Ова е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнаа дури во 2024 година — четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена е веќе во тек и обврзувачка“, велат од „Охрид SOS“.
За активистите на „Охрид SOS“ особено е загрижувачки тоа што не е испочитувана ниту експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
„Градежните работи не само што не се прекинати, како што е побарано од страна на Комитетот за светско наследство, туку тие продолжуваат со несмалено темпо. Не е направена ни бараната стратегиска оцена, како ни процените за влијанијата за сите проекти. Одговорот на оваа препорака е сумиран во една единствена реченица, без воопшто да се спомне она што е реално побарано во дадената препорака 11а. Дали преку вака срочениот одговор намерно се штити приватниот интерес на довчерашниот партиски член?“, посочуваат од „Охрид SOS“ во писмото лиферувано до медиумите.
За да биде иронијата поголема, велат тие, токму во точка 2.2.2 од Стратегискиот план за рехабилитација, државата си зацртала дека во рок од една до две години (од усвојувањето на планот во февруари 2023 година) ќе изврши „Ревизија на издадените одобренија за градење кои не се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Во извештајот од јануари годинава Владата како исполнување на односната препорака посочува дека воспоставила „конкретни механизми и одговорности за системско спроведување на реформите предвидени во Стратегискиот план, како и за подготовка и усогласување на корективните мерки... Во таа смисла , формиран е Централизиран кризен координативен штаб за имплементација на Стратегискиот план, кој функционира директно како тело на Владата и работи под нејзини инструкции. Штабот започна да работи во јануари 2026 година ... со мандат да обезбеди координирано, системско и мерливо спроведување на реформите и приоритетите за заштита на ИУВ“.
Тоа значи, како што велат од „Охрид SOS“ , дека Владата планот со мерки за итна рехабилитација го ставила во фиока цели три години, за сега, за „потребите“ на извештајот до УНЕСКО, да формира штаб.
„Со ваквиот пристап, повеќе од јасно е дека македонските институции не го почитуваат Планот за управување, Стратегискиот план за рехабилитација, не ја почитуваат одлуката и препораката на УНЕСКО, доведувајќи го во ризик статусот и интегритетот на Охридскиот Регион како светско наследство. Заштитата на Охридскиот Регион не е административна формалност — таа е уставна, законска и меѓународна обврска. Наследството не смее да биде жртва на институционална небрежност. Да не се лажеме. Оваа власт, исто како и претходните, не се однесува кон светското наследство како кон обврска, туку како кон пречка што треба административно да се „менаџира“ (читај манипулира). Така, меѓународниот надзор се користи за купување време, во полза на финансиски интереси од неконтролираниот урбан развој“ се наведува во дописот од „Охрид SOS“.
Оттаму, активистите на Граѓанската иницијатива бараат итно запирање на градежните активности во Горица и спроведување на обврските согласно Препораката 11а и Стратегискиот план за рехабилитација, целосна транспарентност на надлежните институции и усогласување на сите урбанистички и градежни активности со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029).
Истовремено тие укажуваат дека за сето посочено ќе го известат Центарот за светско наследство на УНЕСКО. аб/вј/
Фото: „Охрид SOS“