• недела, 05 јануари 2025

На Пониква се одржа промоција на пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини

На Пониква се одржа промоција на пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини

Кочани, 29 октомври 2023 (МИА) – Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на пределите, попладнево во Инфоцентарот на Пониква се одржа промоција на пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини.

Со изложба на фотографии „Осоговските села“, како и со планинарска и велосипедска тура до планинскиот врв Панаѓур, во промоцијата беа вклучени Македонското еколошко друштво - МЕД, локални планинарски и велосипедски друштва, а организатор беше Телото за управување со заштитениот предел Осоговски Планини во состав на ЈП „Национални шуми“.

-Целта на настанот е да ги претставиме карактеристичните пределни и естетски вредности на заштитениот предел, на кој сме присутни повеќе од 15 години и ја истражувавме биолошката разновидност, она што вреди да се зачува, а потоа и да работиме на негова заштита. Тоа што по толкав период целото подрачје стана заштитен предел за нас е најголем успех и признание за работата, особено што ќе овозможиме во иднина да се зачува и развива според стандарди што се применуваат во современиот свет, истакна Деспина Китановска од МЕД.

Од ЈП „Национални шуми“ нагласија дека во изминатиот период, откако подрачјето е прогласено за заштитен предел, реализирани се поголем број активности со кои се заштитуваат и унапредуваат неговите природни, културни и сите други карактеристики.

-Уште кога почна да се зборува за прогласување на Осоговските Планини за запштитен предел, една од главните карактеристики и вредности зошто тоа треба да се направи, беше долгогодишнта интеракција меѓу природата и луѓето, кои направиле специфичен пределски мозаик. На фотографиите што се претставени на оваа промоција се населените места и природните убавини во Осоговијата.Ние имаме тешка и одговорна мисија во наредните години сето ова не само да го зачуваме, туку и да го унапредиме и да го направиме подостапно во одржлива форма за идните генерации, истакна Маре Басова, помошник директорка во ЈП „Национални шуми“.

Пред околу три години подрачјето на Осоговските Планини, заедно со Малешево, беа прогласени за заштитени предели во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, координирана од „Фармахем“ од Скопје.

Во рамки на проектот беа набавени пет теренски возила, лична опрема и униформи за 19 лица кои се ангажирани во ренџерска служба во заштитените предели. Тие имаа стручна обука, а обезбедени се теренски простории, како и потребна информатичка и друга опрема. та/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан