• вторник, 07 јануари 2025

Трајковска за МИА: Меѓуетничките тензии доаѓаат од други фактори, не од самите верски заедници

Трајковска за МИА: Меѓуетничките тензии доаѓаат од други фактори, не од самите верски заедници

Скопје, 5 јануари 2024 (МИА) - Нашата држава е пример за тоа како различните верски заедници можат одлично да функционираат и да бидат толерантнни меѓу себе, а верските лидери имаат големо влијание затоа што се миротворци. Без оглед на тоа од која верска заедница доаѓаат, тие секогаш пропагираат мир, соживот и толеранција, а меѓуетничките тензии доаѓаат од други фактори, вели во интервју за МИА директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска.

Трајковска е на став дека верските заедници кај нас меѓу себе имаат одлична соработка и секогаш даваат меѓусебна поддршка кога станува збор за круцијалните прашања во државата.

- Македонија е одличен пример за тоа како верските заедници, различни сами по себе, можат одлично да функционираат, да се почитуваат, да бидат толерантни помеѓу себе, да бидат дел од едно општество каде што луѓето на свој начин се изразуваат, ги покажуваат своите различности, но од друга страна претставуваат една целина, вели Трајковска за МИА.

Минатата година во декември имаше полициска акција во која беше осуетена група, поврзана со Исламска држава, која според кажувањата на министерот за внатрешни работи планирала терористички напади во земјава и регионот. 

Трајковска вели дека верскиот радикализам и фанатизам е отстапување од основното традиционално учење на исламот. Ова, како што посочува, се должи најмногу поради отпаѓање на луѓето од традиционалната вера, затоа што верата сама по себе пропагира мир, љубов, добрина и почит.

- За жал, во поново време се повеќе се соочуваме со такви случаи, не само кај нас во Македонија, туку и ширум светот. Мислам дека тоа пред се се должи на отпаѓање на луѓето од традиционалната вера, затоа што верата сама по себе пропагира мир, љубов, добрина, почит. И оние луѓе кои паѓаат под тоа учење, нормално ќе бидат привзаници на некој друг вид на учење коешто, за жал, не придонесува, туку напротив наштетува на нормалните текови на едно општество, додаде Трајковска. 

Во однос тоа колку кај нас е застапен верскиот радикализам, Трајковска вели дека тоа го знаат надлежните институции - Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност на коишто тоа им е приоритет. Комисијата во овој дел соработува со нив, затоа што токму до Комисијата се адресираат барањата за престој на луѓе од верските заедници, како и за составот на самите верски заедници.

Трајковска потенцира дека имаат добра соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност и таа ќе продолжи во континуитет.

-Многу е важна соработката со МВР и со Агенцијата за национална безбедност, до кои што ние го адресираме тоа што е потребно и доколку добиеме повратна информација дека одредена личност не е соодветна и не може да добие престој во нашата држава, без оглед на тоа што станува збор за верска заедница, ние нема да го одобриме тој престој. На тој начин, сметам дека ја заштитуваме државата, го заштитуваме мирот, ги заштитуваме сите граѓани на Македонија, објаснува Трајковска за МИА.

Во тој контекст, нагласува Трајковска, полицијата е линк меѓу државните институции и меѓу верските заеднции. 

- Комисијата секогаш им стои на располагање на институциите за се што сметаат дека треба да биде адресирано до нас. Меѓусебно разговараме за оние прашања коишто се важни и коишто треба да бидат на некој начин процесуирани до одредени институции во државата. И во тој контекст, полицијата е линк помеѓу државните институции и помеѓу верските заедници, вели таа.

Трајковска смета дека меѓуетничките тензии доаѓаат од други фактори, а не од самите верски заедници, затоа што, вели, верските заедници секогаш промовираат толеранција и мир.

Верските заедници, вели Трајковска, негуваат љубов и почит меѓу себе, а таа љубов и почит ја пренесуваат на самите верници, со што апелираат до нив да се воздржуваат од какви било иницирани меѓуетнички конфликти, односно исценирани ситуации во коишто ние наивно можеме да бидеме вовлечени и да имаме долгорочни последици од тоа.

- Иако сме секуларна држава, доколку постои одреден проблем во која било верска заедница, Комисијата секогаш стои на располагање и разговора со верските лидери од таа верска заедница, се обидува да изнајде заедничко решение кое ќе придонесе за смирување на меѓуетнички и меѓуверски конфликти. Сметам дека до сега Комисијата секогаш одговорила на одредено ниво и одговорно ги менаџира и решава проблемите од тој вид, додаде Трајковска.

На прашањето колку апелите за соживот од поглаварите на повеќе верски заедници се посилни од обидите на некои политички структури, Трајковска потенцира дека верските лидери се клучни во нашата држава.

- Политичарите го менаџираат државниот дел, меѓутоа верските лидери го менаџираат верскиот дел, односно верскиот живот во нашата држава. Сметам дека имаат големо влијание кое се покажало низ историјата, затоа што нашите верски лидери се еден вид миротворци, коишто без оглед на тоа од која верска заедница доаѓаат секогаш пропагираат мир, соживот и толеранција, вели Трајковска за МИА.

Таа потсети на потпишувањето на заедничкиот акт за соживот од страна на петте верски заедници што се случи минатата година во декември. Согласно овој акт за соживот, верските заедници се обврзуваат да пропагираат соживот и толеранција.

-Многу се израдував на моментот кога беше потпишан заедничкиот акт за соживот, во којшто самите верски заедници се обврзуваат и на некој начин пропагираат соживот и толеранција. За едно општество да биде здраво, потребно е да има вистински лидери. За верските заедници да бидат здрави и да пропагираат мир, соживот и толеранција, такви треба да бидат и самите верски лидери. Верските лидери можат да издржат огромно влијание кај верниците, затоа што секој оној којшто е верник, знае дека во црквите и џамиите се пропагира мир и толеранција. Тоа е вистината, тоа е она кое што треба да го пропагираат верските лидери, вели Трајковска.

Според неа, се она кое што излегува надвор од традиционалните рамки и кое што пропагира нови вредности кои се косат со основните вредности на верата, се смета за радикализам.

-Сметам дека верските лидери со своето влијание можат многу да направат во правец на тоа да бидат сузбиени дел од сценаријата што доаѓаат политички, и секако да бидат отфрлени од самите верници. За жал, во Македонија но и глобално во светот сме сведоци дека никогаш, ниту една војна не се водела на верска основа, туку секогаш била резултат на одредени политички влијанија или претензии за освојување на територии, моќ, поседување на одредени богатства. Во тој контекст, можам да кажам дека верските лидери се главен клуч во нашето општество и како досега, така и понатаму ќе продолжат во тој правец да негуваат соживот и толеранција и тоа да го пренесат и на своите верници, додава Трајковска.

Според неа, нашата држава претставува мозаик на етнички заедници коишто сами по себе се различни и специфични, а како резултат на тоа, самите етнички заедници исповедаат и различна вера, односно се припадници на различни верски заедници.

-Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи има улога како институција да посредува меѓу државата и меѓу верските заедници. Верските заедници, кај нас во Македонија помеѓу себе имаат одлична соработка, секогаш даваат меѓусебна поддршка кога станува збор за круцијалните прашања коишто се во нашата држава. Македонија е одличен пример за тоа како верските заедници, различни сами по себе, можат одлично да функционираат, да се почитуваат, да бидат толерантни помеѓу себе, да бидат дел од едно општество каде што луѓето на свој начин се изразуваат, ги покажуваат своите различности, но од друга страна претставуваат една целина, вели Трајковска за МИА.

Таа информира дека во земјава има пет уставно признаени верски заедници. Тоа е Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Католичката црква, Исламската верска заедница, Еврејската заедница и Евангелско методистичката црква. Меѓутоа има и други регистрирани верски заедници и религиозни групи. Според регистарот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, во моментов постојат вкупно 46.

Она што следи периодов е одбележувањто на најголемите христијански празници Бадник и Божик. Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Трајковска за МИА вели дека Бадник и Божик се најубавите празници кои треба да ги посветиме на љубовта, на мирот и на семејството.

Како што појаснува, Комисијата како институција секогаш е присутна за сите празници, без оглед на тоа дали станува збор за нашите православни или за празници од другите верски заедници.

-Јас постојано добивам голем број на покани каде што треба да присуствувам и во зависност од приоритетност, се одлучувам да одам и да присуствувам на тие прослави, јубилеи или празнувања. Конкретно за Бадник и за Божик секогаш како директор на Комисијата се присуствува на самите божествени литургии, коишто се служат во нашата Православна црква. Учествуваме во празничното торжествено одбележување на овие празници. Тука се случува да бидат присутни и претставници од државниот врв – претседателот на државата, премиерот, пратеници, советници, градоначалници. Тоа е резултат на договор меѓу државата и верските заедници, вели Трајковска.

На 19 декември на плоштадот „Македонија“ во Скопје беше поставена Божикната пештера, која ги најавува Бадник и Божик. 

Трајковска смета дека е за поздравување секоја традиција која што се обидува да се сврти кон моралните норми и која што се обидува да всади љубов кон Бога и кон другиот човек.

- Факт е дека бадниковите поворки востановија една нова традиција на празнување на Бадник, која што извира од црквата и која што на некој начин претставува љубовен бунт против паганското празнување на овој празник, којшто се празнува долги години како кај нас, така и во другите православни држави. Сметам дека тука се изврши големо влијание како кај најмладата популација кај децата, така и кај повозрасните. Таа иницијатива беше сестрано прифатена и еве неколку години масовно самите граѓани се приклучуваат на иницијативата на бадниковите поворки, додава Трајковска.

Како што појаснува, важно е тоа што оваа манифестација е насочена кон децата, а со тоа и кон градење на љубовен однос кон Бога, кон воспитување на децата во рамките на моралните норми.

На граѓаните по повод претстојните празници им посакува да ги дочекаат во личен и во општествен мир и да бидат исполнети со љубов и со добрина.

Бисера Трајковска

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Владимир Рабасовиќ

 

Остани поврзан