
21 февруари 2025
Скопје - Во сабота ќе се задржи претежно сончево време, наутро студено со негативни утрински температури. Од недела следува период на променливо облачно време со постепен пораст на температурите, соопшти УХМР.
По одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Од понеделник ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од слаб снег.
Скопје – Новиот државен јавен обвинител треба да биде обвинител што ќе даде поголем придонес во рамки на легитимитетот за борба против организиран криминал и висока корупција, кај граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Прашан која е најголемата критика во работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за кого Владата бара разрешување, Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по јавната дебата за Безбеден град, рече дека „јасен е ставот на Владата во однос на тоа прашање“.
Скопје - Два нови договора за грант во рамките на GGP - Програмата за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност, во вредност од 114,970 евра, денеска беа потпишани од јапонската амбасадорка во земјава Сецуко Кавахара и претставниците на институциите приматели - ЈЗУ Здравствен Дом Вевчани и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Битола.
На церемонијата на потпишување на договорите што се одржа во просториите на Амбасадата на Јапонија во Скопје, амбасадорката Кавахара истакна дека преку оваа помош дополнително се зајакнува пријателството меѓу двете како и јапонската посветеност да го поддржи подобрувањето на здравстевниот и образовниот систем во земјава. Со овие грантови Здравствен Дом Вевчани ќе добие компјутерски радиографски систем, а на битолското ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе биде реконструиран покривот.
Скопје - Вкупните депозити во јануари на годишно ниво бележат зголемување од 11,0%, во поголем дел поради растот на депозитите на домаќинствата, но и на корпоративниот сектор. Вкупните кредити, пак, бележат раст од 11,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
- Во јануари 2025 година, паричната маса е намалена за 1,6% на месечна основа, пред сè како резултат на падот на депозитните пари, при негативен придонес и на краткорочните депозити и на готовите пари во оптек. На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување за 9,1%, поради растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, готовите пари во оптек и краткорочните депозити.
Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, во патниот патнички превоз бројот на превезените патници изнесува 1 108 илјади, во градско-приградскиот превоз 9 881 илјада, во железничкиот превоз 67 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 738 769.
Во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2023 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е зголемено за 8.7 %, во железничкиот превоз е зголемено за 73.5 %, додека во воздухопловниот превоз е намалено за 2.7 %.
Охрид – Македонската туристичка понуда и оваа година има свое место на 46-тиот Меѓународен саем за туризам што се одржува во Белград.
Како што соопштуват од Агенцијата за промоција и поддршка н туризмот, македонските туристички потенцијали се промовираат на репрезентативен штанд, на кој учество земаа општините Гевгелија, Дојран, Охрид и Струга.
Кочани – Вкупно 51 кривично дело извршиле малолетни лица во Кочани во текот на 2024 година, што претставува зголемување од 104 отсто, односно двојно повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.
Податоците од Одделението за внатрешни работи во Кочани укажуваат дека околу 82 отсто од кривичните дела што ги извршиле деца и постари малолетници се тешки кражби и кражби. Во четири случаја имало насилство врз друго малолетно лице, при што еден случај е регистриран како силување малолетник. Исто така, евидентирани се и три разбојнички кражби и разбојништва и по еден случај на насилство и спречување службено лице во извршување задачи.
Штип – Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите на денешната прес-конференција во Штип побараа ново раководство на Сојузот на пензионери, a државните институции и Владата да се изјаснат какво зголемување на пензиите ќе имаат од 1 септември 2025 година, дали линеарно или процентуално. Трајче Митев претставник на Иницијативниот одбор од Штип истакна дека посебно се револтирани на последната изјава на актуелната претседателка на Здружението на пензионери на Македонија, Станка Трајкова.
-Од ова денеска што сме собрани треба да произлезе дека претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова има напишано дека во веснико „Пензионер плус“, која е и уредник има напишано многу негативни работи што се однесуваат на пензионерите. Она е спротивна на работата и на активностите на пензионерите, вели Митев.
Атина – Поради екстремно ниските температури што достигнаа и до минус 12 степени Целзиусови, замрзна водопадот во селото Полипотамос кај Лерин, а грчката државна телевизија ЕРТ објави фотографии, коментирајќи дека „поларните температури создадоа скулптури од мраз со уникатна убавина“, јави дописничката на МИА од Атина.
Температурите под нула не се невообичаени за конкретниот дел од Грција, а водопадот се наоѓа на надморска височина од 950 метри.
Брисел - Во организација на два синдиката на железничарите во Белгија од денеска започнуваат „ротирачки штрајкови“ на вработените во белгиската железница СНЦБ, што вкупно ќе траат девет дена, јави дописникот на МИА од Брисел.
Штрајкот на Самостојниот синдикат на железницата (ОВС) почнува вечерва во 22 часот и ќе трае до 22 часот на 2 март, додека оној во организација Белгиската автономна унија на машиновозачите (АЦТБ-САЦТ) стартува в недела, исто така, во 22 часот во недела и ќе трае до 28 февруари.
Берлин – Лидерот на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), Фридрих Мерц е вџашен од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за руската инвазија врз Украина.
- Тоа е класично мешање на улогите на жртва и џелат. Ова е рускиот наратив, (претседателот Владимир) Путин со години на тој начин ги претставува работите и јас сум прилично шокиран што сега Доналд Трамп очигледно го прифати тоа, истакна Мерц.
Стокхолм – Шведска повторно истражува евентуално оштетување на подводен кабел во Балтичко Море, во близина на југозападниот брег на земјата., каде изминатите месеци беа оштетни неколку подводни кабли.
- Добивме информации за можен прекин на кабелот и обвинителството одлучи да отвори прелиминарна истрага. Брод на крајбрежната стража е испратен на самото место, изјави портпаролот на шведската крајбрежна стража, без да наведе повеќе детали.
Јоханесбург - Министерите за надворешни работи на групата Г-20 се собраа на дводневен состанок во Јужноафриканската Република (ЈАР), но дискусиите за клучните глобални кризи, како војните во Украина и Газа, не резултираа со консензус. Дополнителна тешкотија беше одлуката на САД да не учествуваат во разговорите, коментираат денеска западни медиуми.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја бојкотираше средбата, наведувајќи на социјалната мрежа „Икс“ дека „нема да толерира антиамериканизам“. Вашингтон најави дека ќе го прескокне и состанокот на министрите за финансии од Г20 следната недела.