МИА Радио флеш
- 5 февруари 2025

Скопје - Претседателот на Демократското движење и прв вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити остварил средба со републиканскиот конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт на која се разговарало за повеќе клучни прашања кои ги засегаат односите меѓу Северна Македонија и САД, со посебен акцент на зајакнувањето на стратешката соработка меѓу двете земји.
Двете страни, како што соопшти денеска Демократското движење, се согласиле дека продлабочувањето на овие односи треба да остане заеднички приоритет.
Меџити ја потврдил непоколебливата заложба на Северна Македонија за европска интеграција, истакнувајќи дека земјата останува фактор на стабилност во регионот. Тој ја нагласил важноста на сојузништвото со САД како неопходна поддршка за развојот и безбедноста на земјата.
Скопје - Вториот ден од работната посета на Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани го започна со средба со Оливер Ропке, претседател на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), на која се разговараше за улогата на економско-социјалните партнери и граѓанското општество во евроинтегративниот процес, информираат од Министерството.
Министерот Муртезани ја поздравил иницијативата на ЕЕСК за подлабока вклученост на граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанските комори во процесот на проширување и истакна дека инклузивноста и широкиот општествен дијалог се клучни за успешно спроведување на реформите поврзани со европската интеграција.
Тој нагласил дека Северна Македонија веќе има развиени механизми за вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики, вклучително и процесот на европска интеграција, но дека е потребна поконкретна соработка и со европските институции за продлабочување на оваа соработка. Министерот Муртезани подвлекол дека учеството на граѓанските организации во европските платформи, како што е ЕЕСК, е вредна алатка за споделување искуства и добри практики, како и за јакнење на јавната поддршка за реформите што ги бара ЕУ.
Скопје - Во 2024 година, ЕБОР инвестираше ЕУР 151 милиони во земјата. Инвестицијата во зелени проекти е ЕУР 70 милиони, со поддршка на енергетската ефикасност, обновливи извори на енергија и напори за декарбонизација.
Потврдувањето на силното партнерство со локалните ентитети, донаторите и приватниот сектор. Во 2024 година, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) инвестираше ЕУР 151 милиони, во 13 проекти во Северна Македонија кои помагаат во моделирање на економскиот и одржливиот раст на земјата.
Скопје- На Клиниката за ортопедија извршена е уште една трансплантација со коска од донор. Интервенцијата е извршена кај 12-годишен пациент, кој е претходно опериран поради деформитет на левото стапало со користење шраф. По повторна појава на деформитетот, се одлучи да се извади ставениот штраф и да се замени со трансплант од донор кој дава подобра и постабилна корекција, информираат денеска од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека пациентот бил испишан во гипсена имобилизација и по шест недели ќе започне со процес на рехабилитација.
Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека е прашање на денови кога неговата оставка ќе биде констатирана во Народното собрание и истакна дека тоа е „незапирлив процес“. Според него, работите се јасни правно и политички и не е опција тој повторно да биде мандатар за формирање нова влада.
Вучевиќ, коментирајќи ги наводите во некои медиуми за неговата оставка, рече дека е доволно сериозен и одговорен човек и дека на 29 јануари се појавил пред српската јавност и најавил неотповиклива оставка.
Софија - Убеден сум дека Владата и Парламентот ќе ги преземат неопходните мерки и ќе ги донесат неопходните одлуки за да влеземе во еврозоната, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев на отворањето на форумот на магазинот „Економист“ во Софија. Шефот на бугарската државата е почесен гостин и предавач на форумот, јави БТА.
„Бугарија отсекогаш била составен и важен дел од Европа. Не можеме да си дозволиме да станеме периферија на Европската унија. Во нашиот договор со ЕУ пишува дека ќе влеземе во Шенген и во еврозоната“, посочи шефот на државата.
Атина – Вкупно 40 државјани на трети земји, од кои десет Грузијци и 30 Пакистанци, чии барања за азил биле одбиени, вчера беа депортирани од Грција во координирана операција на грчката полиција и ФРОНТЕКС, во соработка со Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина.
Од надлежното Министерство соопштија дека според официјалните податоци на Евростат за 2024 година, Грција е на четвртото место меѓу земјите-членки на ЕУ во враќањето на одбиените баратели на азил, „што во пракса покажува спроведување на строга, но праведна миграциска политика“.
Министерот за миграција и азил на Грција Николаос Панајотопулос рече дека оваа миграциска политика „се базира на заштита на границите, на брзо и ефективно испитување на барањата за азил и интензивирање на враќањето на оние кои немаат право на меѓународна заштита“.
Приштина - На предизборен митинг во Подуево, кандидатот за премиер на движењето Самоопределување, Албин Курти, синоќа рече дека враќањето на граѓаните од дијаспората веќе е започнато и дека бројот ќе се зголемува во наредните години. Тој вели дека мора да се направат подготовки за нивно враќање и изрази уверување дека ќе има зголемување на бројот на граѓани кои живеат во странство кои ќе дојдат на Косово да гласаат на 9 февруари, објави Коха.
„Кога тие заминуваа од овде во 1990-тите, тука имаше српски терор, окупација, апартхејд. И кога отидоа во Германија, веднаш им дадоа азил и им дадоа станови. Германија процвета затоа што беше обединета и стана мотор на европската индустрија. Сепак, денес Косово цвета, додека, за жал, германската економија е на работ на рецесија“, рече Курти. А за ова враќање на граѓаните од странство, Курти рече дека се потребни подготовки.
Анкара - Турскиот шеф на дипломатијата го критикуваше предлогот на претседателот Доналд Трамп САД да го преземат Појасот Газа и да ги преселат Палестинците во други земји.
-Ова е неприфатливо прашање, изјави министерот за надворешни работи, Хакан Фидан за Анадолија.
Трамп вчера предложи САД да ја преземат Газа, каде што израелската воена акција во изминатите 16 месеци уби десетици илјади, откако претходно предложи Палестинците во енклавата да бидат трајно раселени. Идејата беше осудена од експерти и застапници за човекови права.
Брисел - Во близина на метро станицата Клемансо во Брисел беше регоистрирано пукање што предфизвика и хаосна линиите на метрото и трамвајот во главниот град на Белгија.
„Фотографиите од надзорните камери покажуваат дека осомничените побегнале кон метро станицата Клемансо“, изјави Сара Фредерик, портпаролка на јужната бриселска полиција.
Во престрелката нема жртви, но полицијата соопшти дека осомничените можеби се во тунелите на метрото, но линиите на метрото се затворени од безбедносни причини, јавија бриселските медиуми.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц се соочил со притисок од Социјалдемократската партија (СПД) да се откаже од кандидатурата за лидер на партијата на претстојните избори, објавија денеска Тагесшпигел и порталот t-online.
Медиумите наведуваат дека претставници на СПД побарале моментално најпопуларниот германски политичар, министерот за одбрана Борис Писториус да го преземе раководството на партијата.
Лидерот на СПД Ларс Клингбејл, наводно, го повикал Шолц во најмалку два наврати да ја преиспита својата кандидатура по падот на семафор коалицијата, предводена од партијата на Шолц, во ноември 2024 година.
Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервјуто објавено на ЈуТјуб каналот на „Пирс Морган нецензурирано“ (Piers Morgan Uncensored) изјави дека САД заработиле милијарди долари од војната во Украина, благодарение на големите договори за вооружување.
Тој додаде дека американските компании оствариле големи приходи дури и преку лиценцирање, поради големата побарувачка на оружје и опрема.
-Американските компании заработија милиони дури и на лиценците, бидејќи немаат канцеларии во Европа. Значи тоа се милијарди приходи, наведе Зеленски.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го става персоналот во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) низ светот на „административно отсуство“, освен оние кои се сметаат за неопходни, јавија американските медиуми.
Според известувањето објавено на интернет синоќа, вработените имаат 30 дена да се вратат во САД.
Илјадници вработени во УСАИД веќе се отпуштени, а програмите ширум светот се затворени откако претседателот Доналд Трамп наметна огромно замрзнување на странската помош по преземањето на функцијата.
Вашингтон - Се чини дека американскиот државен секретар Марко Рубио го поддржа планот на претседателот Доналд Трамп да ја преземе американската контрола врз Газа, велејќи дека палестинската енклава мора да биде ослободена од исламистичката група Хамас.
Трамп вчера предложи САД да ја преземат Газа, каде што израелската воена акција во изминатите 16 месеци уби десетици илјади, откако претходно предложи Палестинците во енклавата да бидат трајно раселени. Идејата беше осудена од експерти и застапници за човекови права.
Претходните коментари на Трамп дека Палестинците треба да се преселат во Египет и Јордан веќе беа јавно отфрлени од палестинските и арапските лидери, а исто така беа осудени од поборниците за човекови права како еднаков на предлог за етничко чистење.
Пекинг - Кина се противи на предлогот на американскиот претседател, Доналд Трамп за насилно раселување на Палестинците од Појасот Газа и се залага за решение со две држави, Палестина и Израел, како одговор за постигнување траен мир на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.
-Се надеваме дека сите релевантни страни ќе го прифатат прекинот на огнот во Газа и повоената администрација како можност за враќање на палестинското прашање на вистинскиот пат на политичко решение засновано на решение со две држави, со цел да се постигне траен мир на Блискиот Исток, рече Лин.
Тој нагласи дека Кина верува дека „Палестинците треба да управуваат со Палестина“, што, како што рече, треба да биде основниот принцип за повоена Газа, пишува „Глобал тајмс“. Трамп предложи Палестинците да се преселат од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го одбија.
Вашингтон - Американскиот Сенат ја потврди Пем Бонди за државен обвинител на гласањето кое заврши со резултат 54 спрема 46, објави Си-Ен-Ен.
Бонди, поранешен јавен обвинител на Флорида, беше вториот кандидат на Трамп за оваа позиција, откако Мет Гејтс се повлече поради недостиг на поддршка кај републиканските сенатори.
Нејзината номинација беше одобрена минатата недела од страна на Комитетот за правосудство на Сенатот со тесно мнозинство од 12 гласови против.
Газа - Палестинската милитантна група Хамас денеска го отфрли планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја „преземе контролата“ врз Појасот Газа, нарекувајќи го „расистички“ со цел да ја елиминира палестинската кауза.
„Американскиот расистички став се усогласува со позицијата на израелската екстремна десница во раселувањето на нашиот народ и елиминирањето на нашата кауза“, објави во соопштение портпаролот на Хамас, Абдел Латиф ал Кану.