• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.

-На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!, објавено е на официјалниот фејсбук профил на премиерот Мицкоски.

Скопје - Во рамки на официјалната посета на Вашингтон, првиот потпретседател на Владата Изет Меџити учествувал на Меѓупарламентарниот безбедносен форум што го организирале конгресмените Пит Сешнс и Роберт Адерхолт, соопштија денеска од Демократското движење.

На овој форум се разговарало за безбедносни прашања за Западен Балкан и за Европската Унија, со фокус на потребата од зајакнување на одбранбените институции и зголемен ангажман на земјите од регионот во НАТО.

Во својот говор пред учесниците на Меѓупарламентарниот безбедносен форум, се наведува во соопштението, Меџити истакнал дека поддршката на Соединетите Американски Држави за одбранбениот сектор на Западен Балкан, по кризата предизвикана од војната во Украина, била и останува клучна.

Скопје - Јавен обвинител од ОЈО Скопје донел наредба за спореведување истражна постапка против две лица, за директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија кој се сомничи за примање поткуп и проневера во службата и за сопственик и управител на правно за кој постои сомневање за давање поткуп.

Поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, пред се вработени во Службата за општи и заеднички работи кои допрва треба да бидат испитани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен.

За второосомничениот Обвинителството предлага мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница или забрана за нејзино издавање, како и забрана да остварува каков било контакт со другиот обвинет во текот на постапката.

Скопје - Советот на Народната банка го усвои Кварталниот извештај, во кој се заклучува дека макроекономските движења беа главно во согласност со октомвриските проекции на централната банка. Инфлацијата и натаму се намалува, економијата постепено закрепнува, а девизните резерви остварија солиден раст. Но, ризиците сѐ уште постојат.

Во Извештајот се наведува дека глобалната економија и натаму закрепнува, при пониска инфлација и поповолни финансиски услови, но сѐ уште има понагласена геополитичка неизвесност, заради војните и конфликтите, како и евентуалните трговски санкции, соопшти Народната банка. 

Скопје - Агенцијата за катастар на недвижности информира дека од денеска официјално е пуштена во употреба апликацијата за увид во статусот на барањата поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот. Со новата апликација се зголемува ефикасноста, а граѓаните и професионалните корисници брзо и едноставно ќе можат по електронски пат да го следат статусот на своите предмети. Откако ќе поднесат барање, неговиот статус ќе биде достапен во реално време – не повеќе од 1 час по поднесувањето.

- Ги слушавме вашите повратни информации, ги анализиравме проблемите и се обврзавме да создадеме решение кое не само што ќе ги надмине овие предизвици, туку и ќе нè поттикне напред во дигиталните иновации, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски. Тој додаде дека граѓаните остануваат главен приоритет, а дигитализацијата е високо на агендата на актуелното раководство.

Скопје - Ние сме мала кинематографија која многу паѓа во очи со талентот и со постигнувањата. Ние секогаш сме имале талентирани уметници, само ни требаше малку време да научиме како функционира светот, малку да земеме странско знаење и искуство, да се прилагодиме и полека со учењето да го пробиваме својот пат, вели во интервјуто за МИА директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Фестивалот „Браќа Манаки“ неодамна се закити со специјална награда за достигнување (Special Achievement Award), која ја доделува Британското здружение на кинематографери (BSC).

Дамевски, кој ја прими оваа награда за време на официјалната церемонија во Лондон на почетокот на февруари, во интервјуто за МИА вели дека оваа награда му е најмила, посочувајќи ја поврзаноста меѓу Лондон и Битола. Лондон е местото каде што нашите предци, браќата Манаки, ја пронајдоа нивната камера „ Биоскоп“ со сериски број 300 .

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли зачестените информации дека во Албанија ќе бидат сместени Палестинци, одговарајќи на прашање на граѓанин во неговиот поткаст "Очи во очи".

На прашањето дали се вистинити информациите за доаѓањето на Палестинците во Албанија, по иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за нивно раселување, Рама  го отфрли тврдењето, нарекувајќи го трик од „мочуриштето“, имплицирајќи дека тоа е лага на опозицијата.

Загреб - Училишта во Пожега и Чаковец денеска добија дојави за можна поставеност на експлозивни направи, јавија хрватските медиуми. „На локациите се испратени полициски службеници за преземање дополнителни мерки“, велат од Пожешката полиција. Полицијата ги повикува граѓаните да останат смирени и трпеливи додека трае истрагата. Повеќе детали ќе бидат познати по завршувањето на полициските проверки.

Претходно утринава беше објавено дека училишта во Загреб добиле дојави за поставени експлозивни направи.

Загреб - Хрватската интернет платформа „Ало, инспекторе“ за утре најави еднодневен генерален бојкот на продавниците и услугите во државата, трет од започнувањето на таа акција поради високите цени и еднонеделен бојкот на „Конзум“ од сабота, 8 февруари.

Според анкетата, следни на листата на еднонеделен бојкот се продавниците на „Плодине“ и „Студенац“.

За еднонеделен бојкот на „Конзум“ одлучија граѓани кои учествуваа во анкетата објавена на платформата на организаторите насловена: „Секоја недела по еден синџир“.

Атина – Во периодот од 1 часот по полноќ, заклучно со 9 часот утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос беа регистрирани 22 земјотреси со јачина од над четири степени, согласно достапните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а се по синоќешниот од 5,2 степени, што воедно беше и најсилниот во серијата земјотреси во изминатите денови, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се направи анализа на официјалните податоци, од овие 22 земјотреси, 15 биле регистрирани во период од нешто повеќе од еден час, односно меѓу 4.24 и 5.36 часот утрово, а седум од земјотресите биле регистрирани за половина час. Во однос на синоќешниот земјотрес од 5,2 степени регистриран кусо по 21 часот, грчките сеизмолози се претпазливи во прогнозите дали станува збор за главниот земјотрес.

Атина – Ниту еден од четворицата кандидати за претседател на Грција не ги доби потребните минимум 180 гласа при денешното трето гласање во Парламентот, а следното, кое се очекува да биде и клучно, ќе се одржи по пауза од пет дена, односно следната среда, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани. Четворицата кандидати добија идентичен број гласови како и при првите две гласања одржани на 25 и 31 јануари, а и денеска воздржани беа 52 пратеници.

Сараево - Поранешниот министер за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, бил нападнат и претепан од непознати напаѓачи пред неговата куќа во градот Прњавор, соопшти Мектиќ.

Нападот се случил синоќа околу 21 часот и случајот е пријавен во полиција која трага по сторителите. Истражниот судија нападот го оквалификува како кривично дело телесна повреда.

Мектиќ за порталот Кликс изјави дека напаѓачите биле маскирани и го пресретнале на влезот од зградата во која живее.

Брисел - Цените на производите во европската индустрија се намалија во декември, покажа извештајот на Европскиот завод за статистика.

Производните цени на индустриските производи во еврозоната и ЕУ се зголемија за 0,4 отсто во декември во споредба со претходниот месец кога пораснаа за 1,7 отсто во двете области, пресметаа статистичарите. Најмногу пораснаа цените во енергетскиот сектор и во еврозоната и во ЕУ, за 1,4, односно 1,3 отсто. Растот е забавен во однос на ноември, кога во двете области се зголемени за 5,6 отсто. Во повеќето други сектори тие беа речиси непроменети во однос на ноември.

Секторите трајни производи за широка потрошувачка и интермедијарни производи во еврозоната забележаа промена на трендот, со благ пораст на цените. Кога е исклучен енергетскиот сектор, цените во двете области останаа на нивото од претходниот месец, утврди Евростат.

Париз - Глобалните експерти ќе дебатираат за заканите од вештачката интелигенција (ВИ) на собир во Париз денеска и утре, пред самитот на светските лидери за технолошката индустрија.

Се очекуваат илјадници луѓе за настанот со цел да се најде заедничко решение за технологијата што вознемири многу деловни сектори за помалку од две години - како и да ги задржи Франција и Европа на мапата како веродостојни конкуренти во трката за вештачка интелигенција.

Научниците, вклучително и Јан ЛеКун, шефот на вештачката интелигенција на сопственикот на Фејсбук, Мета, ќе разговараат за ВИ-влијанието врз областите вклучувајќи ја работата, здравјето и одржливоста.

Киев - Украина денеска соопшти дека заробила повеќе од 900 руски војници во текот на шестмесечните борби во западниот руски регион Курск.  Украинската борбена операција зад границата со Русија почна лани во август.

-За време на операцијата, украинските сили заробија 909 руски војници, значително надополнувајќи го фондот за размена, се вели во соопштението на украинската војска. „Ова овозможи да се вратат дома стотици украински бранители кои беа држени во руски затвори“, се наведува.

Минатата година, украинската војска соопшти дека нејзините сили заробиле повеќе од 700 руски војници за време на операциите во областа Курск.

Вашингтон - Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) објави дека в петок, 7 февруари во 23:59 часот, сите вработени директно ангажирани во Агенцијата ќе бидат ставени на административно отсуство ширум светот, со исклучок на одреден персонал одговорен за клучните функции, клучните лидери и конкретно одредени програми.

Како што е наведено, основниот персонал кој се очекува да продолжи со работа ќе биде известен од раководството на Агенцијата до четврток, 6 февруари, во 15 часот по локално време.

Богота - Кокаинот „не е полош од виски“ и е нелегален само затоа што доаѓа од Јужна Америка, изјави колумбискиот претседател Густаво Петро за време на директен пренос од владиниот состанок.

За време на шестчасовниот министерски состанок -- емитуван во живо за првпат досега -- левичарскиот претседател рече дека „кокаинот е нелегален затоа што се произведува во Јужна Америка, а не затоа што е полош од вискито“.

„Научниците го анализираа ова. Кокаинот не е полош од вискито“, додаде тој, сугерирајќи дека глобалната кокаинска индустрија би можела „лесно да се разбие“ доколку дрогата биде легализирана ширум светот.

Тел Авив - Двајца израелски војници загинаа, а осум се ранети во несреќа доцна синоќа во Појасот Газа, соопшти израелската војска (ИДФ).  

Поради силните ветрови, кран се урна врз израелските војници, објави Тајмс оф Израел.  

„Загинаа двајца војници на возраст од 20 и 21 година. Од осумте ранети војници, еден е во тешка состојба“, соопшти ИДФ.

Техеран - Корпусот на иранската револуционерна гарда го претстави првиот ирански брод носач на беспилотни летала што може да лансира дронови и хеликоптери од морето, објавија денеска ирански медиуми.

Во услови на воени вежби кои траат од почетокот на јануари до почетокот на март, иранските вооружени сили открија ново оружје, пишуваат западни медиуми.

Командантот на морнарицата на Револуционерната гарда Алиреза Тангсири изјави дека приклучувањето на носачот на беспилотни летала во иранската флота е важен чекор во зголемувањето на одбранбените и одвраќачките способности во далечните води.

 

Остани поврзан