МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

27 јануари 2025
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри има во Делчево, Битола, Прилеп и на патниот правец Петровец – Велес, информира утрово Автомотосојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Шефицата на македонската држава Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе престојува во посета на Република Полска, по повод одбележувањето на 80. годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков.
На настанот ќе присуствуваат бројни шефови на држави и влади, членови на кралски семејства и високи претставници на Европската Унија.
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска упати честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава.
Упатувајќи срдечни честитки за празникот Свети Сава ‒ Националниот ден на Србите во Македонија, се вели во честитката, најискрено посакувам големиот празник да го поминете во хармонија и во радост, исполнети со љубов и среќа.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски лично и од името на Владата на сите припадници од српската заедница кои живеат во државата денеска им го честита празникот Свети Сава, посакувајќи многу здравје, среќа, бериќет и духовен мир.
Во честитката се посочува дека празникот Свети Сава се празнува 18 години во Македонија, откако со измените на законот за празници на 8 февруари 2007 година е прогласен за национален празник на Србите во Македонија.
Краков - Вниманието на светот денеска е свртено кон Аушвиц-Биркенау, еден од најтемните симболи на човечката историја, а по повод одбележувањето на 80 години од ослободувањето на овој нацистички логор во Полска.
Церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич и се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.
Но, никој од овие политичари, дипломати, монарси нема ни да се приближи до микрофонот. Тие ќе бидат таму единствено за да слушаат. Годинава говорницата е резервирана само за оние кои ги преживеале ужасите на кампот.
Скопје – Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за еднакви можности на жените и мажите и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се повеќе предлог-закони, меѓу кои Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, во второ читање со европско знаменце.
Скопје – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на докази предложени од Обвинителството.
Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ, Скопје и Бирото за јавни набавки, организираат настан на кој ќе бидат презентирани придобивките од работата на домашната берза на електрична енергија, со акцент на идните заеднички активности на трите институции што треба да придонесат во унапредување на македонскиот пазар на електрична енергија.
Крива Паланка - Вкупно 120 планинари од Крива Паланка, Куманово, Pробиштип и Скопје, вчера го искачија вториот по височина врв на Осоговските Планини, Царев врв, во зимски услови, во рамки на заедничката акција организирана од планинарско- спортски клуб „Калин Камен", Крива Паланка и планинарско друштво „Хајкинг", Скопје.
Дојран - Општина Дојран доби ново, модерно и мултифункционално возило за метење и миење под висок притисок на улици, тротоари и други јавни површини со капацитет од 4,5 метри кубни и резервоар за вода од 3.500 литри.
Веста ја објави градоначалникот Анго Ангов на неговиот фејсбук профил, каде напиша дека целта на набавката на ова специјализирано возило е подобрување на хигиената и чистотата на јавните површини и улиците во Општината.
Скопје - Во Македонскиот народен театар во Скопје (МНТ) вечер ќе се одржи Свечена Светосавска академија, во организација на Српскиот културен центар, по повод Свети Сава - националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.
На свеченоста, како што најави Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, ќе присуствува и патријархот на Српската православна црква г. г. Порфириј.
Скопје - Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечер ќе се одржи мултимедијална промоција на новиот роман на Натали Спасова, „Не ѝ верувај на баба ти“.
Ова е четврти роман на Спасова, по „Прва љубов во розевата улица“, „Запалка“ и „Двете принцези“, кои се преведени на украински, српски, бугарски и англиски јазик. Спасова е и драматург на театарските претстави „The Visitor“, „Dreamcatcher“, „The Last Slav on Earth“ и „Два пати Мери“, последната е работена според поглавје од нејзиниот нов роман, и ќе биде прикажана во хибридна верзија (видео запис со драмско читање) на вечерашната промоција.
Брисел – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека светот никогаш нема да ги заборави шесте милиони „ладнокрвно убиени Евреи и сите жртви на холокаустот“.
- Додека исчезнуваат последните преживеани, наша должност како Европејци е да се сеќаваме на тие неописливи злосторства и да го почитуваме споменот на жртвите, напиша Урсула фон дер Лајен на X пред денешното одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау во Полска.
Брисел – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе престојува во посета на Португалија и Шпанија.
Како што соопшти прес-службата на Алијансата, предвидено е Руте во Лисабон да се сретне со португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса, со премиерот Луиш Монтенегро и со министрите за надворешни работи и за одбрана на земјата, Пауло Ранжел и Нуно Мелу.
Анкара - Пожарот во хотелот „Гранд Картал“ во турскиот скијачки центар во Карталкаја, во општина Бол, во кој загинаа 78 лица, е предизвикан од грешка во кујната на хотелот, ги објавија денеска турските медиуми резултатите од истрагата.
Додека се подготвувал појадокот во хотелот „Гранд Картал“ се запалило врело масло, а пламенот се проширил по погрешна интервенција на вработените во кујната, кои се обиделе да го изгаснат пожарот со вода, јавува турскиот портал Тренд.
Брисел - Вработените во средните и основните училишта во Белгија во кои наставата се одвива на француски јазик денеска започнаа 48-часовен штрајк во знак на протест против најавите на новите влади на регионите Валонија и Брисел за штедење и за реформи во образованието.
На првиот ден од дводневниот штрајк за денеска е најавен централен протест во Брисел, а за утре протестни собири низ градот и во населените места во Валонија.
Минск - Александар Лукашенко, лидерот кој владее со Белорусија три децении, го освои седмиот мандат на изборите вчера на кои не се соочи со вистинска конкуренција.
Брисел – Последните случувања поврзани со руска агресија врз Украина, состојба на Блискиот Исток и односите меѓу Европската Унија и САД, се главните теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Пред заседанието на Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата ќе имаат работен појадок на кој ќе разговараат за хибридните закани со кои се соочува блокот, поврзани со неодамнешните саботажи, кибер напади, обидите за мешање и влијание врз изборните процеси и оштетувањето на подводната инфраструктура во Балтичкото Море.
Државните медиуми објавија дека 70-годишниот Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, според излезните анкети освоил 87,6 отсто од гласовите.
Минск - Белорускиот лидер Александар Лукашенко рече дека очекува Русија многу брзо да распореди „Орешник“, нејзината нова балистичка ракета со среден дострел, во неговата земја.
- Ќе го добиеме Орешник во следните неколку дена, рече Лукашенко на прес-конференцијата.
Тој рече дека е постигнат договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на хиперсоничната ракета во Белорусија пред таа да биде распоредена во Русија.
Газа – Палестинците од Појасот Газа, раселени поради конфликтот меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас, утрово почнаа да се враќаат во своите домови во северниот дел на крајбрежната територија по „пробивот во преговорите со Израел“, информира Министерството за внатрешни работи на Хамас.
- Движењето на раселените Палестинци почна на патот Ал Рашид низ западниот дел на коридорот Незарим кон градот Газа и северниот дел на Појасот, се вели во соопштението на администрацијата на Хамас.
Ерусалим - Палестинската милитантна организација Хамас потврди дека оваа недела ќе ослободи вкупно шест израелски заложници, јави утринава „Тајмс оф Израел“.
Како што е наведено, три лица ќе бидат ослободени до петок, меѓу кои и жената војник Арбел Јехуд.
Останатите тројца заложници ќе бидат ослободени во сабота, соопшти Хамас.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го смени по трет пат за помалку од една година командантот на клучната воена формација одговорна за заштита на источниот центар Покровск, за кој има зголемен ризик да падне во рацете на руските сили, јавија британските медиуми.
Во своето редовно видео обраќање до сонародниците Зеленски синоќа рече дека командантот на копнените сили на Украина, генерал-мајор Михаило Драпатиј, го поставил на чело на оперативно-стратешката група „Хортица“, чија зона на одговорност вклучува голем дел од источниот фронт на Украина.
Москва - Руски системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 32 украински дронови, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, наведувајќи дека украинските офанзивни беспилотни летала биле уништени при напади на пет руски региони.
-Во текот на изминатата ноќ, дежурните системи за противвоздушна одбрана уништија и пресретнаа 32 украински беспилотни летала: петнаесет над територијата на регионот Воронеж, единаесет над регионот Белгород, четири над регионот Курск и по еден над териториите на Орловската и Тверската област, се вели во соопштението на Министерството.
Лондон – Цените на нафтата на светските пазари минатата недела значително паднаа, по четири недели раст, откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од ОПЕК да ги намали цените и истовремено најави зголемување на производството на нафта во САД.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,8 отсто, на 78,50 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 4,1 отсто, на 74,66 долари.
Мексико Сити - Караван од повеќе од 1.000 мигранти од Латинска Америка тргна од јужно Мексико кон северот и границата со САД ноќта меѓу саботата и неделата, и покрај војната против илегалната имиграција што ја прогласи американскиот претседател Доналд Трамп.
Некои од мигрантите рекоа дека сè уште „се надеваат дека ќе можат да влезат во САД“, дури и откако Трамп ја суспендираше можноста на луѓето да добијат азил од Мексико.
Вашингтон - Владата на Колумбија се согласи со условите на американскиот претседател Доналд Трамп за депортација на мигранти, соопшти Белата куќа.
Трамп вчера и се закани на Колумбија со царини и санкции, откако на два американски лета за депортација со мигранти им беше одбиена дозволата да слетаат.
Сеул - Двата мотори на авионот што се урна во Јужна Кореја кон крајот на декември, при што загинаа 179 луѓе, покажуваат траги од удар на птица, се вели во извештајот на прелиминарната истрага објавен денеска.
Јужнокорејските истражители рекоа дека на моторите биле пронајдени пердуви и дамки од крв кои припаѓаат на видот шареноглава патка. Патката преселница главно се наоѓа во Сибир, но презимува во Источна Азија.
Пилотите пријавиле удар на птица непосредно пред несреќата да слета на меѓународниот аеродром Муан во провинцијата Џеола, околу 288 километри југозападно од Сеул.
Кицбил - Арнолд Шварценегер викендов е снимен во австриското село Гоинг ам Вајлден Кајзер, близу Кицбил, каде што присуствуваше на традиционалната „Вајсвурст забава“.Оваа прослава ги привлекува околните жители и туристите со храна, музика и добра атмосфера, а славниот „Терминатор“ дегустираше колбаси, дружејќи се и забавувајќи се со локалците... Претходно дента, глумецот присуствуваше и на машката трка во спуст на натпреварот во Светски куп „ФИС“ во алпско скијање во Кицбил.