• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

4 февруари 2025

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потпишал решение за разрешување од функцијата на досегашната директорка на детската болница „Козле“, д-р Каролина Симоновска. На нејзино место е назначена професорката Катерина Бошковска.

-Министерството за здравство информира дека за нова директорка на УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ е именувана проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска, се наведува во соопштението на МЗ.

Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле во протесното писмо испратено до медиумите минатата недела побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска, бидејќи е донесена одлука за разрешување на д-р Веселинка Митровска Јосифовска, ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство.

 

 

Скопје - Синдикатот на затворската полиција и администрација при Независниот синдикат на држава администрација денеска упати отворено писмо до директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов како реакција на, како што наведуваат јавните линчувања кон припадници на затворската полиција со укажување на проблемите со кои се соочувата и на потребата од подобрување на правата на вработените и состојбите во затворскиот систем.

-Изминативе неколку дена имаше јавни линчувања кон припадниците на затворска Полиција од јавни личности носители на функција пренесено од медиуми. Со дадените изјави за сегашната состојба во одредени затвори се поставува прашањето дали воопшто предходник (директор на УИС) Ви ги пренесе, укажа и објасни состојбите во затворскиот систем ???". Со ова Отворено писмо до Вас и јавноста а в.в. со случувањата во КПУ Затвор Скопје од страна на Синдикат на Затворска Полиција и администрација на Македонија ќе Ви одговоривме со: „ДАЛИ ЗНАЕТЕ ???". Дали знаете кој е оптимално потребен број на припадници на Затворска полиција во Затвор Скопјe за вршење на тековни активности, стои во писмото. 

 

Скопје - СДСМ во изминатите седум години како владеjачка партија направи се за да се тргне напред и да се надминат блокадите кои доаѓаа од надвор во процесот на евроинтеграцијата на земјата, кој што со децении тапкаше во место. Сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите и час поскоро да започнат разговори со новата политичка Влада во Софија за одблокирање на патот кон ЕУ, изјави претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

-Ние како Влада, како владејачка партија во изминатите седум години направивме се за да процесот кој што многу долго време, со децении тапкаше во место поради блокади од надвор ги надминеме. Се направи Преспанскиот договор со кој што се реши проблемот со Грција благодарение на што станавме членка на НАТО. Понтаму со тие договори и декларации кои што поминаа во Собранието - т.н. Француски предлог, практично започна процесот на преговори со ЕУ и сега сме на прагот, после завршување на скринингот, да се започне отворањето по поглавја. Тоа е процес кој што сметам дека на граѓаните најпрво ќе им донесе многу подобар, поквалитетен живот, повеќе финансиски средства, повеќе европски вредности. Едноставно се тоа што со децении наназад го очекуваме и изминатите генерации се бореле, и сето тоа, за што сега децата, поради недостиг очигледно на тоа во земјава, заминуваат надвор. Во таа смисла СДСМ направи се што можеше, како што правело секогаш во изминатите 30 години земјата да ја турне напред. Ние сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција, дека ќе ја променат рамката и ќе го поддржиме кој било подобрен предлог што ќе дојде на маса, рече Филипче на новинарско прашање дали чувствува морална одговорност за стопирањето на процесот на пристапување кон ЕУ и дали ќе се обидат да имаат некакви разговори со бугарските политички лидери да ги намалат нивните очекувања.

 

 

 

 

Софија - Дваесет и двегодишна девојка денеска избоде тројца мажи во парк во Софија, а еден од нив е во тешка состојба, јавија бугарските медиуми.

Девојката наводно е уапсена во меѓувреме.

Очевидци тврдат дека девојка со нож нападнала тројца минувачи во Саут Парк, пренесуваат бугарските медиуми, додавајќи дека насекаде имало многу крв.

Еден од нападнатите, 21-годишен, бил прободен со нож во слезината и веќе бил опериран. Според медиумите тој е во тешка состојба.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев денеска упати апел до институциите да преземат мерки во однос на правосудниот систем.

„Апелирам до сите вас, како и до одговорните државни институции, врз основа на значителните информации за овие случаи, да преземат категорични мерки против политичкото и олигархиското влијание врз правосудниот систем, рече бугарскиот претседател Румен Радев во својот говор на дискусијата за темата: „Од овде до каде со судството?“, во организација на Бугарскиот институт за правни иницијативи.

Според него, новоформираниот парламент и влада мора многу сериозно да ја сфатат оваа задача, како и претстојните кадровски назначувања во судската власт.

Белград - Српската нафтена индустрија испрати официјално барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) за одложување на санкциите.

Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека барањето е поддржано од владите на Србија и Унгарија и дека Србија побарала од Американците да ги одложат санкциите за минимум 90 дена.

„Барањето се однесува на добивање општи или посебни лиценци кои ќе овозможат НИС да ги одржува операциите додека се бара прифатливо решение за сопственичката структура и управување, со цел да се осигура дека компанијата, која е регионално и стратешки важна за енергетската стабилност, ќе продолжи да работи“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ во соопштение.

 

 

Брисел - Европа треба да дејствува помудро во светот што стана потежок, вклучително и кон САД на Доналд Трамп, и да дејствува во свој интерес, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

-Европа треба да се соочи со светот таков каков што е, да носи одлуки врз основа на пресметана проценка на нејзините интереси, без емоции и носталгија за светот од минатото, рече Фон дер Лајен во говорот пред амбасадорите на ЕУ во Брисел.

Таа изјави дека на некои „можеби не им се допаѓа оваа нова, посурова реалност, заснована на давање и земање“.

Брисел – Оваа 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји опфатени со процесот на проширување на Европската Унија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.  . 

- Сакам да испратам јасна порака, 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји кои се на нивниот пат заснован на заслуги кон пристапување во нашата Унија. Комплетирањето на нашата Унија е во наш основен интерес и тоа ќе биде основен приоритет во следните пет години, истакна Фон дер Лајен. 

Таа потенцира и дека Европа ќе ја заштити својата економска и национална безбедност, но при тоа е важно да постигне вистински баланс и да се подготви за сите можни сценарија. 

Берлин – Германскиот завод за статистика „Дестатис“ објави  извештај за начинот на живот на младите од 15 до 24 години во Германија, од кој се гледа дека бројот на оженети во оваа возрасна група паднал на најниско ниво од почетокот на водењето на евиденцијата, по повторното обединување на Германија во 1991 година.

Податоците покажуваат дека до крајот на 2021 година, само 136.000 лица на возраст од 15 до 24 години биле во брак, во споредба со пред десет години кога повеќе од 246.500 млади лица  биле во брак или во граѓанско партнерство.

Париз - Лидерот на француската крајнодесничарска партија Национален собир, Жордан Бардела, денеска изјави дека не поддржува предлог за изгласување недоверба на француската Влада, со што се зголемува веројатноста премиерот да остане на власт и буџетот за 2025 година да биде усвоен. Гласањето за недоверба е закажано за утре во Националното собрание, а за да успее, потребни се најмалку половина од 577 гласови.

Пратениците на крајно левичарската Непокорна Франција, Комунистичката партија и Зелените, кои се очекува да ја поддржат иницијативата, немаат доволно гласови за да ја урнат центристичката влада.

Жордан Бардела, претседател на Национален собир, најголемата група во Националното собрание, рече дека „во сегашната ситуација Французите не би имале корист од новиот период на нестабилност“.

Москва – Руските власти, кои контролираат дел од регионот Запорожје, денеска соопштија дека шест лица, од кои пет деца се повредени при напад со украински дрон.

- Во округот Василивка, во близина на линијата на фронтот, беше пукано врз училиштен автобус. Во моментов знаеме дека возачот на автобусот е тешко повреден. Покрај тоа, пет деца се здобиле со полесни повреди од шрапнели, изјави гувернерот на Запорожје, именуван од Москва, Евгениј Балицки.

Москва го оцени инцидентот како насочен напад врз деца. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ги обвини меѓународните хуманитарни организации дека сакаат да го прикријат случајот.

Киев сè уште не го коментирал инцидентот.

 

 

 

Вашингтон - Планираните испораки на воена опрема за Израел вклучуваат 4.700 бомби од половина тон и оклопни булдожери, во вкупна вредност од речиси една милијарда долари.

„Волстрит џурнал“ вчера објави дека администрацијата на Трамп побарала од конгресните лидери да одобрат испорака на бомби и друга воена опрема за Израел во вредност од речиси една милијарда долари, бидејќи Белата куќа се обидува да одржи кревок прекин на огнот во Појасот Газа, според американски официјални претставници запознаени со овие испораки.

Вашингтон - Американецот Винсент Лемарк Бурел е осуден на 475 години затвор за организирање борби со кучиња, што е најдолгата евидентирана казна некогаш изречена за злосторство за суровост кон животните, потврдија обвинителите.

Судијата на Врховниот суд во јужната американска држава Џорџија, Дин Ц. Бучи го осуди Бурел (57) по 93 точки од обвинението за борби со кучиња и десет точки за суровост кон животните, објави Ен-Би-Си Њуз. Бурел ги негираше обвинувањата.

Локалните власти објавија дека 107 кучиња биле спасени од имотот на Бурел во 2022 година.

Тел Авив - Во нападот утринава врз израелски воен контролен пункт кај селото Таџасир на северозападниот Западен Брег, загинаа двајца резервисти на израелската армија (ИДФ), а осуммина се ранети, соопшти ИДФ.

Еден од загинатите војници е пензионираниот наредник Офер Јунг (39) од Тел Авив, командант на вод во 8211-от резервен баталјон на бригадата Ефрем, а името на вториот загинат војник ќе биде објавено подоцна денеска, соопшти ИДФ, пренесе Тајмс на Израел.

Од осумте ранети израелски војници, двајца се во критична состојба, додека шест се со полесни повреди.

Техеран -  Иран организираше втора голема вежба во последните денови за тестирање на борбената способност на своите единици за противвоздушна одбрана, јави ДПА. Во југозападниот дел на Исламската република армијата вежбаше откривање, следење и уништување цели, наведува агенцијата Тасним. За време на маневрите беа користени и радарски системи од сопствено производство.

Во текот на изминатите неколку месеци, воените тензии меѓу Иран и неговиот главен непријател Израел ја зголемија загриженоста во Исламската Република дека може да избие војна.

Израелската влада постојано се закануваше дека ќе ги бомбардира иранските нуклеарни локации поради стравувањата дека Техеран може да се обиде да набави нуклеарно оружје.

Остани поврзан