МИА Радио флеш
- 11 февруари 2025

Скопје - Иако постои евидентен напредок во подобрувањето на учеството на жените во високото образование, тие, сепак, не се доволно застапени. Во земјите на Западен Балкан жените се уште се соочуваат со родови предрасуди во образованието и професионалното надградување во различни области, особено во оние каде традиционално доминираат мажите, како инженерството и технологијата, беше речено на денешниот „Глобален женски појадок 2025“ што се одржува на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Како што беше потенцирано, жените се недоволно застапени на високи истражувачки позиции, а традиционалните општествени очекувања во врска со семејството често се причина да престанат со научна дејност.
Скопје - На барање на Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука со која ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата во непроменет максимален износ од 400 милиони евра до 31 јануари 2027 година. Покрај нејзините девизни резерви, коишто се на историски највисоко ниво од 5 милијарди евра, репо-линијата обезбедува брза достапност до девизна ликвидност што ѝ овозможува на Народната банка флексибилно да се справи со потенцијалните регионални шокови за финансирање и зголемената побарувачка на ликвидност во евра, информираат од Народната банка.
Оттаму изразуваат благодарност на ЕЦБ за продолжувањето на можноста за пристап до репо-линијата, што според Народната банка, обезбедува значителна поддршка за политиките на стабилност коишто таа ги спроведува.
Скопје - Со извршената ревизија за работењето на Централниот регистар утврдени се неправилности, вклучувајќи продажба на патнички моторни возила без согласност од Владата, неусогласености во евиденцијата на приходи и нефункционирање на одредени регистри. Дополнително, утврдени се проблеми со долгови, неправилности во вработувањето и законски недоречености кои влијаат на ефективноста на институцијата. Ова е објавено во конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Централен регистар на Република Северна Македонија.
ДЗР извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Централен регистар на Република Северна Македонија, за 2023 година, при што изрази неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.
Скопје - Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави. Со 40 индексни поени, што е за три под просекот од 43, земјава ја дели 88 позиција со Казахстан, Суринам и Виетнам.
Највисоко рангирана и годинава останува Данска со 90 индексни поени, по што следат Финска со 88 и Сингапур со 84 поени. На последно место е Јужен Судан со 8 индексни поени, додека пред него се Сомалија со 9 и Венецуела со 10 индексни поени. Од земјите во регионот најдоброрангирана е Грција, која иако стагнира е на 59 позиција со 49 индексни поени. Најлошо рангирана е Босна и Херцеговина, која бележи пад од 2 поени и е на 114 позиција со 33 индексни поени.
Скопје - Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени.
Како што информира денеска Јавното обвинителство, според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење.
Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.
Тирана - Тим чешки научници, во јужниот дел на Албанија, го открија најголемото подземно термално езеро во светот и го именувале „Нејронско Езеро“, по фондацијата “Нејрон“ што ја финансирала експедицијата.
Откритието дојде по неколкугодишно истражување во долините на планинските погранични области меѓу Грција и Албанија, во сложени подземни услови. Тимот го предводел чешкиот спелеолог Марек Ауди, кој се сомневал дека постои скриен систем на термални пештери во јужниот албански регион Вромонер.
Тирана - Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама во првата реакција за апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, вели дека тоа е голем настан што не може да го помине без „без коментар“.
-Да се земе градоначалникот на Тирана и да се затвори во ќелија без судење, да се остави цел град без главата што му ја ставија на раменици, е многу голем настан кој не можам да го поминам со „без коментар“. Повеќе нема да го чувам својот став за себе. Во сите случаи, правдата ќе си ја заврши работата, рече Рама во директна комуникација со граѓаните на Фејсбук. Наведувајќи го неговиот став, меѓу другото додава дека новиот правосуден систем ја стекнал потребната самодоверба.
Атина – Вештачката интелигенција, билатералните односи, европски прашања, меѓу кои одбраната и конкурентноста на европската економија, како и меѓународните прашања, биле главните теми за кои разговарале францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната средба во Париз на маргините на Самитот за вештачка интелигенција, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата доаѓа откако беше објавена информацијата дека конзорциум во кој учествува Франција планира продажба на проектили МЕТЕОР на Турција, за што пред две седмици министер за одбрана на Грција Никос Дендиас се сретна со француската амбасадорка во земјата Лоренс Оер од која побарал одговори и го изразил грчкото противење.
Палермо - За време на голема операција против членови на мафијата во областа Палермо, уапсени се 181 лице, меѓу кои и водачи и изнудувачи од различни мафијашки групи.
Истрагата ја водеа карабинерите, а ја координираа обвинителот Маурисио де Лусија и заменик-обвинителката Марсија Сабела. При операцијата е откриен обид на Коза Ностра да ја обнови својата регионална структура и да ја зголеми својата моќ, јавија италијанските медиуми.
Брисел - Западниот Балкан е дел од европското семејство и затоа нашата безбедност е неодвоива и нашата соработка е од суштинско значење, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, која вчера во Рим учествуваше на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан и на членките на групата “Пријатели на Западниот Балкан”.
- Во Рим ја повлеков оваа заедничка безбедносна перспектива и нашата надеж за вистински напредок во проширувањето на ЕУ во следните пет години, врз основа на напредокот со реформите, наведе Калас во објава на Икс. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која исто така учествуваше на средбата, порача дека повеќе од кога било, Западен Балкан треба да се приближи до ЕУ.
Брисел - Шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен остро ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум од 12 март, ветувајќи дека блокот ќе возврати.
„Длабоко жалам за одлуката на САД да воведат царини за европскиот извоз на челик и алуминиум“, рече таа во изјавата. „Неоправданите царини за ЕУ нема да останат без одговор -- тие ќе предизвикаат цврсти и пропорционални контрамерки“.
Стразбур, 11 февруари 2025 (МИА) - ЕУ ќе одговори цврсто и пропорционално на тарифите воведени од САД, изјави денеска европскиот комесар за трговија и економска безбедност, Марош Шефчович, во говорот пред европратениците во Европскиот парламент во Стразбур.
„Длабоко жалиме за ова, според нас тарифите се неоправдани“, рече Шефчович. Според него, тарифите... не се од корист за потрошувачите бидејќи ќе доведат до повисоки цени и зголемена инфлација. Сите губат од ова... Ги цениме најавените мерки, ќе одговориме цврсто и пропорционално, рече тој. Подготвени сме за конструктивен дијалог, додаде еврокомесарот.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Европската унија ќе биде обединет фронт на Вашингтон откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршни наредби за воведување царини од 25 отсто за челик и алуминиум.
„Ако САД не ни остават друг избор, тогаш Европската унија ќе дејствува заедно како најголем пазар во светот“, рече Шолц во Парламентот. „Но, се надевам дека сме поштедени од погрешниот пат за царини и контратарифи“, додаде Шолц.
Њујорк - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го повика Хамас да продолжи со планираното ослободување на заложниците, еден ден откако палестинската терористичка група ја објави својата намера да ја запре размената.
„Мораме по секоја цена да избегнеме обновување на непријателствата во Газа што би довело до огромна трагедија“, нагласува тој во изјавата.
Хамас вчера објави дека ќе престане да ги ослободува израелските заложници до понатамошно известување поради, како што го нарече, израелското кршење на договорот за прекин на огнот во Газа, што го зголемува ризикот од повторно разгорување на конфликтот.
Газа - Висок претставник на Хамас денеска изјави дека предупредувањето на американскиот претседател Доналд Трамп за групата веднаш да ги ослободи сите израелски заложници „дополнително ги комплицира работите“ во врска со кревкото примирје во Газа.
„Трамп мора да запомни дека постои договор што мора да го почитуваат двете страни и тоа е единствениот начин да се вратат затворениците (заложниците)“, изјави Сами Абу Зухри за француски медиуми. „Јазикот на заканите нема вредност и дополнително ги комплицира работите“, додаде тој.
Кабул - Бомбаш-самоубиец уби пет лица, вклучително и припадници на талибанските безбедносни сили во експлозија пред банка во северен Авганистан, соопшти полицијата.
„Бомбаш-самоубиец, кој имал на себе импровизирани експлозивни направи, ги активирал во близина на Банката на Кабул“, изјави Џумадин Хаксар, портпарол на полицијата во провинцијата Кундуз. Тој доаде дека пет лица загинале, меѓу кои и цивили и припадници на талибанските безбедносни сили.
Пјонгјанг - Северна Кореја и обезбеди на Русија 200 парчиња артилериски проектили со голем дострел, изјави официјален претставник на јужнокорејското Министерство за одбрана.
Пјонгјанг и дал на Москва „околу 11.000 војници, проектили, 200 парчиња артилериски проектили со голем дострел и значителна количина муниција“, рече официјалниот претставник во изјава за француски медиуми. Тој додаде дека тие можат „дополнително да снабдуваат со војници, оружје и муниција“.