• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

12 ноември 2025 

Тетово - Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Општина Теарце, Даут Мемиши, денеска го пуштија во употреба комплетно реконструираниот спортски центар во село Доброште, информираат од Министерството.

Во рамките на спортскиот комплекс изградено е: фудбалско игралиште, кошаркарско игралиште со полипропиленски под и детско игралиште опремено со соодветни реквизити.

-Со оваа инфраструктурна инвестиција на Министерството за спорт, жителите на Доброште и околните населени места, а особено младите, добија современ, безбеден и функционален простор за спорт и рекреација.Нашата цел и заложба е да обезбедиме услови за спорт и здрав живот во секоја општина, затоа што спортот мора да биде достапен за сите. Продолжуваме со реализација на проекти кои го унапредуваат спортот и ја подобруваат инфраструктурата низ целата држава, изјави министерот Ристовски.

Штип – Почна расчистување на теренот околу Автобуската станица во Штип, каде што треба да се гради вториот „Лидл“ маркет.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов потврдува дека на оваа локација ќе има и маркет, но и Автобуска станица со поразличен изглед од сегашниот. Дополнително во напредна фаза се активностите и за изградба на првиот Лидл маркет кој се наоѓа на булеварот „Партизанска“, спорти старото Нервно одделение.

Се очекува и двата маркети да започнат со работа во текот на 2026 година.

Кочани - Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите во пожарот во „Пулс“, денеска започна конститутивната седница на новиот состав на Советот на Општина Кочани. Потоа се изврши верификација на мандатите на сите 19 советници, со што почна нивниот четиригодишен мандат, а Советот официјално стартуваше со работа.

Александар Андов, член на советничката група на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО - ДПМНЕ, е избран за претседател на Општинскиот совет на Кочани. Тој доби подршка од 12 советници, а за него гласаа и двајца независни советници.

Андов, откако ја презеде должноста, најави отвореност за соработка со сите, без разлика на политчката припадност.

- Интересот на граѓаните е она што сите треба да не спои, рече новоизбраниот претседател Андов.

Конститутивната седница на Советот на Општина Кочани заврши со формирање на комисии за работа.

Кавадарци - Со превентивна здравствена акција, денеска на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот. 

-ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Кавадарци,  Бела фарм аптеки, ПЗУ Виталиа Медикус, ПЗУ Симбимед и ЈЗУ Центар за јавно здравје, Здружението на дијабетичари „Слатка Насмевка“ Кавадарци, беа дел од оваа заедничка здравствена иницијатива насочена кон превенција, едукација и поддршка за сите лица кои живеат со дијабетес, појаснија организаторите на настанот. 

Акцијата опфаќаше бесплатно мерење на шеќер во крв и крвен притисок, совети, искуства и поддршка за подобар и поздрав живот, совети за здрава исхрана и физичка активност, информативни материјали. 

- Покажуваме дека грижата за здравјето е заедничка одговорност, превенцијата спасува животи и дека кога сме обединети секој чекор кон подобро здравје е победа за сите нас.  Здравјето е наш најголем капитал – превенцијата е првиот чекор. Да се обединиме во борбата против дијабетесот и да ја подигнеме свеста за здравјето во нашата заедница, порачаа организаторите на настанот.

Скопје - Скопската депонија „Дрисла“ е во исклучително лоша состојба и силно ќе се залагаме да се трансформира по примерот на другите современи европски регионални центри за обработка и третман на отпадот, рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Во обраќањето на експертската работилница за креирање зелени работни места во Македонија, Ѓорѓиевски порача дека земјава треба максимално да се заложи за селектирање на отпадот и за негово поефикасно искористување како суровина. 

Градоначалникот потсети дека веднаш по стапувањето на својата нова функција се зафати со чистење на Скопје.

-На самиот почеток на мојот мандат максимално се посветив на средување на состојбата со нередот и ѓубрето во главниот град, нешто што беше проблем многу години наназад. Убеден сум дека Скопје, но и останатите општини, во соработка со Владата ќе почнат да се справуваат со отпадот на многу подобар и поцелисходен начин, напомена Ѓорѓиевски.

Тој го потенцира значењето на невладините организации кои работат на собирање, селектирање и третман на отпадот.

Скопје - Започнувањето на проектот „Фискална едукација“ беше одбележано денеска во основното општинско училиште „Браќа Миладиновци“. Со овој проект, како што беше нагласено, општина Аеродром станува прва општина во државата што ја воведува фискалната едукација во основните училишта.

На настанот присутни беа градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, како и државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска.

Ученици во „Браќа Миладиновци“ низ игра и креативна работилница, меѓу другото, се запознаа со даноците.

-За да имаме одговорни граѓани и идни генерации кои се свесни за значењето на даноците, мора да работиме на информирање и градење на знаењето. Даночната култура и даночната свест започнуваат од знаењето, а знаењето започнува во образовниот процес. Управата за јавни приходи долги години спроведува активност, фискална едукација на млади, досега претежно во средните училишта. Оваа активност од минатата година ја освеживме со нови содржини, посовремени, поинтересни и поблиски до денешните генерации, нагласи Петрова во изјава за медиуми.

Скопје - Инвестираме во дигитализација за да ги направиме општинските услуги побрзи, поефикасни и подостапни за граѓаните. Наша цел е Општина Центар да биде дигитална, интерактивна и блиска до своите жители, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Тој посочи дека општината го развива и надградува ГИС порталот, кој им овозможува на граѓаните брз и лесен пристап до информации и документи, како што се деталните урбанистички планови (ДУП), уписите и податоците за училиштата и градинките.

-Со регистрација во ГИС-от, што се наоѓа на општинската веб-страница, граѓаните можат да проверуваат во кое училиште реонски припаѓа нивното дете и да поднесат електронска пријава за упис. Новина е модулот за градинки, преку кој родителите добиваат персонализиран профил на детето, преку кој се информираат за активностите, присуството и другите известувања од градинката, нагласува Герасимовски во интервју за емисијата „Програма на градовите“ на МРТВ.

Како што информираат од Општина Центар, Зелениот катастар, кој исто така е дел од ГИС-от, овозможува увид во мапираното зеленило, со околу 80 проценти од дрвјата веќе внесени со податоци и фотографии.

Скопје - Општина Илинден интензивно работи на изградба на паркинг простор за околу 30 возила во рамки на Средното општинско стручно училиште „Илинден“. Паркинг просторот зафаќа површина од околу 550 квадратни метри, предвиден е за потребите на училиштето и ќе придонесе за значително подобрување на условите за работа и организираност во сообраќајот околу училиштето.

Како што информираат од општината, дополнително се започнало со изградба и поставување на нова заштитна ограда околу спортскиот комплекс „Драго Маневски“. Во рамки на проектот ќе се извршат бетонски работи и поставување на заштитна ограда во должина од 240 метри, сè со цел да се зголеми безбедноста на граѓаните кои секојдневно го користат спортскиот простор за тренинг и рекреација.

Увид во градежните активности направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека изградбата на паркинг просторот е во насока на обезбедување на квалитетни услови за функционирање на училиштето, додека пак со изградба на оградата ќе се придонесе за подобување на функционалноста на спортските објкети и спортскта инфрструктфура.

 

 

Остани поврзан