• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

10 ноември 2025

Штип – Балканскиот медиумски камион денеска и утре е во Штип. По тој повод денеска во Штип беше и амбасадорот на Република Франција, Кристоф Ле Риголер, којво оваа пригода рече дека фондацијата „Метаморфози“ е дел од проектот „Споделени хоризонти“, којшто се спроведува во шест земји од Западен Балкан. Посочи дека „Споделени хоризонти“ е најголемиот проект финансиран од француското Министерство за надворешни работи и е наменет за граѓанското општество и младите.

-Покрај вредностите на спортот, зачувањето на културното наследство и дебата на идеи, борбата на дезинформации се столбовите на овој проект. Борбата против дезинформациите е еден од приоритетите на Франција, особено затоа што нашата земја, нашата демократија се цел на чести напади. Зошто овој камион за борба против дезинформации? За да се сретнеме со јавноста на оригинален начин да ја подигне свеста на забавен и прагматичен начин, за формите и последиците од дезинформациите. Овде во Штип е третата македонска етапа по Битола, Гостивар, а пред Скопје, вели Ле Риголер.

Францускиот амабасадор додаде дека Балканскиот медиумски камион нуди алатки за препознавање на манипулации и дезинформации, како и клучни совети за самите да не станеме пренесувачи на дезинформации. Тој додаде дека дезинформациите не можат да се поистоветат со слободата на говорот, туку нивната цел е да посејат сомнеж и да ги дестабилизираат демократските земји, како што се Македонија и Франција.

Неготино - Марија Нацева ја презеде градоначалничката функција во Неготино, од досегашниот градоначалник Горан Стојанов. Таа денеска го доби уверението од Општинската изборна комисија. Уверенија добија и новоизбраните членови во Советот на Општина Неготино. 

- Ќе бидам градоначалничка на сите, без разлика на политичка, верска, етничка или било каква друга припадност. Мојата цел е недвосмислена и повеќе од јасна. Неготино да продолжи да расте, да се развива и да биде место каде секој се чувствува слушнат и вреднуван. Очекувам и од сите советници да ја носат својата функција со иста почит и одговорност. Функциите се менливи, но, честа, почитта и довербата добиена од својот народ е нешто што не смееме да го изневериме, напиша таа на „Фејсбук“. 

Нацева, како и претходно Стојанов, беа кандидати за градоначалник на ВМРО - ДПМНЕ.

Делчево – Националниот конзерваторски центар (НУ НКЦ) распиша тендер за избор на најповолен економски оператор за реализација на Основен проект за конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во селото Разловци, Општина Делчево.

Проектот, кој ќе се реализира во пет фази, опфаќа конзервација и реставрација на кровот, внатрешните и надворешните ѕидови, замена на дотраената столарија со нова од трајни материјали и термопан стакло, како и санација на партерното уредување и потпорните ѕидови со дренажа.

На средбата меѓу директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, беше истакнато дека реализацијата на овој проект претставува капитална инвестиција во културата на Делчево и важен чекор во зачувувањето на културно-историското наследство.

Струмица - Раководството на ФК „Единство“ од Пиперево и Општина Василево заеднички извршија подготовка на теренот на големото фудбалско игралиште во ова село, соопштија денеска од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Василево, Славе Андонов, најави реконструкција и на соблекувалните со финансиски средства обезбедени од општинскиот буџет.

-Теренот на големото фудбалско игралиште во Пиперево се подготвува за натпреварите од Општинската лига. По барање на управата на ФК „Единство“, Општина Василево обезбеди механизација за рамнење на теренот. Дополнително, ќе обезбедиме и средства за реконструкција на соблекувалната на ова фудбалско игралиште, се наведува во пренесената изјава на Андонов.

Инаку, ФК „Единство“ од Пиперево, по поголема пауза, од оваа сезона се враќа на теренот и се натпреварува во рамки на Општинската фудбалска лига на Струмица.

Гостивар - Вратите на објектите на локалната самоуправа во Врапчиште и Неготино полошко од утрово се затворени. Според јавувањата на граѓани кои дошле по потреба за документи или друга услуга, потврдија дека влезните врати се заклучени и нема вработени во објектот во Врапчиште.

МИА побара одговор од доскорешниот градоначалник Хисен Шабани, кој во кусиот телефонски разговор објасни дека тој повеќе не раководи со општината Врапчиште.

- Мене мандатот ми заврши вчера, а од денес веќе не раководам со општина Врапчиште, што се случува и како ќе биде понатаму, одговор да побарате од Владата, рече Шабани.

Според првичните сознанија, неработењето на локалната самоуправа се поврзува со најавите дека по неуспешните избори за градоначалник, ќе биде назначен владин повереник.

Претходно, досегашниот градоначалник Хисен изјавуваше дека не се согласува со намерата на Владата да биде сменето раководството на Општина Врапчиште по првиот круг во кој немаше доволна излезност. 

Кочани - Во салата на Советот на Општина Кочани денеска им беа врачени уверенијата на новиот градоначалник на Кочани, Владко Грозданов и на членови на Советот на Општина Кочани, кои ги добија мандатите од граѓаните на Локалните избори.

Претседателката на Општинската изборна комисија, Билјана Димовска Гичева упати честитки на новоизбраниот градоначалник и на членовите на Советот, посакувајќи им успех во работата и посветено и одговорно извршување на функциите.

- Во името на Општинската избирна комисија и во мое лично име честми е што денес свечено ги доделуваме уверенијата на новоизбраните градоначалник и членови на Советот на Општина Кочани. Со ова го заокружуваме изборниот процес и ја потврдуваме волјата на граѓаните, изразена на демоктатски и транспарентен начин, рече Димовска Гичева.

Куманово - Навремената реакција на блиските, семејството и пријателите е клучна за да се спречат обидите за самоубиство, укажуваат психолозите. Според СВР Куманово, податоците се поразителни. Од почетокот на 2025 година досега на подрачјето на СВР Куманово се евидентирани 15 самоубиства од кои 13 мажи и две жени. Во истиот период биле пријавени 12 обиди за самоубиство, од кои пет мажи и седум жени. Лани, пак биле регистрирани 12 самоубиства од кои десет мажи и две жени, а биле пријавени 19 обиди за самоубиство од кои девет мажи и десет жени.

Овие податоци, според стручните лица, се знак на растечка психолошка и социјална нестабилност во заедницата, имајќи предвид дека старосната граница на лицата кои посегнуваат по сопствениот живот е под 50 години, а во пораст се и случаите кај младите, но сепак возрасни лица.

Александра Милевска, дипломиран психолог и семеен и системски советник, објаснува дека трендот на пораст на самоубиства кај мажи е присутен не само во Куманово, туку и на глобално ниво.

Крива Паланка – „Графика, слика, објект“ е името на изложбата на Стефан Анчевски што е поставена во градската уметничка галерија на кривопаланечкиот музеј за сите љубители на ликовната уметност.

Пред публиката е претставен циклус дела во кои се комбинирани меки материјали како: лепила, силиконски и акрилни маси кои потсетуваат на нешто меко и органско.

-Иако делата се од неколку циклуси работени во период од неколку години, заедничко за сите е што содржат комбинација од елегантност и одредена грубост, но не и бруталност, чие што отсуство дава смиреност во екпресивноста во корист на општиот елегантен квалитет. Делата на Стефан Анчевски се еден вид поетски објекти кои во себе носат дел од минатото и дел од личното доживување на квинтесенцијата на минливата сегашност, информира директорот на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка, Драган Величковски.

Анчевски е  визуелен и мултимедијален уметник со реализирани над 15 самостојни и над 150 изложби во земјата и странство, се претставува првпат пред кривопаланечката публика и изрази благодарност за остварената соработка со музејот.

Битола - Театри од Полска, САД, Хрватска, Англија, Бугарија и Македонија ќе учестуваат на најновото издание на „Битола Шекспир фестивал“.

Од НУ Народен театар-Битола, домаќин и организатор на фестивалот информираа дека 11-то издание се совпаѓа со 14-ти ноември, денот на основањето на првиот македонски театар.

-„Битола Шекспир фестивал“ ќе го отвориме со роденска премиера на шекспировата претстава „Макбет“ во режија на Сабо Иштван, наш гостин од Унгарија. Во периодот до 21 ноември, пибликата ќе може да ги погледне и претставите на гостите од Полска со „Дванаесеттата ноќ” во изведба на Драмски театар „Александар Венгерко“ од Бјалисток, потоа „Крал Лир” во изведба на актерите од „Lit Moon Theatre”-САД, претставата „Јас Писблосом“ ќе ја изведат катери од Хрватска и Англија, додека пак драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија ќе гостува со претставата „Како што милувате“, посочија од НУ Народен театар-Битола.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 03.11. до 09.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 134 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Како што се наведуваат од ПОЦ за трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура.

-Затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, стои во соопштението.

Скопје -  Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажува најновиот неделен извештај на ЈП „Водовод и канализација. 

Секторот за санитарна контрола во периодот од 3 до 7 ноември 2025 земал 206 примероци за физичко-хемиска и 206  примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 50 мерни места во Градот Скопје.

Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. 

Скопје - Инспекциските служби на Општина Центар спроведоа вонредни инспекциски надзори на плоштадот „Филип Втори“ и на влезот на Старата скопска чаршија.

При контролата беше утврдено постоење на повеќе диво поставени и заградени објекти.

За истите се донесени решенија за нивно отстранување, во рок од 5 дена.

Доколку сопствениците не ги отстранат објектите во наведениот рок, Општина Центар ќе пристапи кон нивно отстранување.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека општината останува посветена на одржување на јавниот ред и достоинствениот изглед на строгиот центар на градот.

„Општина Центар нема да дозволи узурпирање на јавен простор. Ќе продолжиме со континуирани контроли за да го зачуваме редот, безбедноста и автентичниот изглед на просторот,“ посочи Герасимовски.

Остани поврзан