МИА Општински пул
- 11 февруари 2025

Скопје - Без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Аеродром, Сарај и Чаир, информираат од РЦУК.
Во периодот од 09:00 до 14:00 часот без струја ќе бидат корисниците од ул. „Горно Лисиче“ во село Долно Лисиче, општина Аеродром, а во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. „Тодор Чангов“ 49, ул. „Тодор Чангов“ 53, ул. „Тодор Чангов“ 51 и ул. „Диме Илиевски Мурато“, исто така во општина Аеродром.
Прекин во снабдувањето со електрична енергија во периодот од 10:30 до 13:00 часот, ќе имаат дел од корисниците на селата Сарај и Грчец во општина Сара, а во периодот од 08:00 до 10:30 часот, дел од Сарај и стопански објекти на: Адем Иљаз, Ислам Абази, Млекара Глумово, Драче Сарај, Бензиска Пумпа Сарај, исто така во оваа општина.
Кратово - Општина Кратово распиша награден конкурс за најдобра литературна творба на тема „Свети Ѓорѓи Кратовски–светилник и закрилник на Кратово“, по повод чествувањето на патронот на светецот на 24 февруари.
Право на учество имаат сите жители на општина Кратово, а доставените литературни творби, поезија или проза, треба да бидат напишани на македонски литературен јазик и истите не смеат да бидат претходно објавувани.
- Традиционално, како секоја година, го распишуваме конкурсот посветен на светецот заштитник на Кратово, свети Ѓорги Кратовски, што ќе трае до 24 месецов. Обезбедени се и парични награди за авторите на трите најдобри творби што ќе ги одбере комисија за оценување, формирана од градоначалникот на општина Кратово, посочуваат од општината.
Скопје - Поради уличен дефект на ул. „5“ кај чешмата во село Сопиште, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. „5“, „6“, „7“ и дел од ул.„1“.
Како што информираат од ЈП Водовод и канализација водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:15 часот до санирање на дефектот.
Крива Паланка - Со кампањата „Читаме гласно, говориме јасно“, Националната установа Центар за култура Крива Палака и годинава по повод Светскиот ден на читањето, 2 февруари, поттикнува развивање на љубовта кон читањето и пишанито збор кај сите генерации.
Кампањата се реализира втора година во низа, на иницијатива на ментор-професор Лариса Жулина Митовски од основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“ од градот во соработка со литературен клуб „Калин“ од библиотеката „Кочо Рацин“ при установата, а е наменета за сите предучилишни установи и воспитно-образовни институции од основните училишта во Северна Македонија со нивните ментори, јавни личности и родители.
Во знак на гласното читање минува цел месец февруари со една важна порака, да ги поттикнеме сите личности кои непосредно влијаат на создавање љубов кон читањето и развој на говорни вештини кај децата: родители, наставници, воспитувачи и негуватели, баби и дедовци, мајки и татковци, да читаат гласно пред младите. Целта е со читање на глас со дечињата да развијат читачки навики кај нив, како основа за нивна правилна надградба како индивидуи во текот на животот, посочува Даниела Петровска, в.д. директор на НУ Центар за култура, Крива Паланка.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски очекува иницијативата за вршење општокорисна работа на малолетниците кои вандализираат во најкус можен рок да се преточи во закон, со цел да се намалат ваквите девијантни појави во општините.
-Очекувам во најбрз рок нашата иницијатива да се преточи во закон, барам поддршка од сите пратеници да ги поддржат новите законски измени за да може да го спречиме вандализмот во општините. По доставувањето на иницијативата од страна на ЗЕЛС до Владата очекувам ресорните министерства да предложат измени на законите што ќе се донесат по брза постапка во Собранието. Вандализмот е проблем кој мора сите ние заеднички, меѓуинституционално да го решаваме. Еве повторно, гледаме вандализам во центарот на градот, кај „Жена парк - Борец“ кадешто се скршени и откорнати клупи со расфрлан отпад. Ова мора да го стопираме, вели Герасимовски.
Како што информираат од Општина Центар, нивната иницијатива била едногласно прифатена на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и со неа се предвидува да се направат измени на постоечките законски решенија како Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата. Овие измени, сметаат од Општина Центар, ќе донесат позитивни резултати.
Струмица - За четири месеци минимално е зголемено нивото на хидроакумулациите во Струмичко, посебно на поголемите, информира за МИA од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница „Струмичко Поле“ Струмица.
Во најголемата акумулација „Турија“, од која со вода за пиење се снабдуваат општините Струмица и Василево, до денеска се собрани 12.202.000 метри кубни вода од вкупно 50 милиони, односно од октомври лани нивото е зголемено за повеќе од половина милион кубни метри вода. Во „Водоча“ денеска се измерени 8.651.000 кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода.
Од„Струмичко поле“ очекуваат помалите акумулации Новоселка, Иловица и Маркова река да се наполнат, а единствено најмалата акумулација Чаушица засега прелева.
Тетово - Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово информира дека денесka поднеле Иницијатива за оценување на уставност и законитост на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Од Сојузот образложуваат дека одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, како и спротивна на членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6 ст. 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик.
-Очекуваме Уставниот суд одлуката да ја укине како неуставна и незаконита. Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов - претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната Одлука и покрај тоа се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, поради што произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување, велат од Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово.