МИА Општински пул
- 4 февруари 2025

4 февруари 2025
Скопје - Панел-дискусија ќе се реализира денеска во Скопје по повод Светскиот ден за борба против ракот. Со наслов „Обединети по единственост“ - „Преобликување на иднината за грижата за ракот во нашата држава - предизвици и можности“, а во организација на Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“, панел-дискусијата ќе се одржи во амфитеатарот на Универзитет „Скопје“.
На настанот предвидени се и обраќања на претставник од Министерството за здравство и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка" ги започнаа подготовките за годинашната манифестација „Сусурига 2025“ што втора година по ред ќе се одржи по повод празникот Прочка и ќе ја оживее старата градска традиција на маскирање и палење на оган за време на овој празник.
„Сусурига" ќе се одржи на 1 март 2025, на градскиот плоштад во Крива Паланка, објавен е и јавниот повик за пријавување групни маски за учество.
- Станува збор за уникатен ритуал во духот на градската традиција што минатата година во рамки на манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата" го отпочнавме и наиде на одличен прием кај публиката,кај граѓаните на Крива Паланка и учесниците од земјата и соседството. И годинава ќе се одржи ревијално дефиле под маски, со настап на специјални гости од земјава и соседството, познати по обредно изведување обичаи, а покрај забава под маски, ќе се одржи и ритуално палење оган и сѐ што е карактеристично за "Сусурига", назив што се среќава единствено во Крива Паланка, велат од општината.
Сите заинтересирани,на возраст над 14 години, можат да го пријават своето учество на пријавата достапна на веб страната на Општина Крива Паланка,на следниот линк: https://www.krivapalanka.gov.mk/novosti/40491.
Битола - Вработени во институции, установи, уметнички друштва и групи во Битола кои го носат името на великанот на македонското ослободително движење Гоце Делчев денеска го одбележуваат 4 февруари, денот на раѓањето на Делчев кој често доаѓал во овој град.
За престојот на Гоце Делчев во Битола сведочи Спомен-музејот отворен во минатиот век со постојана музејска поставка која содржи две изложбени простории.
Во првата просторија е сместена содржина „За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело“. Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ. Во составот на поставката поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата, како и оружје од Илинденскиот период.
Отворањето на Музејот Спомен-куќа на Гоце Делчев е иницирано од граѓаните на Битола, а по повод роденденот и во знак на сеќавање за престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 година, во куќата на чија спомен-плоча пишува дека Делчев на раководителите од Битола и Битолско исцрпно им ја осветлил борбата за национално и социјално ослободување, како и против врховизмот и со тоа придонесе да се засили револуционерното движење и револуционерниот дух меѓу масите во округот.
Куманово - Во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Куманово, која го покрива североисточниот реон и градовите Куманово, Крива Паланка и Кратово, како и руралните општини Старо Нагоричане и општина Ранковце и Липково во 2024 година беа поднесени 123 претставки по кои постапуваа двајца извршители, државен советник и советник.
- Најголем број претставки, 21, се поднесени од областа правосудство и тоа најмногу за работата на извршителите, потоа од областа потрошувачки права и казненопоправна установа по 13, од областа пензиско и инвалидско осигурување 12 претставки, граѓански состојби 11 претставки, социјална сигурност и социјална заштита десет претставки, урбанизам и градежништво како и работни односи по девет претставки, имотно-правни односи осум претставки, други права шест претставки, финансии и царина четири претставки, полициска постапка три претставки, здравствено осигурување и детски права по две претставки, изјави државниот советник, Гордана Тренчевска Ристовска
Од канцеларијата нагласуваат дека за поголем број од поднесените претставки, институциите реагираат односно доставувале одговори навремено, но, имало и институции и органи кои или не доставувале одговори или доцнеле со одговорите.
Скопје - Општина Кисела Вода денеска започна со акција за генерално чистење на јавните површини, улиците и парковите на својата територија, со цел да обезбеди почист и поздрав животен амбиент за граѓаните.
Како што соопштија од Општината, активностите започнаа од населбата „Цветан Димов“ и во наредниот период ќе бидат опфатени сите 15 населби и населени места во општината. Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини. Се мете и рачно, но и со новите метларки што неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Се перат плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад.
За жал, посочуваат, се санира и несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните простори. За околу две седмици од локалната самоуправа ќе организираат нова акција за бесплатно подигнување на кабаст отпад, којшто потоа ќе биде соодветно складиран на депонија, за што граѓаните ќе бидат дополнително известени.
-Обезбедувањето на чиста и здрава средина за граѓаните е наш врвен приоритет. Денес започнавме со темелно чистење на улиците, парковите и јавните површини, а овој процес ќе се спроведува низ целата општина во наредниот период. Со новонабавените метларки и со ангажманот на нашите сезонските работници, Кисела Вода станува почисто и поуредено место за живеење. Истовремено, апелираме до граѓаните да покажат поголема свест и одговорност во одржувањето на хигиената во нашите населби. За оние кои имаат потреба од отстранување на кабаст отпад, општината во наредните две недели ќе организира специјална акција за негово бесплатно подигнување. Остануваме посветени на создавање на уредна и еколошки одржлива општина, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
По денешната акција во населба Цветан Димов, утре активностите продолжуваат во населба Драчево, во четврток во Расадник и 11 Октомври Згради, а следната недела акцијата ќе продолжи и во сите останати месни и урбани заедници согласно веќе изготвениот динамички план, наведуваат од Општина Кисела Вода.