МИА Општински пул
- МИА Општински пул
10 ноември 2025
Куманово - Традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“ ќе биде отворена вечерва во уметничката галерија Куманово, соопштија надлежните од Националната установа Музеј Куманово. Ова е една од најстарите изложби и се одржува во чест на денот на ослободување на градот. Отворањето на изложбата е закажано за 19:30 часот.
- Ова е нејзиното 69 издание на кое ќе се претстават творци кои живеат и работат во Куманово. Изложбата има долга традицијата која започнува од првото групно излагање на кумановските ликовни уметници во 1956 година, па сè до денес и има за цел што поширока презентација на ликовни автори значајни за моделацијата на кумановската ликовна сцена и пошироко. Таа ги обединува сите академски ликовни уметници од градот и претставува пресек на ликовната уметност од различни генерации ликовни творци, од најмладите само што дипломирани, до зрели автори, двигатели на ликовните текови во Куманово и современата македонска сцена, изјави авторката и куратор на проектот Драгана Спасковска, кустос советник, историчар на уметност од НУ Музеј Куманово.
Делчево – Општина Делчево во четврток, на 13 ноември 2025 година, ќе ја одржи Првата форумска сесија за креирање на Буџетот за 2026 година. Настанот ќе се одржи во мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ, со почеток во 12:00 часот.
Како што информираат од Општината, Буџетскиот форум претставува отворен процес во кој граѓаните директно учествуваат во креирањето на општинските приоритети и насоките за развој во наредната година.
-Вашето учество е од исклучително значење, бидејќи како активни чинители во заедницата, треба да придонесете со идеи, предлози и ставови кои ќе помогнат во креирањето на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година, се наведува во поканата од Општината.
На форумот ќе бидат презентирани реализацијата на Буџетот за тековната 2025 година (заклучно со третиот квартал), структурата на буџетот и плановите за следната година. Присутните ќе можат да дискутираат и предлагаат приоритети за развој во области како што се инфраструктура, култура, спорт, образование и граѓански сектор.
Според најавата, настанот ќе го отвори градоначалникот Иван Гоцевски, кој ќе им се обрати на присутните со воведно обраќање.
Тетово - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово информира дека викендов се одржа традиционалната 13. по ред Детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ (Пишемо и стварамо на српском језику). Настанот се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ којшто се наоѓа во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во тетовски Лешок.
-Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет особено кај децата и младите.Манифестација собира 30 ученици од основните училишта коишто следат настава на српски јазик, и ученици кои што со српскиот јазик се запознаваат како изборен предмет „Јазик и култура на Србите“. Оваа година учествуваа 27 ученици од основни училишта од: Старо Нагоричане, Кучевиште, Сандево, Јосифово, Вратница како и членови на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје и на домаќините Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.
На главниот дел од програмата учениците ги читаат своите творби пишувани на тема „Песна за мајката“ (Песма о мајци).
Куманово - Во спортската сала во Куманово синоќа по 21 пат се одржа манифестацијата „Куманово танцува“, на која настапија шест клубови. Публиката уживаше во енергична програма посветена на танцот, младите и уметноста на движењето. Настанот е под покровителство на Општина Куманово и Советот на Општината.
-Ќе продолжиме со поддршка на младите таленти и активностите кои го промовираат културниот развој на градот, кажа меѓу другото кумановскит градоначалник, Максим Димитриевски.
На сцената настапуваат шест кумановски танцови клубови „Ултра“, „Мак Денс“, „Скил Фактори“, „Виртус“ и „Динамик“ во организација на АКУ „Мулти Арт“.