МИА Општински пул
- 11 февруари 2025

Македонска Каменица - Околу 790 вработени во рудникот Саса и оваа година ќе добијат повисоки плати. Менаџерскиот тим на Саса донесе одлука за ново зголемување на платите во износ од 10 проценти на основната плата и покрај сите предизвици поврзани со растот на оперативните трошоци и нестабилноста на цените на оловото и цинкот на светските пазари, се вели во денешното соопштение од Рудник Саса.
Ова, како што стои во информацијата од компанијата, е петто по ред во последните три години, кое почнува да се применува со исплата на јануарската плата.
-Заедно со претходните четири покачувања, платите во Саса се зголемени за над 40% во однос на нивото пред 2022 година. Со најновото зголемување, Саса успеа да ја задржи позитивната разлика помеѓу платите во рудникот и просечната исплатена плата на национално ниво, која беше воспоставена по влезот на компанијата Централ Азија Металс (CAML) во Саса во 2017 година. Имено, со ова зголемување, платите во Саса остануваат значително повисоки од националниот просек, а притоа се поголеми и од платите на вработените во сите останати рударски компании во земјата, истакнаа од Рудник Саса.
Скопје - Општина Центар информира дека комплетно е исчистен сметот на улицата „50 Дивизија“, околу Зелениот пазар и спроти Собранието. Општинските служби, две недели интензивно работат за подигнување на хигиената на повисоко ниво.
„Пред две недели почнавме со голема акција за чистење на Центар, откако Комунална хигиена ги остави контејнерите преполни со смет на улиците кадешто има надлежност. Секој ден, во две смени, нашите вредни хигиеничари ги чистат улиците и го креваат сметот од улиците кадешто Општина Центар и има, но и нема надлежност, за да им овозможиме на центарци чиста и уредна околина. Центар не чека, Центар чисти“, истакнува Герасимовски.
Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат смет и дива депонија на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693. Нашите служби веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во општината.
Гостивар – Со пригоден собир на вработени во ХЕС Маврово и локални институции беше оддадена почит на загинатите градители на хидро-енергетскиот систем „Маврово“ и одбележани 69 годишнината од трагичниот настан.
На споменикот во близина на браната во Маврови анови беше положено цвеќе, по што следуваше и обраќање во кое се потсети на февруарска трагедија која го потресе регионот.
- Ноќта на 10 спроти 11 февруари во далечната 1956 година, од снежните лавини што го зафатија мавровскиот регион загинаа 52 градители, граничари и мештани на мавровскиот хидроенергетски систем, беше речено на собирот.
Мавровската снежна трагедија, предизвикана од нагло топење на снегот на падините на околните планини, предизвикало лавини по долината на Радика (во околината на селата Рибница, Торбешки мост и Стрезимир). Од планината Кораб, снежни лавини се урнале врз куќи, бараките на градителите на мавровскиот хидроенергетски систем и караули, при што биле затрупани стотина луѓе. Спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив. Споменикот на градителите близу браната во село Маврови Анови е подигнат во 1970 година, а ја симболизира нивната храброст и пожртвуваност.
Скопје - Во населбата Потстаница се одвиваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на објектот кој ќе биде првата детска градинка во овој дел од Кисела Вода. Станува збор за стар објект кој, со одлука на Владата на Република Македонија, беше правно преземен од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и даден на трајно користење на Општина Кисела Вода. Реконструкцијата опфаќа темелни зафати – од кровната конструкција, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – со што ќе се создаде модерен и безбеден простор на 222 квадратни метри, за околу 80 дечиња. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е значаен чекор за општината и додаде:
-Големо е значењето на оваа градинка кој за првпат ќе се отвори во Потстаница и која родителите од овој дел на општината со нетрпение ја очекуваат, како можност нивните деца да растат и да се развиваат во современи услови. Овој објект, кој со поддршка од Владата правно го презедовме од ЈЗУ “Завод за рехабилитација на деца и младинци” – Скопје, во моментов добива сосема нов лик. Темелната реконструкција што ја вршиме – од кровот, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – ќе го претвори во модерен простор за околу 80 дечиња, каде што тие ќе можат безгрижно да растат и да се социјализираат.
Струга - Со изложбата „Мир во стиловите“ со модни дизајни на Азра Демиши, организирана од меѓународната уметница Лида Шерафатманд, центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ја одбележува Светската недела на меѓуверска хармонија.
Целта на настанот, според Шерефатманд, е да се инспирира простор за лични изрази во она што го носиме како луѓе, за да не се стигматизираат луѓето веднаш со предрасуди според некој посебен надворешен изглед. Таквите предрасуди, вели, ги блокираат вистинските човечки врски, како и луѓето да се изразат во нивната облека на начин што ги прави да се чувствуваат удобно во тоа што се.
-Азра Демиши направи храброст и напорна работа да отвори ателје во Струга, а тоа не обезбедува само деловен простор, туку и простор за лично изразување во облека. Покрај тоа што создава многу убави и уникатни дизајни, таа придонесува и за поголема слика на заедницата, со тоа што напредува во нејзиниот развој како дизајнер-уметник, вели Шерафатманд.
Неготино - Жена и маж од Неготино меѓусебно се пријавиле во полиција за физички напад, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи Велес.
- Синоќа во 21.50 часот, полициски службеници од ОВР Неготино лишиле од слобода 44 - годишен жител на градот, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга. Исто така, утрово во 00.45 часот и 44 - годишникот пријавил дека во семејниот дом бил физички нападнат од неговата сопруга, соопштија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Велес - СВР Велес превзема мерки за пронаоѓање на 82 годишната М.А од село Бистрица, општина Чашка, чија куќа целосно изгоре во пожар на 5 февруари вечерта околу 22 часот.
Како што информира денеска портпаролот на СВР Велес, Биљана Ѓаковска, на местото на настанот вечерта на 5 февруари во селото Бистрица, излегле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес, по што полициски службеници и екипа на Јавно комунално претпријатие „Тополка“ на Општина Чашка неколку денови вршеле и пребарување во куќата, но не било пронајдено човечко тело. Поради тоа, вчера попладне во 14.00 часот во СВР Велес, нејзиниот внук 53 годишниот О.М. од Велес ја пријавил како исчезната.
Од СВР Велес денеска појаснуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Тие потсетуваат дека на 05. февруари годинава во СВР Велес било пријавено дека околу 22.20 часот во село Бистрица, општина Чашка, настанал пожар во куќа, сопственост на 82 годишната М.А. Куќата била целосно опожарена.
Прилеп - Се креира иновативна платформа за знаења и менторска поддршка за младите за да започнат зелени претприемачки потфати. Тоа ќе биде значен придонес на зголемувањето на домашното производство на храна, беше нагласено на денешната конференција во Прилеп за промоција на зеленото претприемништво и можноста да се вклучуваат младите и, воедно да ги предводат промените во зелената транзиција. Конференцијата ја организираше невладината „Лаг Агро Лидер“ во соработка со партнер-организациите од Словенија, Шпанија, Италија, Кипар и Грција.
-Со нив заедно, изминативе две години работевме на креирањето на иновативната платформа за да може младите да пристапат до знаења, а и до менторска поддршка за да започнат свои зелени претприемачки потфати и со поддршка на „Еразмус – програмата“ и понатаму продолжуваме да работиме на знаењата и поттикнување на младите да се вклучат во светот на зеленото претприемништво. Ова ќе значи дека младите ќе може да добиваат менторска, советодавна поддршка и истовремено да ги поврзуваме со бизнис заедницата и со можности за гарантирање за да ги започнат своите зелени бизниси, изјави Марина Тошеска, претседател на „Лаг Агро Лидер“.
Во прилепското средно училиште „Орде Чопела“ е реализирана изработената платформа.
Штип – Започна изградбата на пешачка конзола кон Градските гробишта, за поголема безбедност на пешаците и на сите учесници во сообраќајот, бидејќи во делот на клисурата во штипско Ново Село нема тротоар, па пешаците се движеа по коловозот на регионалниот пат Штип-Радовиш.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека со изградбата на пешачката конзола се решава неколкудецински проблем за граѓаните на Штип, кои се движат пеш до Градските гробишта, бањата „Кежовица“, викенд населбата Плуждино и државното средно училиште „Искра“.
-Верувам дека со проектот, којшто предвидува конзолно пешачка патека верувам дека ќе се зголеми безбедноста на сите пешаци, кои ја користат оваа улица и она што морам да го истакнам дека и покрај она што кога влеговме во проектирање и реализација на овој проект многумина не советуваа дека практично е невозможно да се направи пешачки премин на точката, каде што е најтесна клисурата, сепак со соодветно решение, со соодветен проект се изработи решение, кое деновиве ќе се работи, вели Јорданов.
Куманово - Четириесет и петгодишен осуденик од Гевгелија починал во кумановскиот затвор К’шање, информираше денеска СВР Куманово.
- Денеска во 00:30 часот во СВР Куманово било пријавено дека во казнено – поправната установа Затвор К’шање починал осуденикот И.П.(45) од Гевгелија. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, информираше полицијата.
По насока на јавен обвинител телото било дадено на обдукција.
Скопје - Секторот инспекторат од Општина Карпош во соработка со колективниот постапувач „Греен Роад“, денеска ја почна долго најавуваната акција за отстранување на отпадни (хаварисани) возила на територија на локалната самоуправа, кои воедно претставуваат и опасност по животната околина во која живеат карпошани, информираат од Општината.
Во таа насока инспекциските служби од Општина Карпош ги мапирале старите (хаварисани) возила, означувајќи ги со налепници на кои било напишано известување до нивните сопственици, дека во рок од 10 дена се должни да го отстранат отпадното возило. Оттука, доколку тие не го отстранат возилото, инспекторите преку добиени информации од МВР доставуваат записник за идентификација и Решение за опомена со рок од пет дена да се отстрани возилото. Доколку и по тој рок не се реагира, колективниот постапувач го подига возилото.
Акцијата ја поздравил и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој истакнал дека оваа иницијатива ја поддржуваат голем дел од граѓаните на локалната самоуправа.
Битола - Македонско научно друштво (МНД)-Битола со јавна дебата го одбележа 11 февруари – Светски ден на жените и девојките во науката, востановен во 2015 година со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во изјава за медиумите, претседателката на МНД-Битола, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска истакна дека според податоци на Државниот завод за статистика во земјава има повеќе жени доктори на науки, односно 52,3 проценти се жени, а останатите се мажи.
-Непознато е колку од жените доктори на науки го нашле своето место во образование или други општествени науки и сфери. Непознато е колку жени активно ја користат својата диплома и се занимаваат со наука. Жената во поглед на мажот има многу поинаква улога во општеството, во семејството, потребно е да се даде поголема жртва и во таа смисла ако сакаме да кажеме за Македонија дека сме модерно општество и дека сме чекор во европските и светски вредности, сепак мислам дека во стварноста не е така. Една жена да се занимава со наука е потребна поддршка од семејството, мажот да ја поддржи жената, но на овие балкански простори тоа не е така прифатено, нагласи Андоновска Трајковска.