МИА Општински пул
- МИА Општински пул
7 ноември 2025
Дебар - Македонската гранична полиција спречила обид за шверц на добиток од македонска на албанска територија преку зелениот појас на границата кај Дебар.
Според информациите од СВР-Охрид, вчера околу 18:30 часот, при контрола на граничниот појас кај месноста „Спаски дол“, полициски службеници од станицата за граничен премин и надзор „Блато“ пресретнале група од шест лица кои илегално ја преминале македонско-албанската граница и воделе четири телиња без ушни маркици.
- Кога ја забележале полициската патрола, лицата се разбегале назад кон албанската територија, оставајќи го добитокот кој бил без ушна маркица, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Дополни дека надлежни органи преземат мерки за натамошно постапување со добитокот.
Ова е еден од многуте неуспешни обиди на шверц на добиток од македонска на албанска територија, што се одвива преку зелениот појас кај дебарското погранично села Спас, чиј атар се протега долж граничната линија.
Во шверцот се вклучени македонски и албански граѓани, едните го обезбедуваат добитокот а вторите го преземаат, по што го препродаваат во други делови во Албанија. Тоа е поради повисоката цена на месото, но и живиот добиток во Албанија.
Кавадарци - Во кавадаречкото село Марена денеска беше пуштена во употреба новоизградената спортска сала. Салата се наоѓа во рамките на подрачното училиште до петто одделение, дел од основното општинско училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци.
- Денеска е навистина посебен ден за нашето училиште и за заедницата во Марена. Со отворањето на новата спортска сала, нашите ученици добиваат современ простор за спорт, дружење и здрав развој. Голема благодарност до градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, и до сите кои ја поддржаа изградбата. Оваа сала е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел, успеваме, рече директорката на „Страшо Пинџур“, Илинка Бакева Тасева.
Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека станува збор за инвестиција вредна околу 20 милиони денари од општинскиот буџет.
-Општина Кавадарци ќе го задржи епитетот на најдобра општина во државата, подвлече Јанчев.
Куманово - Со богата културна и спортска програма, Куманово ќе одбележи 81 година од ослободувањето на градот. Годинава нема да се доделат „Ноемвриските награди“ – највисокото општинско признание во Куманово. Причината е што новоизбраните советници сè уште не ги добиле уверенијата од Државната изборна комисија, информираа денес надлежните од секторот за култура и спорт и од Фондацијата за култура и спорт.
-За прв пат наградите нема да се доделат во досегашната форма. Наместо тоа, на свечената седница градоначалникот ќе додели благодарници на заслужни поединци, претпријатија и организации. Свечената седница ќе се одржи на 11 ноември во Занаетчискиот дом, со почеток во 12 часот, изјави раководителот на секторот за култура, Александар Крстевски.
Во текот на ноември, Куманово ќе го одбележи 81-годишното ослободување со бројни културни и спортски манифестации. На 11 ноември делегации од градот, амбасади и збратимени градови ќе положат свежо цвеќе на Спомен-костурницата.
Програмата, според директорката на Фондацијата Сања Давидовиќ, е богата и наменета за сите генерации – со изложби, перформанси, уметнички настапи и спортски активности.
Дебар - На пригодна свеченост во салата на Советот на Општина Дебар, беа врачени уверенијата на новиот градоначалник, Фисник Меља и на кандидатите за членови на советот кои добија мандати на последните локални избори.
Претседателот на Општиската изборна комисија, Рилинд Хаса, на почетокот упати честитки до сите учесници на изборите кои како што рече „придонесоа да се одржат локалните избори во демократска атмосфера, како што ни доликува нам во Дебар“.
Тој и официјално го соопшти новиот состав на општината, кој брои 15 члена, во кој пет советнички места има коалицијата ВРЕДИ, четири Националната алијанса за интеграција (НАИ), три независната листа, две од ВМРО-ДПМНЕ и едно советничко место СДСМ.
-Денеска исто така, со овој акт официјално му се врачува уверението и на новоизбраниот градоначалник на општина Дебар, Фисник Меља, означувајќи почеток на ново поглавје за нашиот град и општина. Честитајќи ви ја новата функција, која граѓаните ви ја доверија наша желба е вашата работа да биде водена од одговорност, соработка и поддршка за доброто на граѓаните, посака Хаса.
Скопје - Даме Димитровски е избран за претседател на Советот на Град Скопје. Тој доби 23 гласа на денешната конститутивна седница на Советот, а беше предложен од советникот Луке Галески, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Димитровски доби поддршка од коалицијата „Твоја Македонија“, ЗНАМ и ВРЕДИ, но за него не гласаа советниците на Левица и СДСМ иако рекоа дека сепак, ќе го поддржат во работењето.
Во обраќањето по изборот, тој рече дека ќе се залага Скопје да стане подобро место за живеење, да има почист воздух и почиста животна средина, подобар јавен превоз, поквалитетно управување со отпадот,...
-Како претседател ќе се залагам за три клучни принципи во работата на Советот. Прво: транспарентност - секој граѓанин ќе има право да знае како се носат одлуките, каде се трошат јавните средства и како ќе се реализираат проектите. И ќе ги отвориме вратите за јавноста. Ќе промовираме дигитална достапност и отчетност во секој чекор на Советот. Второ: дијалог - ова Собрание ќе има различни ставови за различни прашања, но не смее да има непријатели во Советот. Трето: визија - Иако градот има многу дневни проблеми, сакаме да градиме и Скопје за следните генерации. Да вложуваме во трајни проекти, зеленило, урбана култура, иновации и во нови можности за младите, истакна Димитровски.
Кавадарци - Две лица од Кавадарци се приведени поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес. Според полицијата, осомничените на оштетено лице од Неготино му наплатиле над 700.000 денари за заем од 80.000 денари.
-Вчера во 09:20 часот, во Кавадарци, полициски службеници од ОВР - Кавадарци ги лишиле од слобода Н.С.(59) и неговиот син Р.С.(34) од овој град, поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ по член 260 од КЗ. Според пријавеното, во јуни 2023, 71-годишен маж од Неготино од нив позајмил околу 80.000 денари и се договориле да враќа по 20.000 денари неделно, но, бидејќи не успеал да го врати земеното, постојано му пресметувале камата и му го зголемувале долгот. За целиот период, оштетениот му исплатил на Н.С. сума од над 700 000 денари, појаснија од СВР - Велес.
Кавадарци - Од Секторот за внатрешни работи - Велес попладнево излегоа со детали за загинатиот тракторист на кавадаречкото подрачје.
- Денеска во 09:00 часот во ОВР - Кавадарци е пријавено дека на локалниот пат кон село Дреново, кавадаречко, трактор со кавадаречки регистерски ознаки, управуван од С.Д., на возраст од 53 години од село Дреново, излетал надвор од патот, при што С.Д. паднал и бил прегазен од тракторот, појаснија од СВР - Велес.
Додаваат дека лекар од Итна медицинска помош - Кавадарци констатирал смрт. - Увид извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР - Кавадарци. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, потенцираат од СВР - Велес.
МИА претходно објави дека тракторист денеска загинал во несреќа во кавадаречко. Информацијата за МИА ја потврди Антоан Паракеов, раководител на Итна медицинска помош во Кавадарци. Несреќата била на патот од градот Кавадарци, кон селото Дреново.
Скопје - Денес стоиме пред почеток на едно ново, убаво поглaвје за нашиот главен град. Оваа прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје е чин со кој испраќаме силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје. Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој, да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред се, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Немаме време за експерименти, мораме сите заеднички да се зафатиме за работа, работа и тоа веднаш, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
На првата конститутивна седница на Советот на Градот, Ѓорѓиевски се осврна на неговите приоритети како градоначалник и упати порака до советниците дека нивната улога во заедничката приказна за Скопје е клучна. Напомена дека очекува овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија, а не на поделби, како и да покаже дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и ефикасност.
Ѓорѓиевски изрази и уверување дека Советот ќе ги носи одлуките со консензус и само во интерес на Скопјани.
Делчево – Општина Делчево ги известува сопствениците на хаварисани, нерегистрирани возила, приклучни возила, земјоделски машини и механизација кои се поставени на јавни површини дека најдоцна до 30 ноември треба самите да ги отстранат од територијата на општината.
Од Општината предупредуваат дека паркирањето на вакви возила на јавни површини е строго забрането, бидејќи освен што ја нарушува естетската слика на градот, го попречува нормалното одвивање на сообраќајот, го ограничува слободниот пристап до објекти и ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено пешаците.
-Сопствениците на хаварисани возила, машини и опрема треба самостојно да ги отстранат од јавните простори. Во спротивно, истите ќе бидат отстранети од страна на надлежните служби на трошок на сопствениците, соопштуваат од Општина Делчево.
Битола - Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), универзитетска единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, денеска одржа Меѓународна конференција за применети интернет и информациски технологии.
Конференцијата е во функција на усогласување на академските и индустриските иницијативи, со акцент на практичната примена на интернет и информатичките технологии во сите области на општеството, истакна деканот на ФИКТ, Благој Ристевски.
-Оваа конференција претставува важен форум за размена на знаења и искуства меѓу претставници од владините институции, универзитетите, истражувачките центри и индустријата. Посебен квалитет на конференцијата се тематските работилници од проекти во кои учествува ФИКТ, меѓу кои MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, посветен на начините за справување со безбедносните предизвици на интернет кај учениците, родителите и наставниците и INNOFEIT EDIH – дигитален хаб, насочен кон унапредување на дигиталните вештини на наставниците и вработените во малите и средните претпријатија, како и во јавните институции, посочи деканот Ристевски.
Струмица - Викендов струмичкото комунално претпријатие почнува со есенско рачно и машинско чистење и миење на улиците во Струмица, објавија денеска од претпријатието.
-Почнуваме со булеварите „Маршал Тито“, „Ленинова“, „Гоце Делчев“ како и со улиците „Балканска“, „Маршал Тито“, „Гоце Делчев“ , „Сандо Масев“ и „Невена Стојкова“. За акцијата да биде целосно успешна, заради присуство на механизација за чистење и миење се замолуваат сите граѓани од гороспоменатите улици в недела во период од 5 до 14 часот да ги отстранат паркираните возила, се наведува во соопштението на ЈПКД „Комуналец“.