• сабота, 17 јануари 2026
МИА Општински пул

16 јануари 2026 

Штип - Учебната година во сите основни и средни училишта на територијата на целата држава почнува на 20 јануари, потврди денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип. 

- Вчера веќе имавме изјава од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје дека нема да има пречки за новата учебна година. Апелирам до родителите, до учениците, да бидат редовни во училиштето и што е можно поретко да изостануваат затоа што сите испитувања и во Македонија и секаде во светот велат дека учениците што редовни ги посетуваат училиштата постигнуваат подобри резултати - вели Јаневска. 

Таа во својот апел до родителите порача да престанат со праксата да ги оправдуваат часовите и да не им дозволуваат на своите деца одмори во текот на учебната година и, како што рече, „децата треба да се од првиот до последниот ден на училиште, освен кога државата, поради некаква поголема сила, ќе одлучи дека тоа не треба да биде така“.

Охрид - Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска имаше средба со амбасадорката на Н.Р. Кина Џијанг Сјаојан, која се наоѓа во прва официјална посета на Општина Охрид.

Како што соопштија од Кабинетот на Пецаков, на средбата било разговарано за можностите за зајакнување на заедничката соработка во повеќе општествени сфери, пред се во делот на туризмот, економијата и културата.

Притоа градоначалникот ја информирал амбасадорката дека од година во година се зголемува бројот на туристи кои го посетуваат Охрид и изразил надеж дека таквата тенденција ќе продолжи и во иднина и оти тоа ќе биде случај и со туристите од Кина.

Гевгелија - Вкупно девет службени пиштоли, украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје, беа пронајдени во автомобил „шкода октавија“, сопственост на правно лице од Прилеп, при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.

- Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп, кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот - се наведува во соопштението од Обвинителството.

Велес - Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес каде е сместена Командата за обука и доктрини (КОД) денеска свечена заклетва дадоа 296 професионални војници од генерацијата 1- 2025, меѓу кои се и 26 девојки, кои се обучуваат три месеци во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) што е дел од КОД.

На денешната свеченост присуствуваше началникот на Генералштабот на Армијата  генерал-мајор Сашко Лафчиски и неговиот заменик и останатите генерали,  меѓу кои и домаќинот - команданот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини, министерот за одбрана Владо Мисајловски, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и други високи претставници на Министерството за одбрана и на  Армијата, како и родители, роднини и пријатели на професионалните војници.

Штип - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Дејан Мираковски, проректорот Дарко Лазаров, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и директорот на Педагошката служба во МОН, Роберт Аџипетров. Главна тема на разговорот беше донесувањето на трите нови закони - за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност.

Министерката истакна дека целта е усогласување на значајни елементи, кои ќе придонесат за подигање на квалитетот на високото образование и улогата на универзитетите во корист на општеството преку одлична едукација на студентите.

Скопје - ЈСП Скопје информира дека в понеделник, поради верскиот празник Богојавление - Водици, автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред. Исклучок ќе бидат линиите 18А, 32, 51, 56, 56А, 70, 74, 81, 118 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.

На Водици, од 7 до 14 часот, дежурна ќе биде билетарницата на Транспортен центар, а жичницата нема да работи. Потсетуваат дека секој понеделник и секој последен вторник во месецот за жичницата се неработни денови.

- На православните христијани им го честитаме празникот Богојавление - Водици,- се наведува во соопштението.

Скопје - Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територија на општината. Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад, депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

Од Општина Аеродром упатија апел да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.

Росоман - По повод големиот христијански празник Водици - Богојавление, положување на крстот ќе се одржи на две локации во општина Росоман. Првата е на централната манифестација во Росоман - во водите на Црна Река и во село Трстеник, информираше градоначалникот Ѓорѓи Крстевски.

-Во тек се активности за уредување на теренот каде што ќе се одржи положувањето на светиот крст по повод празникот Водици - Богојавление. Со навремена подготовка на просторот обезбедуваме безбедни и соодветни услови за учесниците и за сите присутни граѓани. Општина Росоман се грижи празникот да биде одбележан достоинствено и организирано, нагласи Крстевски.

Скопје - Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска - Трајкоска во просториите на локалната самоуправа, денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија во земјава, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу Општината и Унгарија, соопштија попладнево од Општина Кисела Вода.

- Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност, се додава во соопштението.

Според Стаменкоска - Трајкоска, преку вакви проекти не само што се унапредува урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и се зајакнуваат врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ.

Тетово - Националниот парк Шар Планина информира дека при теренски контроли на државен имот констатирале вршење дејност превоз на скијачи со ратраци која била во спротивност со важечката законска регулатива и заштита на природните вредности на паркот. Според управата на паркот, операторот немал склучено договор и спогодба со нив, како што е предвидено со Одлуката за режимот на движење со моторни возила на територијата на Националниот парк Шар Планина и со Планот за управување со паркот. 

 -При теренските контроли, на државен имот, беше констатирано вршење на дејноста скијање со пет возила ратраци од страна на одреден оператор кој нема склучено договор, односно соодветна спогодба. Како директен резултат на овие контроли, веднаш беше преземена мерка за забрана на движењето на ратраците на операторите кои не ги исполниле законските услови, односно кои немаат склучено договор со институцијата за регулирање на вршењето на туристичката дејност во рамките на територијата на паркот, соопштија од ЈУ НП Шар Планина.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека в понеделник по повод христијанскиот празник Богојавление - Водици, шалтерите за наплата и рекламации во Дирекцијата на претпријатието ќе работат од 7:30 до 15:30 часот.

Со редовно работно време ќе се продолжи од вторник. 

Куманово - Секторот за даноци и такси од општина Куманово денеска ги поика даночните обврзници да поднесат даночна пријава за утврување на данок на имот и пријава на комунална такса-фирмарина, најдоцна до 31 јануари годинава. Како што изјави раководителката на секторот, Фросина Краљевска, оваа законска обврска важи за сите граѓани и правни лица кои во текот на 2025 година стекнале недвижен имот или започнале со негово користење, но не поднеле даночна пријава.

-Секторот за даноци и такси секоја година во месец јануари доставува јавна покана до даночните обврзници кои во претходната година стекнале недвижен имот, а не поднеле пријава. Овој рок до 31 јануари претставува последна можност за усогласување на податоците пред генерирање на решенијата за данок на имот, изјави Краљевска.

Куманово - Продолжува изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Пробивањето на трасата на „Октомвриска револуција“ во текот на летниот период беше одложена за есенва, поради метежот во средината на август. Надлежните од општината очекуваат дека  изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ со улиците „Доне Божинов“ и „Братство и единство“ да го намали сообраќајниот метеж во Куманово.

Скопје - Во организација на Секторот за локален економски развој и Секторот за образование при Општина Кисела Вода, денеска се одржа обука за наставници од основните училишта на територија на општината, наменета за зајакнување на капацитетите за подготовка за европски проекти.

Како што соопштуваат од општината, обуката е дел од континуираните активности на локалната самоуправа, насочени кон унапредување на квалитетот на образованието и создавање современи услови за работа во училиштата.

Остани поврзан