МИА Општински пул
- 19 февруари 2026
19 февруари 2026
Скопје - Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, информираат од локалната самоуправа.
Како што велат, во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“. Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
-Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор - рече градоначалникот Горан Герасимовски и порача дека надзорите на градилиштата продолжуваат со несмален интензитет како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор.
Скопје - Поради дефект на ППХ на улицата Христо Татарчев 24/47, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од третата зона Припор.
Без вода, поради дефект на приклучна цевка на улицата Душан Тасковиќ 17, денеска ќе бидат корисниците од оваа улица.
Водоснабдувањето, како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, ќе биде прекинато од 10.30 часот до завршување со санација на дефектот.
Скопје - Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ќе даде отчет за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
- Работевме посветено, поставивме темели и почнавме процеси што значат реални промени за градот. Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните, затоа ве поканувам да ги споделиме резултатите и плановите што следуваат - вели Ѓорѓиевски.
Настанот по овој повод ќе се одржи во Македонската филхармонија.
Битола - Актерки и актери на НУ Народен театар, вечер во Битола премиерно ќе ја изведат претставата „Пламенка“ работена според истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Претставата „Пламенка“ е копродукциски проект на НУ Народен театар, НУ Центар за култура и Интимен театар-Битола, чиј тим на сцена го пренесува делото на битолскиот писател Петре Димовски, роман чија драматизација ја подготви Билјана Крајчевска.
-Нашата главна тема е жената и нејзиното преживување и жената како архетип на она што го претставува идентитетот, борбата за слободата, на нашиот јазик, на нашето традиционално минато. Текстот беше многу обемен, меѓутоа, успеавме во него да вметнеме, и некои нови текстови, наши текстови, наши лични приказни кои сме ги слушнале од нашето семејство, од местото каде што живееме. На тој начин романот повторно добива актуелизација. Денес во едно време на општество каде што не само војните, туку и насилството врз жената и врз целото човештво претставуваат постојана закана, истакна драматургот Крајчевска во пресрет на вечерашната премиера на „Пламенка“.
Скопје - По речиси три децении запоставеност, значајната сообраќајна артерија „Перо Наков“, на потегот од булеварот „Киро Глигоров“ до улицата „Вера Радосавлевиќ“, конечно добива третман каков што заслужува, објави синоќа градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
-Се работи и навечер, за наше Скопје! Додека градот мирува, машините не запираат. Вечерва интензивно се работи на улицата „Перо Наков“ во општина Гази Баба - за првпат од постоењето на градот со три гребалки истовремено на терен, придружени од повеќе од 30 камиони и неколку багери. Ова е јасна порака дека кога се работи за Скопје, нема пауза и нема одлагање. По речиси три децении запоставеност, значајната сообраќајна артерија „Перо Наков“, на потегот од булеварот „Киро Глигоров“ до улицата „Вера Радосавлевиќ“, конечно добива третман каков што заслужува - истакна Ѓорѓиевски.
Кочани - Во пресрет на 21 февруари - Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во четврток, 19 февруари во 12 часот, во соработка со Клубот на млади при ОО Црвен крст - Виница, во ЈОУ Библиотека „Искра“од Кочани, ќе се одржи промоција на двојазичната книга за деца на македонски и турски јазик ,,Басни за деца".
Книгата на интерактивен начин ќе биде претставена пред ученици од ООУ ,,Раде Кратовче" – Кочани, како и пред ученици од други училишта во градот.
Двојазичната книга на македонскиитурски јазик „Басни за деца“ е дел од интеркултурниот проект ,,Светулка" на ЦКА -ПХВ ОО Црвен крст Виница.
Скопје - Поради улични дефекти на водоводната мрежа, без вода од 09:00 часот ќе бидат корисниците на дел од ул.„Македонско-косовска бригада“ и објектот на касарната Илинден, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектите.
Берово - Во спортската сала „Македонски Бранители“ во Берово денеска ќе започнат Работничките спортски игри 2026, турнир во мал фудбал, во организација и под покровителство на Општина Берово.
На турнирот ќе учествуваат повеќе екипи, поделени во две групи, а натпреварите ќе се играат по систем „секој со секој“.
-По завршување на групната фаза, најдобрите екипи ќе обезбедат пласман во завршницата на турнирот. За најуспешните екипи и поединци се предвидени награди, а целта на манифестацијата е промоција на спортот, дружењето и спортскиот дух меѓу вработените, информираа од Општина Берово.
Работничките спортски игри 2026 ќе се одржуваат во наредниот период, а Општина Берово упати повик до сите учесници и љубители на спортот за фер и коректна игра.