• четврток, 19 февруари 2026
МИА Општински пул

 19 февруари 2026

Неготино - Скопјанец возел иако имал забрана, полицијата го лишила од слобода и му го одзела возилото во Неготино, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Синоќа во 20:45 часот на булеварот Маршал Тито во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода Д.Ј.(43) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј., при што било констатирано дека возилото го управувал со забрана за управување на возило за Б категорија, појаснија од СВР - Велес.

Оттаму додадоа дека по насоки на јавен обвинител возилото било одземено и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Пехчево - Дваесет млади учесници од Берово и Пехчево реализираа еднодневна едукативна работилница посветена на одржливото користење на автохтони сорти овошки и развојот на зелени бизнис-идеи. Работилницата е дел од проектот „Зачувување на стари сорти на овошки во регионите на Малешево и Беласица“, кој го имплементира Здружение Амброзија од Пехчево, во партнерство со Македонско еколошко друштво и Биоматера од Бугарија. 

-Преку презентации, тимска работа и практична примена, учесниците се запознаа со потенцијалите на старите сорти овошки, нивната улога во зачувувањето на биолошката разновидност, како и можностите за нивна преработка во иновативни и одржливи производи. Работилницата имаше за цел да поттикне младинско претприемништво и одговорно користење на локалните природни ресурси, информираа од здружението „Аронија“.

Во работилницата учествуваа и претставници на Локалниот младински совет Пехчево, СОУ „Ацо Русковски“ и ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово.

Делчево - Во Делчево почна уредувањето на кејот на реката Брегалница, со што овој простор повторно се става во функција како место за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните, информираа од Општината.

Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека кејот не е само простор за одмор, туку и огледало на градот и односот кон јавните површини.

– Активностите не претставуваат само расчистување и уредување, туку враќање на достоинството на еден од симболите на градот. Целта е овој простор повторно да стане безбедно и уредено место за семејствата, младите и сите граѓани, каде што чистотата, редот и грижата ќе бидат правило, а не исклучок – истакна Гоцевски.

Тој упати благодарност до менаџментот и вработените во ЈКП „Брегалница“ за нивната посветеност и грижа кон урбаниот изглед и квалитетот на живот во градот.

Куманово - Во Општина Куманово започна реализацијата на проектот за изградба на секундарна, дистрибутивна гасоводна мрежа, на потегот од дел од улица Видео Смилевски Бато до село Доброшане, во индустриската зона долж патот кон Доброшане, соопштија денеска од Владата.

-Инвестицијата изнесува 10.893.656 денари и претставува значаен чекор кон модернизација на енергетската инфраструктура и унапредување на економскиот развој во Општина Куманово, наведуваат од Владата.

Гевгелија - Завршување на започнати инфраструктурни проекти, обезбедување поволни услови за нови инвестиции и отворање работни места, се дел од приоритетите на Општина Гевгелија за 2026 година. Локалната самоуправа во претстојната година ќе располага со буџет од околу 14,5 милиони евра.

Во моментов, на повеќе улици во градот се изведуваат градежни активности, во тек е реставрацијата на Старата чаршија, привршува реконструкцијата на најстарата спортска сала, а се подготвува и проект за уредување на кејот на реката Вардар.

Од кабинетот на градоначалникот Андон Сарамандов информираат дека во фокусот е финализирање на веќе започнатите проекти за подобрување на патната, комуналната и спортската инфраструктура.

- Во моментот на повеќе улици во градот се изведуваат активности за изградба на атмосферски канализациони системи и очекуваме трајно решение за овие локации, каде имавме огромни проблеми од обилните врнежи од дожд. Исто така, по скоро девет децении од изградбата на ДТВ Партизан во Гевгелија, подоцна преуреден во спортска сала, во тек се завршните активности за реконструкција на оваа најстара спортска сала и нејзина пренамена во мултифункционален објект за повеќе спортови, велат од кабинетот на градоначалникот.

Кочани - Во Општина Кочани денеска официјално беше промовирана иницијативата WiFi4WB (WiFi за Западен Балкан) во Северна Македонија, со што почна поставувањето бесплатни јавни вај-фај мрежи во 64 општини на 69 локации во земјата. Церемонијата се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, каде што е поставена една од првите инсталирани мрежи како дел од координираната серија промотивни настани што се одржуваат во Западен Балкан.

Иницијативата WiFi4WB е дел од проектот EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и владата на Сојузна Република Германија, а имплементиран од ГИЗ. Инспирирана од програмата WiFi4EU, преку која веќе е обезбеден бесплатен интернет-пристап за повеќе од 7.000 заедници во Европа, иницијативата ќе им овозможи на граѓаните и на посетителите бесплатен вај-фај пристап во јавни простори, како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции во Северна Македонија и регионот.

Василево - Од петте форумски сесии, од кои последната се одржа синоќа, граѓаните на Општина Василево одлучија да набават камион за собирање смет за ЈКП „Турија“, соопштија денеска од локалната самоуправа.

Во обраќањето пред присутните, градоначалникот на Василево, Славе Андонов, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до учесниците за вклученоста, сериозниот пристап и извонредните идеи и предлози и посебна благодарност до  донаторите, односно Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC), Министерството за локална самоуправа и Проектна единица на УНДП – сите заедно заслужни за крајниот резултат: набавка на камион за собирање смет.

-Со набавениот камион, сигурен сум дека ќе ми се зголеми капацитетот на нашето Јавно комунално претпријатие, кое примарно е одговорно за одржувањето на комуналната хигиена и дека веќе од утре со зголемен капацитет поуспешно ќе одговара на секојдневните потреби на граѓаните во делот на прибирањето на отпадот, се наведува во пренесената изјава на Андонов.

Од овој форумски процес, како продукт произлегоа и препораки до општината и градоначалникот, во форма на проекти чија реализација ќе го подобри животот на граѓаните во заедницата.

Скопје - Отчет за сработеното во првите сто дена од мандатот денеска пред јавноста даде градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Пред граѓаните на Кисела Вода таа рече дека нејзниот отчет „Сто дена - сто дела“ не е само симболика, туку жива статистика на заедничкиот труд, доказ дека во Општината секој нов ден значи нов проект во интерес на граѓаните.

- Нашата работа се темели врз три столба - целосна законска издржност, апсолутна транспарентност и проекти што произлегуваат од барањата на граѓаните. Во изминатиот кус период Кисела Вода го потврди својот етпитет на ефикасен сервис на граѓаните - рече Стаменкоска Трајкоска.

Таа посочи дека за сто дена се реализирани пет километри нов асфалт, отворено ново кино, се работи интензивно на над 20 капитални проекти...

- Динамиката не запира, некои од зафатите се завршени и пуштени во употреба, а други се во напредна и завршна фаза... Тоа се заеднички инвестиции со центрлната власт, со единствена цел - подобар и побезбеден и пондунционален живот за сите - рече градоначалничката.

Скопје - Градоначалникот Дарко Костовски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска извршија увид во градежните активности за изградба на нова детска градинка во Бутел 2.

Како што соопштија од Општина Бутел, градежните активности напредуваат со одлична динамика и се во завршна фаза.

Градоначалникот Дарко Костовски изрази големо задоволство за реализирањето на овој капитален проект и останува посветен на обезбедување најдобри услови за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст во секое населено место во општина Бутел.

Скопје - Во првите 100 дена од новиот мандат, градоначалникот Александар Стојкоски и Општина Ѓорче Петров реализираа низа инфраструктурни, образовни и развојни активности, со фокус на капитални инвестиции и подобрување на условите за живот на граѓаните.

Советот на Општината, како што се наведува во соопштението, го донесе развојниот буџет за 2026 година во износ од 1,45 милијарди денари, од кои речиси 60 проценти се наменети за капитални инвестиции, односно над 596 милиони денари за конкретни проекти на терен.

Стојкоски истакна дека резултатите се доказ за посветената работа на општинската администрација.

– Во изминатите 100 дена покажавме дека со јасна визија, одговорно управување и постојана работа на терен можат да се постигнат видливи резултати. Нашата цел останува рамномерен развој и подобар квалитет на живот за сите жители – рече тој.

Остани поврзан