МИА Општински пул
- 18 февруари 2026
18 февруари 2026
Куманово - ЈП „Водовод“ Куманово почна со акција на санација и асфалтирање по интервенциите на водоводната и канализациската мрежа, соопшти на денешната прес-конференција, директорот на претпријатието, Игор Липковски.
Во наредниот период се планира организирана акција за асфалтирање на поголема површина во рок од петнаесетина дена, доколку дозволат временските услови. Претпријатието оставрило поголема наплата последниов период.
- Во споредба со декември 2024 година, фактурираната потрошувачка кај физичките лица во декември 2025 е зголемена за над десет проценти, додека во јануари 2026 година, споредено со истиот месец лани, бележи пораст од околу осум проценти. Вкупните приливи во декември се повисоки за околу два милиони денари, а во јануари за околу 940 илјади денари. За двомесечниот период, претпријатието бележи зголемување на приходите од околу три милиони денари, изјави Липковски.
Вкупно за два месеци приливот е околу три милиони денари.
Виница - Општина Виница и оваа година ќе ја реализира традиционалната манифестација „Тодорови трки“. Тековната 2026 година е особено значајна, бидејќи одбележуваме голем јубилеј – 100 години од одржувањето на првите „Тодорови трки“, најавува локалната самоуправа.
Како новина оваа година е воведена дисциплина маратон од 5 километри. Заинтересираните за учество во маратонот можат да се пријават на следниов линк: https://forms.gle/3RsVoHmChdQRMHtk9
„Тодоровите трки“ се синоним за нивниот град, сметаат виничани. Оваа веќе стогодишна манифестација има длабоки корени во историја и традиција на Виница.
Низ децениите наназад, тие се развиваа и прераснаа во препознатлив симбол на градот – на заедништвото, спортскиот дух, радоста и натпреварувачкиот ентузијазам. Од најмладите до највозрасните, генерации виничани растеле со оваа манифестација, носејќи ја како дел од својот идентитет, нагласува Општина Виница во својот повик до граѓаните.
Гевгелија - Со 73 реализирани акции во текот на минатата година, Планинарски спортски клуб „Кожуф“ од Гевгелија продолжува успешно да ја гради својата седумдецениска традиција. Клубот зад себе има искачувања на највисоките домашни врвови, како Голем Кораб, Титов Врв, Солунска Глава и Пелистер, но и многубројни меѓународни подвизи, меѓу кои се издвојуваат искачувањата на врвови во Словенија, Црна Гора, Бугарија и Грција.
Клубот во моментот брои околу 140 члена, сто од нив се над 18 години, а како што велат, нивните врати се отворени за луѓе од сите возрасти - од деца на петгодишна возраст до повозрасни љубители на планината. Освен гевгеличани, членуваат и планинари од поширокиот регион, како Дојран, Валандово, Струмица, Неготино, Штип, Скопје, па дури и двајца од Бугарија.
Амбициозните планови за следната сезона вклучуваат искачувања на Молдовeану и Ому на Карпатите, како и на алпските врвови Гран Парадизо и Монте Роса, кои ќе послужат како подготовка за долгорочната цел – искачување на Мон Блан.
Покрај искачувањата, ЗПСК „Кожуф“ активно учествува и во едукативни обуки за одговорно планинарење, предавања за висинска болест и прва помош, натпревари во ориентација и акции за одржување на планинарскиот дом и клупските простории, потврдувајќи дека планинарството за нив е повеќе од спорт – тоа е начин на живот.
Неготино - Три Тиквешанки биле цел на измама во рок од неколку дена, потврдуваат за МИА од Секторот за внатрешни работи - Велес. Од полицијата апелираат на внимателност. Во два од случаите на повозрасни неготинки им биле барани по 20 илјади евра за наводна операција по скршеница на внука, ќерка. Во третиот случај кавадарчанка била измамена за сума од речиси 3 илјади евра при договарање за почнување заеднички бизнис, што не се реализирало.
- На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР - Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра, а во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ кажало дека е нејзината снаа. Откако пријавителката заедно со нејзиниот сопруг пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука, а од страна на персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека се работи за измама, појаснија од СВР - Велес.
Скопје - Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски информира дека по неповолните временски услови, екипи се испратени на терен, се реагира навремено и координирано. Истовремено, градоначалникот апелира на внимателност.
- Екипите се на терен, реагираме навремено и координирано. Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја. Нашите служби веднаш излегоа на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните, посочува градоначалникот на неговата Фејсбук-страница.
Ѓорѓиевски додава дека се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имало застој.
- Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот. Апелирам до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен. Продолжуваме посветено и одговорно, истакнува Ѓорѓиевски во објавата.