МИА Општински пул
- МИА Општински пул
13 ноември 2025
Струга - Градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура ќе прима странки во својот кабинет секој работен ден од 14 до 16 часот и 30 минути, соопшти општинската прес-служба.
Таквата одлука, како што наведуваат, е со во рамките на неговите заложби за транспарентност и отворена соработка со граѓаните.
- Одлуката е дел од неговата визија за локална самоуправа блиска до граѓаните, каде што гласот на стружани и транспарентноста на институциите се главни столбови на овој мандат, посочува општинската прес-служба.
Оттаму наведуваат дека само преку директен дијалог може да ја изградат Струга што сите ја посакуваат.
Штип - Клиничка болница-Штип го решава проблемот со недостиг на кадар. Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев вели дека со вработување на 18 здравствени работници ќе започне веднаш штом заклучокот на ДИК, дека Локалните избори се завршени, ќе биде објавен во Службен весник. По што болницата наредниот ден ќе ги потпише договорите за работа со новоприманите. На неопределено време ќе бидат ангажирани седум лекари по општа медицина, фармацевти и медицински сетри, кои на последниот оглас за вработување распишан пред изборите, оствариле најдобри резултати. Постапката за избор е целосно завршена
-Периодот на интервју на одлука е донесен, периодот на жалби е поминат. Се чека само на завршување на периодот за тие 18 лица што се избрани да потпишат договор, вели Захариев.
До крајот на годината се очекуваат и уште 25 вработувања во Клиничка болница-Штип. Захариев појаснува дека најголем дел ќе бидат технички персонал, односно болничари, хигиеничари и медицински сестри. Се очекува и до крајот на годината да биде распишан уште еден конкурс, со што ќе се намали недостигот на кадар кој се чувствува во речиси сите одделенија.
Струга - Општина Струга ги известува граѓаните во рок од 10 дена да ги отстранат сите времени објекти на кои согласно решенијата за поставување урбана опрема во тековната 2025 година, рокот им е изминат.
Според информацијата, рокот почнува да тече од денеска, а се однесува на сите бараки, тезги, детски играчки, рекламен материјал, земјоделски производи, градежни материјали и слично.
Граѓаните кои имаат зафатено јавна и сообраќајна површина на територијата на општина Струга, со оставено огревно дрво, нерегистрирани и хаварисани возила, отпадни гуми и друга опрема и материјал да ја ослободат до крајот на месецот.
- Краен рок за постапување е 30 ноември 2025 година. По истекот на рокот инспекцијата на општина Струга, ќе постапи согласно законските надлежности и ќе започне со ослободување на зафатената јавната површина, соопшти Општина Струга.
Крушево - Витраж со Тоше Проески и мотиви од неговата песна „Полско цвеќе“ се поставени на спомен обележјето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на Гумење во Крушево. Дар е на српскиот витражист Драго Гањиќ. Иницијативата од пред 14 години има симболика. Негова пријателка од Сомбор го сонувала Тоше токму на денот на неговото загинување, 16 октомври. Нешто слично му се случило и на витражистот, само што Тоше ја пеел песната „Полско цвеќе“.
-Иницијативата ја почнавме во 2011 година. Мојата пријателка Соња Јоковиќ од Сомбор и јас седнавме да разговараме. Таа ја изнесе својата идеја. Го сонувала Тоше во бело и во голема светлина и тоа на денот кога загина, 16 октомври. Што е интересно, и јас имав сличен сон, Тоше во сонот беше во бело, но ја пееше песната „Полско цвеќе“. Значи, ја покренавме таа приказна за да се направи нешто за Тоше, раскажува Гањиќ, кој на Гумење го следеше поставувањето на витражот.
Првиот дел од витражот со ликот на Тоше е донесен на 14 ноември 2012 година. Направен е за два-три месеци. Комплетната тема на витражот е „Полско цвеќе“. Витражот едно време беше конзервиран во Спомен-куќата на Гумење. Сега, вториот дел е изработен за два и пол месеци. И при изработката има необична приказна, поврзана со Тоше.
Битола - НУ Народен театар-Битола својот 81 роденден годинава ќе го одбележи со свечено отворање на „Битола Шекспир фестивал“.
На прес конференција во Битола, директорот на таа национална установа истакна дека утревечер за публиката и по подолго време ќе има премиера, а тоа е претставата „Макбет“ со која ќе се отвори фестивалот.
-Преставата е спектакл кој подолго време не е виден во битолскиот театар. Тоа е претстава која отвора нови димензии на размислување за тоа како Шекспир може да се постави бидејќи трагедииите на Шекспир може да бидат на работ на комедија, гротеска, епска драма и трагедија. Ова е епохално дело кое ќе се памети во Битола. Фестивалот ќе се одржи во овој дел на годината затоа што сметавме дека културата не треба да биде концентирирана само во лето и во овој период луѓето повеќе сакаат да се во театар, истакна Мавровски.
На „Битола Шекспир фестивал“ ќе бидат изведени претстави од Полска, САД, Бугарија, Хрватска, но и македонски проекти, а посебен гостин во градот ќе биде Филип Пар претседател на европската асоцијација на Шекспир фестивали.
Куманово - Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците со девет гласа „за“ и ниту еден „против“ или воздржан, денеска констатираше дека предлогот на Законот за изменување и дополнување на законот за правото на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението во Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање пред пратениците.
Овој предлог на закон, комисијата го разгледа како матично тело, на денешната 41 седница, чиј предлагач е Владата преку Министерството за односи меѓу заедниците и министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ. Претседателот на комисијата, Љупчо Пренџов по гласањето рече дека ќе се даде на понатамошно читање во Собранието, а за известител на собраниската седница беше определена пратеничката, Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Куманово - Заврши реконструкција на улицата „Страшко Симонов“ во Куманово, соопштија денеска надлежните.
- Завршивме со асфалтирање на дел од улицата „Страшко Симонов“. Продолжуваме со подобрување на инфраструктурата во централното градско подрачје, напиша градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
За реконструкција на улицата која вклучуваше гребење, санација и асфалтирање, избрана е кумановска фирма, која ги изведуваше градежните активности. За оваа намена од општинскиот буџет одвоени се над 1, 7 милиони денари (1.716.287,50) со вклучена данок на додадена вредност.
Улицата сместена кај поранешен „Мини Маркет“ беше во исклучително лоша состојба, за што во неколку наврати реагираа граѓаните. Ова е една од најстарите улици во Куманово, над градскиот пазар.
Кочани - Литературно-ликовниот-настан „Љубов за сите“, полн со емоции, посветен на ликовниот уменик Андријана Мациев, синоќа ја наполни малата сала во ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Пред посетителите се најдоа петнаесетина слики од три циклуси изработени од Андријана, ќерка на естрадниот уметник Јулија Мациевска.
Сепак, централното место на овој настан од културата во Кочани, го имаше промоцијата на автобиографското дело „Јас сум жива“, книга започната од Андријана, завршена од Јулија.
Андријана Мациев почина во 2022 година на 41-годишна возраст. Беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Зад себе остави триесетина самостојни и учество на повеќе од сто групни изложби во Македонија и опкружувањето.
Куманово - Новиот претседател на здружението на граѓани „Порака наша“ од Куманово, Сашо Арсениевски, кое од 2023 година е лиценциран давател на услуги во системот на социјална заштита под надлежност на Министерството за труд и социјална политика, денеска најави активности за примена на концептот „живеење со поддршка“, како современ модел за социјална инклузија и самостоен живот на лицата со попреченост.
-Во нашето законодавство постои правилник кој го регулира начинот на давање на социјални услуги, меѓу кои и услугата „живеење со поддршка“. „Порака наша“ сака да даде свој придонес за овие законски одредби да не останат само на хартија, туку да се унапредат преку иницијативи и активности, и навистина да заживеат во пракса, изјави Арсениевски.
Концептот е алтернатива на институционалното згрижување во старечки домови или специјализирани установи, кои, според Арсениевски, често не ги исполнуваат очекуваните стандарди на грижа.
Делчево – Во Делчево денеска се одржа првата форумска сесија од Буџетскиот форум за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година. На форумот активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, граѓанскиот сектор и локалните институции.
Целта на форумот е преку директно вклучување на граѓаните да се идентификуваат приоритетните проекти за реализација во наредната година, а Општината, земајќи го предвид гласот на граѓаните и направените анализи, ќе ги вгради нивните предлози во буџетското планирање.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој го отвори форумот, истакна дека големиот интерес на граѓаните е потврда дека тие сакаат активно да учествуваат во процесот на одлучување.
-Општината и граѓаните треба да градат партнерство и да водат отворен дијалог, бидејќи имаме единствена цел – задоволни граѓани во една урбана и модерна општина. Наша цел е буџетот да биде вистинско огледало на потребите на граѓаните. Мојата интенција е секој денар да биде насочен кон подобар животен стандард, подобра инфраструктура, образование, екологија, социјални услуги, но и култура, изјави Гоцевски.