• петок, 21 февруари 2025

Избор на најдобар деликатес со вино утре во Вински музеј - Кавадарци

Избор на најдобар деликатес со вино утре во Вински музеј - Кавадарци

Кавадарци, 11 февруари 2025 (МИА) - Кавадарци избира најдобар деликатес со вино во чест на празникот „Свети Трифун“, има голем интерес за настанот што ќе се одржи утре напладне во Вински музеј, информираа вечерва од Комисијата за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа, за сите љубители на виното и гастрономијата.

Марија Камчева, координаторка за еднакви можности при Општината, појасни за МИА дека се пријавиле околу 15 учесници и најави уникатен настан. 

- Комисијата за еднакви можности на општина Кавадарци по повод празникот, во соработка со Вински музеј, подготвува уникатно искуство. Организираме фестивал на креативноста и мајсторството во комбинирањето на виното со храната, со посебен фокус на уникатниот и магичен начин, бидејќи добрата храна и вино создаваат храна за душата, а сето тоа зачинето со креативност, поезија и музика. Секое вино носи своја приказна и посебен вкус, а кога го комбинирате со внимателно избран деликатес, добивате совршена хармонија, посочија од Комисијата. 

Може да учествуваат сите љубители на храната и виното, аматери, кулинарски ентузијасти и професионални готвачи, кои сакаат да го покажат своето мајсторство во подготовка на деликатеси што користат вино како клучна состојка.

- Учесниците треба да подготват деликатес што користи вино како основна или дополнителна состојка. Може да биде солена или слатка варијанта. Секој учесник треба на денот на изложбата да има рецепт со јасно наведени состојки и начин на подготовка. Подготвените деликатеси треба да бидат подготвени за дегустација. За најдобрите деликатеси следуваат награди, појасни организаторот на овој несекојдневен настан. 

Рокот за пријавување беше 10 февруари.

- Со виното се создаваат не само вкусови, туку и спомени. Овој „Свети Трифун“ прославете го на уникатен начин - со најдоброто вино и највкусните деликатеси, порачаа од Комисијата за еднакви можности. 

Настанот е утре, два дена пред верскиот празник „Свети Трифун“ што се слави на 14 февруари и се смета за заштитник на лозарите и винарите. свд/бд/

Фото: Комисија за еднакви можности - Кавадарци 

Остани поврзан