Доделени годинашните републички признанија за кривопаланечките крводарители
- Вкупно 149 крводарители добија благодарници за реализирани 5 и 10 крводарувања, 23 дарители за остварени 25 дарувања крв, а посебно беа истакнати Далибор Поповски, со исполнети 50 дарувања, како и Цане Ангеловски и Цене Поповски, кои досега 75 пати ја дарувале драгоцената течност, спасувајќи човечки животи.
Крива Паланка, 19 декември 2025 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка на свеченост што се одржа синоќа ги додели годинашните републички јубилејни признанија и благодарници за крводарителите и поддржувачите.
Вкупно 149 крводарители добија благодарници за реализирани 5 и 10 крводарувања, 23 дарители за остварени 25 дарувања крв, а посебно беа истакнати Далибор Поповски, со исполнети 50 дарувања, како и Цане Ангеловски и Цене Поповски, кои досега 75 пати ја дарувале драгоцената течност, спасувајќи човечки животи.
Настанот традиционално се одржува во март, на 17 март, кога се одбележува Денот на крводарителите, но поради бројните настани поврзани со јубилејот 80 години Црвен крст на Македонија, овојпат е поместен на крајот на годината.
-Почитта кон крводарителите не познава датуми, таа е трајна, постојана, исто како нивната хуманост, а тоа редовно го потврдуваат и резултатите на нашата општинска организација на полето на крводарителството. И резултатите од минатата година говорат сами за себе, кога во 15 крводарителски акции собрани се 1120 крвни единици, со што во висок процент е надминат годишниот план за 2024 и бевме една од најуспешните организации, со признание од републичкиот Црвен крст. Овој успех е потврда дека кога институциите, волонтерите и граѓаните дејствуваат сплотено, хуманоста останува најмоќната сила што менува судбини и носи вистински промени, рече Маја Илиевска, в.д. секретар на ООН Црвен крст Крива Паланка.

Taa uпати благодарност до сите крводарители за нивната несебичност, до волонтерите, за пожртвуваноста и до сите партнери на Црвениот крст, за континуирана поддршка, со посебен акцент на соработката со локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и со Институтот за трансфузиона медицина Скопје со кој успешно ги спроведуваат планираните акции и активности.
На свеченоста беа доделени благодарници на: Средно општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Добро Стевановски, Аце Јанковски и Ирена Белешковска, за поддржувачи на програмата за крводарителство за 2025 година. ид/аа/
Фото: МИА