Делчево подготвено за претстојните снежни врнежи
- Општина Делчево и надлежните служби се целосно подготвени за претстојните снежни врнежи и зимските услови на патиштата и улиците на територијата на општината.
Делчево, 8 јануари 2025 (МИА) - Општина Делчево и надлежните служби се целосно подготвени за претстојните снежни врнежи и зимските услови на патиштата и улиците на територијата на општината.
Зимското одржување на општинските улици и патишта ќе го врши фирмата СД-ТРАНС – Ѕвегор, избрана по спроведена јавна набавка и склучен договор со Општина Делчево. Одржувањето ќе се реализира согласно Планот за долгорочно зимско одржување на општинските патишта и улици за 2026 година, за што од општинскиот буџет се издвоени 354.000 денари со вклучен ДДВ.
-Со планот се опфатени: 88,5 километри асфалтни патишта, 42 километри макадамски патишта, 39,83 километри асфалтни улици. Надзорот над извршените активности го врши Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево, информираа од Општината.
Чистењето на снегот ќе започне пред снежната покривка да достигне 10 сантиметри на патиштата од прв и втор приоритет, односно 15 сантиметри на останатите сообраќајници. Посебно внимание ќе се посвети на критичните делници, како што се остри кривини, стрмни косини, мостови, нагиби, осојничави места, патни премини и вкрстувања.
-За одржување и чистење на тротоарите и јавните површини е задолжено ЈКП „Брегалница“ – Делчево, од каде информираат дека располагаат со потребната механизација и материјали, а по потреба дополнително ќе се набавуваат ризла и сол, додадоа од Општина Делчево.
Зимското одржување на регионалните и магистралните патишта е во надлежност на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Општината апелира до граѓаните на внимателно учество во сообраќајот и почитување на препораките на надлежните служби за време на зимските услови. вс/сст/
Фото: Општина Делчево