Дебарската ТППЕ лани ималa 102 интервенции, 83 од нив на отворен простор
- Дебарската територијална противпожарна единица, минатата година евидентирала 102 интервенции, што е за четири повеќе од претходната, но 24 помалку во однос на 2022 година.

Дебар, 3 февруари 2025 (МИА) - Дебарската територијална противпожарна единица, минатата година евидентирала 102 интервенции, што е за четири повеќе од претходната, но 24 помалку во однос на 2022 година.
- Од вкупниот број интервенции, 83 се на отворен простор, 12 на објекти, 3 интервенции при сообраќајни незгоди, останатите се технички интервенции. Поради брзата интервенција материјалната штета на објекти не е голема. Што се однесува до пожарите на отворено, по обем на зафатена површина се двата големи пожари кај селото Татар Елевци, над градот, како и пожарот над селото Гари, што се случија на крајот од јули и во август. Пламените јазици опожарија над 300 хектари мешана дабова шума, сува трева, ситно стеблеста, како и високо стеблеста шума, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната противпожарна единица.
Според него, во гаснењето на овие пожари, кои се на стрмен недостатен терен, покрај дебарските пожарникари, биле вклучени и вработените од подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“, како и месно население а во гаснењето на првиот пожар кај Татар Елевци и два „ер трактора“, кои со вода се снабдуваа од Дебарско Езеро.
-Сакам да ја нагласам одличната соработка со општина Дебар, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, но и со други институции како што се Одделението за внатрешни работи, шумската полиција, подружницата „Стогово“. Секако тука и населението, кое секогаш искажува подготвеност да помогне, посочува тој.
Четиринаесетте дебарски пожарникари освен во општина Дебар, интервенираат и во општина Центар Жупа, како и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше. Покрај тоа, од хуман аспект, во договор на локалните власти на Дебар и соседната албанска општина Пешкопеја, по потреба, тие интервенираат и во албанските пограничните населени места.
Во средината на септември со едно возило и четворица пожарникари помогнаа во гаснење на пожар во објект за производство на мебел, лоциран во населбата „Доброва“ во Пешкопеја, град кој е на оддалеченост од Дебар на 23 километри, чија локална власт искажаа голема благодарност, бидејќи беше спречено пожарот на зафати и соседни објекти. вт/са/
Фото: МИА/ТППЕ-Дебар