Дводневен неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Лавов
- Според најавите, одржувањето на симболичното заседание на ГАК во Лавов има за цел да упати порака да украинските граѓани дека местото на Украина е во Европската Унија, иако меѓу земјите членки на блокот сè уште не постои консензус околу ова прашање.
Брисел, 10 декември 2025 (МИА) – Министрите или државните секретари за европски прашања на земјите членки на ЕУ денеска и утре во украинскиот град Лавов ќе одржат неформален состанок на Советот за општи работи (ГАК) посветен на европската перспектива на Украина.
Според најавите, одржувањето на симболичното заседание на ГАК во Лавов има за цел да упати порака да украинските граѓани дека местото на Украина е во Европската Унија, иако меѓу земјите членки на блокот сè уште не постои консензус околу ова прашање.
Состанокот почнува попладнево со посета на министрите на повеќе локации во градот, по што ќе следи нивна заедничка вечера, што би требало да им овозможи размена за мислења и ставови околу темата на собирот.
Работниот дел од заседанието е предвиден за утре, при што според предлог-заклучоците подготвени од Данското претседателство со Советот на ЕУ, министрите „ќе испратат силна политичка порака“ за европската перспектива на Украина и „на политичко ниво ќе го потврдат досегашниот напредок“ на земјата на патот кон пристапување во ЕУ.
Целата на одржувањето на состанокот на ГАК во Лавов, според Данското претседателство, е „да се одржи моментумот за членство на Украина“ во Унијата, откако во 2023 година Европскиот совет донесе политичка одлука земјата да ги започне пристапните преговори, но засега не е постигнат консензус и за формална одлука за старт на преговарачкиот процес по кластери, поради резервите на Унгарија.
Се очекува за време на престојот во Лавов, европските претставници да им презентираат на украинските власти кои чекори треба да ги преземат за да би можеле да ги почнат преговорите по три кластери и тоа 1 – Основни вредности, 2 – Внатрешен пазар и 6 – Надворешни односи.
Во пресрет на состанокот, данската министерка за европски прашања Мари Бјери синоќа порача дека „поголема ЕУ претставува и посилна и побезбедна ЕУ“.
- Успеавме да обезбедиме поддршка од другите земји членки да работиме со Украина, со цел кога еден ден ќе го имаме потребниот консензус, да можеме брзо да се движиме напред, рече Бјере. сп/ми/
Фото: МИА Архива