Унгарија категорично го отфрли механизмот на ЕУ за распределба на мигранти
- Унгарија нема да го спроведе договорениот механизам за миграциска солидарност на Европската Унија и нема да прими „ниту еден мигрант“, изјави денеска Гергели Гуљаш, шеф на Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Будимпешта, 10 декември (МИА) – Унгарија нема да го спроведе договорениот механизам за миграциска солидарност на Европската Унија и нема да прими „ниту еден мигрант“, изјави денеска Гергели Гуљаш, шеф на Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Гуљаш ја даде оваа изјава на прес-конференција во Будимпешта, повторувајќи го долгогодишното противење на десничарската Влада на миграциските политики на ЕУ.
Министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во понеделникот постигнаа договор за т.н. солидарен механизам, кој вклучува систем за распределба на мигрантите меѓу земјите-членки. Според планот, земјите кои не сакаат да примат бегалци наместо тоа можат да обезбедат финансиски придонеси или материјална поддршка. Се очекува пактот да стапи во сила во јуни 2026 година.
- Ние нема да го спроведеме миграцискиот пакт, рече Гуљаш. Тој додаде дека ЕУ „нема авторитет да одлучува со кого треба да живеат Унгарците“, и посочи на референдумот од 2016 година, на кој гласачите го отфрлија она што Владата го опиша како присилно преселување на мигранти од страна на ЕУ.
Референдумот се одржа една година по врвот на бегалската криза во 2015 година, за време на која Унгарија постави огради со бодликава жица долж границите со Србија и Хрватска за да ја блокира миграцијата по балканската рута.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, со години е во конфликт со Европската комисија поради неговите рестриктивни политики за азил.
Во 2024 година, Европскиот суд на правдата ја казни земјата за повторени прекршувања на правото на ЕУ за азил, наметнувајќи еднократна казна од 200 милиони евра и дневна казна од 1 милион евра за непочитување. Судот како клучни прекршувања ги наведе де факто прекинот на барањата за азил и незаконското притворање на барателите на азил.
Комесарот на ЕУ за миграција, Магнус Брунер изјави дека жали за ставот на Унгарија. Зборувајќи за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, Брунер рече дека учеството на Унгарија би било корисно, бидејќи европскиот систем за миграција и азил „природно ќе донесе придобивки за сите“.
Прашан за можните последици за Унгарија, Брунер рече дека секоја земја што сака да биде дел од Европската Унија, исто така, мора да ги почитува нејзините одлуки. ссм/
фото: ДПА архива